Поради колку причини луѓето се прелажани со празни виденија и соништа?

За учеството на демоните во монашките сновиденија, Свети Јован Лествичник расудува на следниов начин:

„Кога ние, оставајќи ги заради Господа својот дом и своите роднини, се предаваме на отшелништво од љубов кон Бога, демоните се обидуваат да нè вознемират со сновиденија, претставувајќи ни ги роднините како тагуваат, или умираат, или како заради нас трпат искушенија. Поради тоа, оној кој им верува на соништата личи на човек кој трча по својата сенка, настојувајќи да ја фати“.

Демоните на суетата во сонот стануваат пророци. Во својата препреденост и лукавост, според некои знаци тие заклучуваат што ќе се случи, па ни јавуваат однапред за да се воодушевуваме кога соништата ќе ни се исполнат во јаве, и за да почнеме да мислиме високо за себеси – како веќе да сме блиску до дарот на прозорливост. Таквиот човек честопати станува пророк во очите на оние кои им веруваат на демоните. За оние, пак, кои ги презираат демоните, тој е секогаш лажец. Бидејќи е дух, демонот гледа што се случува во воздушниот простор. Забележувајќи дека некој, на пример, умира, тој на маловерните во сон им претскажува за настанот. Меѓутоа, демоните ништо не знаат за иднината по предзнаење. Впрочем, и лекарите се во состојба да ни ја претскажат смртта!

Честопати демоните се преобразуваат во ангели на светлината и земаат на себе лик на маченици, па во сонот ни прикажуваат како им приоѓаме. Кога ќе се разбудиме, тие нè исполнуваат со радост и гордост. Тоа нека послужи како знак дека сме измамени. Зашто ангелите, кога ќе се јават, ги прикажуваат вечните маки, Страшниот суд и изгонувањето од Царството Божјо и затоа оние кои се разбудиле од таков сон се исполнуваат со трепет и скрушеност.

Ако почнеме да им се покоруваме во сонот, демоните и во будна состојба ќе нè исмејуваат. Човекот кој им верува на соништата, потполно е неискусен. Мудар е, пак, оној кој воопшто не им верува. Верувај им само на оние сновиденија кои ти ги објавуваат вечните маки и Страшниот Суд. Но, ако те доведуваат до очајание, тогаш и тие се од демоните.

Преподобен Касијан Римјанин раскажува за некој монах, по потекло од Месопотамија, кој водел сосема осаменички и испоснички живот, но загинал поради измама од демонски сновиденија. Гледајќи дека монахот сосема малку внимание обрнува на своето духовно усовршување, и дека сиот се предал на телесниот подвиг, па вредноста ја препишувал на тој подвиг, односно на самиот себеси, демоните почнале да му прикажуваат соништа кои, по нивното лукавство, се остварувале на дело. Кога монахот се утврдил во верата во своите соништа и себеси, ѓаволот во величествено сновидение му ги претставил Евреите како се насладуваат со небеските блаженства, а Христијаните како страдаат во пеколните маки. Притоа демонот – се разбира во лик на ангел, или на некој од старозаветните праведници – го посоветувал монахот да го прими јудаизмот, како би добил можност да учествува во блаженството на Евреите, што, пак, монахот го исполнил без и најмалку премислување. Кажаново е сосема доволно за да им објасни на нашите возљубени браќа, колку е неразумно да им се верува на соништата и каква страшна штета може да настане од таквото верување. Кога им обрнуваме внимание на соништата, во душата незабележително се вовлекува и верата во нив, па затоа е строго забрането да се обрнува внимание на нив.

Природата, која е обновена со Светиот Дух, се раководи по сосема поинакви закони од онаа природа која е падната и утврдена во својот пад. Со обновениот човек раководи Светиот Дух. „Ги озари благодатта на Божествениот Дух – како што вели преподобниот Макариј Египетски – и се смести во длабината на нивниот ум: на таквите Господ им е како душа“. И во будна состојба и во сон, тие пребиваат во Господа, настрана од гревот, надвор од земните и телесни помисли и мечтаења. Нивните помисли и мечти, кои за време на сонот не се наоѓаат под раководство на човечкиот разум и волја, и кои кај другите луѓе делуваат несвесно според барањата на природата, во нив делуваат раководени од Духот, па сновиденијата на таквите луѓе имаат духовно значење. Така и праведниот Јосиф преку сон беше научен на тајната на Воплотувањето на Бога Логосот; во сон му беше заповедано да се засолни во Египет и потоа да се врати оттаму (Матеј 1-2). Сновиденијата кои ги испраќа Бог, во себе поседуваат непоколеблива убедливост. Таа убедливост им е разбирлива и сфатлива на Божјите Светии, а недостижна е за оние кои сè уште се наоѓаат во борба со страстите.

Кога ќе легнеш во постела треба да се сеќаваш на смртта, чија слика е привремениот сон, и одрекувајќи се од сите помисли и мечтаења, да заспиеш со Исусовата молитва на усните.