Што е тоа магија и колку видови магии постојат? (I дел)

Под зборот маѓепсништво поимаме повикување на демонските сили, наместо Бога, на помош на човекот, со цел за исполнување на поединечни човечки желби. Магии биле практикувани и кај еврејскиот народ во време на Старозаветниот закон, и кај христијаните во законот на благодатта, за жал до нашиве времиња. Во Стариот завет цар Саул ја бара помошта од ѓаволот обраќајќи се на една маѓепсничка, поради што бил строго казнет од Бога. Маѓепсник бил и Валаам. Според учењето на свети Никодим Светогорец маѓепсништвото се дели на повеќе видови, и тоа:

  • Магија, под која се подразбира повикување на ѓаволи, за да им откријат на луѓето скриени богатства, изгубени предмети и слично.
  • Гатањето е вториот вид на маѓепсништво со кое некои луѓе ја претскажуваат иднината преку цртите на дланката, што се нарекува хиромантија, и со помош на други предмети (зрна, карти, кафе итн.).
  • Баење, спиритизам, односно повикувањето на помош на ѓаволи во темни соби или на гробови, за да ги казнат оние што се во живот. Бајачите тврдат дека ги повикуваат душите на умрените од пеколот, исто како и гатачите од времето на пророк Самуил, за да го дознаат идното или за да се одмаздат на некого.
  • Во нашево време се практикува меѓу некои верници следново: баење, гаснење на јагленчиња, изговарање на посебни зборови заедно со молитви за болни кои тврдат дека се „маѓепсани“ итн.
  • Гатање или маѓепсување со посредство на свети предмети, како на пример гатање преку Псалтир, кое денес се нарекува отворање на правилата. Гатање со црковни предмети, како што се остатоци од свештенички одежди, црковен клуч, пепел од кадилницата, пишување на имињата на клепалото на камбаната, на ѕидовите во црквата или нивно внесување во кандилата итн.
  • Магии, односно гатање на младите за да стапат во брак едни со други, или за да се разделат, преку повикување на помош на ѓаволот.
  • Гатање според внатрешноста на животните, кое се нарекува „иконоскопија“. Во овој вид на гатање припаѓаат и соништата, зодијакот, лошите и добри часови, гатање според екстремитетите на телото, кое се нарекува и претскажување (зуење на ушите, треперење на окото, чешање на дланките).
  • Амајлии и талисмани, под кои се разбира носење на рацете или на градите некакви сатански знаци, врвци, клучеви, предмети или обоени парчиња платно, поради чување од болест, од опасност и од штета, бидејќи најнапред над нив се повикува силата на ѓаволот.
  • Демоноповикувачи се оние кои го повикуваат името на ѓаволот. Тука се вбројуваат оние што палат оган пред куќите и го прескокнуваат пламенот, оние што се гатачи уште од детство, како и оние што гатаат според внатрешноста на животните, или ја земаат плодноста на говедата, кое е маѓепсништво што се практикува во нашиве дни.
  • Астрологијата е маѓепсништво кое се практикува уште од најстари времиња, па сè до денес. Под астрологија се поима претскажување на претстојните настани преку движењето на ѕвездите, планетите, ветровите, облаците и другите природни појави. Астролозите тврдат дека секој човек има сопствена „ѕвездена карта“.

Ете неколку од најобичните видови на маѓепсништва, некои се потполно заборавени, други се практикуваат и во нашиве дни, кои ги спречуваме и од кои треба да бегаме, бидејќи тоа се ѓаволски прелажувања, кои прелестуваат мнозина христијани за нивна погибел.

Дали може маѓепсништво да му помогне повеќе на човекот, отколку што ни помага силата и благодатта Божја?

Нека се знае дека ѓаволите немаат никаква сила некого да излекуваат, да откријат некоја штета или некои злосторници. Тие никогаш не можат да прават вистински чудеса, туку само со лажни призраци ги прелажуваат неверниците и слабите во верата. Оваа вистина ни ја покажува божествениот отец Јован Златоуст, велејќи: „Зар не гледаш дека ѓаволите не можеа да ги излекуваат од лепрата и крастите, кои Мојсеј ги фрли на Египет, дури ниту гатачите и бајачите кои ним им служеа, па зар тебе ќе те излекуваат (2 Мој. 9,11)? И ако ѓаволите не се смилуваат на твојата душа, како ќе се нажалат поради болката на твоето тело?

Ако ѓаволите се трудат да те избркаат од Царството Божјо, како ли ќе те спасат од болеста? Тоа се потсмевања и приказни. Да не се прелажуваш, христијанину, бидејќи волкот никогаш не може да стане овца, ниту ѓаволот некогаш ќе стане лекар. Бидејќи полесно ќе може огнот да направи да падне мраз и снег за времето да се стопли, отколку ѓаволот вистински да лекува“ .

Значи, кога ќе се разболиме или имаме неприлики, или нам ни се прави неправда, или имаме штета, или синови за женидба, и други тешкотии во семејството, повеќе да не прибегнуваме на помош од ѓаволот и неговите слуги, кои се гатачи и маѓепсници, туку да брзаме во црквата и да одиме при свештениците, на молитва и на пост, и веднаш нашиот Благ Отец ќе ни помогне, Кој нè создаде, бидејќи има милост кон нас.
 

Сведоштва за демонските влијанија врз човекотПреп. Пајсиј Светогорец
Што е тоа магија и колку видови магии постојат? (I дел)
Гревот на гатање со светите книги, кое денес е вообичаено кај верниците (II дел)
Дали маѓепсниците имаат виденија? (III дел)
Дали маѓепсниците имаат виденија? (III дел)
Како се одврзуваат магиите – (V дел)
Зошто христијаните западнаа во магии? – (VI дел)
Ѓаволот треба да се плаши од христијаните, а не христијаните од ѓаволот – (VII дел)
Кои се последиците од Гревот на маѓепсништвото? – (VIII дел)