Се случува, браќа, некој да слушне навредлив збор, и да не обрне никакво внимание, да го поднесе без да се возбудува, како ништо и да не слушнал; а понекогаш само што слушнал и веднаш се вознемирува. Која е причината за таа разлика? Една ли е таа причина, или се повеќе? Јас мислам дека има многу причини, но една е, така да кажеме, главна, која ги раѓа сите други причини. Главна причина на секоја наша вознемиреност, ако темелно истражуваме, е тоа што не се укоруваме себеси. Оттука произлегува и секое слично расположение, па поради тоа ние никогаш не наоѓаме мир.
Не можеме да се противиме на ова, ниту да се чудиме, кога слушаме од сите светии, дека друг пат освен самоукорувањето нема. Ние се надеваме да добиеме спокој, или си претпоставуваме дека одиме по вистинскиот пат, а никогаш не сакаме да се укориме самите себеси. И навистина, дури и човекот да прави и многу добри дела за многу луѓе, ако не се држи до овој пат, тој никогаш нема да престане да се навредува и да навредува други, губејќи ги така сите свои трудови. Напротив, каква радост, какво спокојство има оној кој се прекорува самиот себеси! Каде и да појде, оној што се прекорува себеси, како што вели авва Пимен, без разлика на каква на беда и бесчестие, или некоја друга несреќа, и да наиде, тој уште пред време ќе се смета себеси достоен за секаква мака и никогаш нема да се вознемири. Зарем има нешто побезгрижно од таквата состојба?
Но некој би можел да каже: „Ако братот ме навреди, а јас добро се преиспитам и утврдам дека не сум му дал никаков повод да ме навредува, тогаш како би можел самиот себе да се прекорувам?“ Вистината е, сепак, дека ако некој се преиспита себеси со страв Божји, тој би открил дека на секаков начин му дал повод за навредата, или со дело, или со збор, или со поглед. Дури и ако види, како што вели самиот, дека во моментот не дал никаков повод за навреда, тој треба да знае дека веројатно во некое друго време тој го навредил овој брат со нешто, или, пак, ожалостил некој друг брат, или, пак, направил некој друг грев, и сега е должен да претрпи казна за тоа. Затоа, како што реков претходно, ако се преиспита себеси со страв пред Бога и строго ја испита својата совест, тогаш тој секако ќе се најде себеси за виновен.
Се случува исто така некој, како што мисли самиот, да си седи мирно и молчи, но кога братот ќе му каже некаков навредлив збор, тој силно се вознемирува и уште смета дека има право да се лути на него, велејќи: „Да не ми пријдеше и да не ме вознемиреше со своите зборови, јас не ќе згрешев“. Колку смешно размислување. Какво ѓаволско искушение. Па зарем братот што му се обратил и му кажал некој збор, внел во тој збор и некаква страст? Тој само му ја покажал таа страст што веќе била во него, за тој, ако сака, да се покае за неа. Таквиот е сличен на мувлосан леб кој од надвор е добар, а внатре полн со мувла, па ако некој го прекрши, се открива целата гнилост во него. Така и овој си пребивал, како што му се чинело, во мир, но страста била скриена внатре во него, а тој тоа и не го знаел; Братот што му кажал еден збор ја открил сета гнилост што била скриена во него. И така, ако тој сака да добие милост треба да се покае, да се очисти и ќе успее; И ќе види дека е должен да му заблагодари на братот за добивањето на таква полза. Бидејќи понатаму тоа искушение нема да го измачува толку како порано; колку повеќе тој се бори со него, толку полесно ќе му се чини тоа. И како што душата ќе успева да го победува тоа искушение, така таа ќе станува поцврста и ќе стекнува сила за да ги поднесува сите искушенија што можат да ја стигнат. На пример: ако животното е силно, дури и кога премногу ќе се натовари, тоа мирно ќе си го носи товарот, па и да му се случи да се сопне, веднаш ќе стане и ќе продолжи, не чувствувајќи последица од падот; но во спротивно, ако животното е слабо и без сила, тогаш и лесен товар ќе го обременува и ако случајно падне, ќе му треба голема помош за да се подигне. Исто така е и со душата: како што таа го извршува гревот, така изнемоштува од него, бидејќи гревот ја ослабува душата и го истоштува оној што му се предава; понатаму сѐ што ќе му се случува на тој човек, навреди и слично, уште повеќе ќе му ја оптеретува душата. Ако, пак, човекот преуспева во добро, по мерката на тоа преуспевање, за него сега ќе биде полесно она што порано му било тешко. Од сето ова кажано можеме да заклучиме дека, ако ние во сѐ што се случува со нас се сметаме себеси за виновни, а не другите, тоа ќе ни донесе многу добра, и спокој, и преуспевање и затоа особено сме должни ова да го правиме, знаејќи дека ништо не се случува со нас без промислата Божја.
Некој, пак би можел да каже: „Како да не се лутам, кога не ја добивам работата што ми е потребна, иако ми е многу потребна?“ Ни во тој случај таквиот нема право да прекорува никого друг или да се лути на некого. Бидејќи ако тој навистина има потреба од нешто, како што кажува самиот, и не го добива, тогаш тој е должен да каже: „Христос знае подобро од мене дали треба да го добијам тоа што го сакам или не, и Он ќе ми биде придобивка, наместо сите работи и наместо сета храна“. Синовите на Израил јаделе манна во пустината цели 40 години, и иако манната секогаш била иста, сепак, за секого од нив таа била она што му било потребно: за оној што имал потреба од солена храна, таа била солена, на тој што му требало да биде слатка, нему му била слатка; со еден збор, на секого таа му била она што било во согласност со неговите потреби.Па така, ако на пример на некого му треба јајце, а не го добива, туку добива само овошје, тој нека си каже во мислите: „Да беше за мене корисно да добијам јајце, Бог сигурно ќе ми го испратеше, но јас знам дека Он може да направи и самите овие овошки да ми го заменат јајцето“. И јас Му верувам на Бога, а сето ова мое трпение ќе ми биде примено како мачеништво. Зашто ако некој навистина е достоен за спокој, тогаш и Сараценското (варварско) срце, Бог ќе го вдахнови да му пружи милост, во зависност од неговите потреби. Но доколку некој не е достоен за спокој, или, пак, тоа не е корисно за него, дури и да создаде ново небо и нова земја, тој нема да најде спокој.
Па така, некогаш човекот наоѓа спокој, дури и над своите потреби, а понекогаш не го добива ни најпотребното. Милостивиот Бог знае и на секого ќе му го даде она што му е потребно. Но, кога Он на човекот му испраќа повеќе од она што му е потребно, Он го учи човекот да биде благодарен, а кога не му го испраќа ни она што му е најпотребно, тогаш со Своето слово му го заменува потребното на човекот и го учи на трпение.
И во првиот и во вториот случај должни сме секогаш да гледаме нагоре. Кога некој ќе ни направи добро или, пак, кога ќе претрпиме од некого зло, ние сме должни да погледнеме кон небото и да Му заблагодариме на Бога за сѐ што ни се случува, секогаш прекорувајќи се самите себеси. И, да велиме, како што рекле отците, дека ако ни се случи нешто добро тоа е дело на Божјата промисла, а ако нѐ снајде нешто лошо, тогаш тоа е поради нашите гревови. Бидејќи навистина, сѐ што трпиме, ние трпиме поради нашите гревови.
Продолжува