Зошто христијаните ја губат љубовта?

Арх. Рафаил Карелин

✣✤✣

Зошто христијаните ја губат љубовта?

(Извадок)

„Образованието на луѓето и традицијата на народот, колку и да се несовршени, за своја основа го имаат трудот да се сочува убавината и благородноста на човечката душа. Традицијата, обичаите, заедничкото мислење, возвишеноста на целомудреноста, спремноста на жртва – беа форми со кои се чуваше љубовта. Сега современиот човек им се потсмева и ги руши овие традиции; моралните принципи се сфаќаат како окови, во кои човекот низ историјата бил заклучен. Во сите историски епохи постоеше сфаќање за гревот и порокот, но тие беа оценувани како зла и болести, кои го разјадуваат човечкото друштво. Сега гревот и порокот престанаа да ги смутуваат луѓето: нешто друго ги смутува, всушност, а тоа е осудата на гревот.

За луѓето, кои живееја пред потопот, во Светото Писмо е кажано дека беа плот, т. е. кај нив исчезнаа потребите на духот, се изопачија чувствата на душата, и започна власта на телото: човекот се изедначи себеси со своето тело, и затоа падна пониско од сè што живее на земјата. Кога човекот ја губи убавината на својата душа, тој не е во состојба да љуби, и не може да разбуди љубов кај другите. Во телото се вгнездуваат само инстинктите и мрачните страсти. Страстите се одвратни; човекот може да им се предава, но не може да ги љуби. Затоа луѓето, губејќи ја убавината – ја губат љубовта. Лагата, клеветата, демонскиот свет на наркотиците и алкохолот, блудот и развратот во најбесрамните облици, ги прави луѓето безобразни (без образ). Затоа меѓу луѓето се зголемува дистанцата, затоа емоционалната оладеност ја претвора земјата во гробница, во која се населени живи трупови.

Во чистотата се крие духовната светлост и радост, а во гревот и порокот – тежината и духовниот мрак. Современиот свет сака на човекот да му ја одземе чистотата, да ѝ се потсмева, да ја уништи. Затоа, светот за луѓето сатана туѓ и празен. Човекот не ја чувствува болката на другиот, не сака и не може да го стопли со топлината на својата душа. Човекот е исплашен од светот и се штити од луѓето. Таа осаменост, свесна или несвесна, пустинска осаменост – тоа е најстрашното проклетство на нашиот век.“

Извор: Премин портал