Како да ги добиеме и да ги запазиме трпеливоста и добродушноста? – Вистинската трпеливост и добродушност не можеме да ја придобиеме, ниту да ја запазиме без смирувањето на срцето. Кога трпеливоста ќе излегува од овој извор, тогаш нема да ни биде потребно – за одбегнувањето на казните од непријатностите – да се затвориме во нашите ќелии, ниту да се криеме во пустините. Утврдувајќи се во длабочината на душата врз добродетелта на смирението, која нè родила и отхранила, таа веќе нема потреба од надворешни помоши средства. Затоа, ако се растревожиме поради некоја непријатност, тоа е веќе јасен доказ дека во нас уште не се утврдени основите на смирението, и дека нашата внатрешна зграда може да биде разурната од секој најмал потрес. Трпеливоста не е достојна за пофалба тогаш, кога не сме потресени од стрелите на непријателот; таа е достојна за пофалба само тогаш, кога останува непоколеблива за време на бурата на демонските искушенија. И она со што таа бива изострувана и засилувана, со тоа и се притапува. И никому не е непознато дека трпеливоста го добила своето име од трпеливото поднесување на маките и страданијата, па затоа за никого не може да се рече дека е трпелив, ако не е во состојба трпеливо да ги поднесува незгодите, маките и страданијата. Па затоа, премудриот Соломон со право го пофалува трпеливиот човек, велејќи: Долготрпеливиот е подобар од храбриот, и кој владее со себеси, подобар е и од завојувачот на градови; кај трпеливиот човек разум има многу, а лутиот полн е со глупости (Изреки 16,32;14,29). Затоа, кога некој трпи некоја мака и се разгорува со гнев, тогаш не треба да ги сметаме маките и навредите како причина за неговиот гнев, туку само како повод за откривање на болеста на гневот што била и пред тоа во него, според параболата на Спасителот за двата дома: едниот што бил изграден на карпа, а другиот на песок. Со еднаква сила на бура од дожд и ветер биле нападнати двата дома. Домот што бил изграден на карпа не претрпел никаква штета од тој силен удар, а оној што бил изграден на подвижен песок веднаш се разурнал до темел, очигледно не затоа што бил подложен на тој силен удар на ветровите и брановите, туку затоа што бил неразумно изграден врз песок. Исто така, и светиот човек не се разликува од грешникот во тоа што тој не бива искушуван со толку големо искушение, туку затоа што него не го победуваат ни големите искушенија, а грешникот паѓа и од сосема малите искушенија. А и храброста на праведникот не би била достојан, како што рековме, за никаква пофалба, кога би бил победник без да биде искушуван; тогаш, пак, не би ни можело да се говори за победа – кога не би имало непријателски напади, како што вели Свети Апостол Јаков: Блажен е оној човек, кој поднесува искушение, бидејќи откако ќе биде испитан, ќе добие венец на животот, што Господ им го ветил на оние, кои Го сакаат (Јаков 1,12). И според Свети Апостол Павле, силата Божја не е во спокојот и во успесите, туку се покажува во слабоста (2. Кор. 12,9). Така му говорел Господ и на Јеремија, велејќи: И ете, Јас те поставив денес како утврден град, како железен столб и како бакарен ѕид против сите цареви јудини и кнезовите на целата таа земја, против свештениците негови и против народот на таа земја. Тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат; зашто Јас сум со тебе, за да те избавувам – вели Господ (Јерем. 1,18-19).
За ваквата трпеливост сакам да ви го дадам примерот што ни го покажала една побожна жена, која сакала да се усоврши во оваа добродетел, па не само што не бегала од искушенијата, туку сакала да ја навредуваат. И колку повеќе ја навредувале, таа бивала сè посилна и потрпелива – не паѓала под ударот на силните искушенија. Таа жена живеела во Александрија, а потекнувала од познат род и во домот, што и бил оставен од нејзините родители, побожно Му служела на Бога. Еднаш отишла кај Александрискиот Архиепископ Атанасиј и го замолила да ѝ даде една од вдовиците, за кои се грижи Црквата, за да се грижи за неа и да ѝ служи. Архиепископот ја одобрил намерата на таа жена – нејзината желба да покаже милосрдност кон една од сиромашните сестри, и ја повикал да дојде и сама да си одбере една од нив која би била почесна и поблагородна од другите, за да не ѝ биде тежок товар и да не ѝ ја ослабне верата. Таа што ја зела и што ја довела во својот дом, била толку скромна и мирна, така што секој час ѝ благодарела за добрината што ѝ ја прави. По неколку дена, благородната жена повторно отишла кај Архиепископот и му рекла: „Јас барав да ми дадеш таква жена, на која би можела јас да ѝ служам со полна послушност“. Архиепископот прво не ја разбрал што сакала да му каже, па ги прашал веднаш своите луѓе зошто уште не била извршена неговата наредба и не ѝ била дадена една од вдовиците на таа угледна жена. Тие му рекле дека неговата заповед е извршена и дека на таа жена ѝ е дадена една од најблагородните вдовици. Тогаш тој сфатил што барала таа мудра жена и наредил да ѝ ја дадат најлошата меѓу нив, која ги надминувала сите со својата гневливост, бујност, зборливост и суета. Кога ја одвела во нејзиниот дом, таа ѝ служела така, како што ѝ служела и на онаа пред неа, а место благодарност, таа ја навредувала со најлоши зборови и ја прекорувала со ранливи подбивања, говорејќи дека ја зела во својот дом за да ја измачува. Понекогаш нејзината грубост ги надминувала сите граници, така што почнала и да ја тепа својата добротворка. Таа, пак, го удвојувала своето смирение и се трудела да ја скротува со својата трпеливост. Гледајќи колку е сето тоа корисно за неа и утврдувајќи се повеќе во трпеливоста – во толку саканата добродетел – таа отишла кај Архиепископот за да му заблагодари што ѝ ја дал токму таа вдовица; што направил толку мудар избор, бидејќи ѝ помогнала во тоа што толку многу го сакала; дека ѝ станала одлична учителка во добродетелта на трпеливоста, напомнувајќи дека првата била сосема кротка и таа повеќе ѝ угодувала и служела, отколку што можела тоа да ѝ го прави нејзе, а втората дека вистински ја укрепила во трпеливоста.