Текстот што следува е дело на познатиот црковен историчар и најголем проучувач на Охридската архиепископија, легендарниот професор г. Иван Снегаров од Охрид. Оваа негова статија е објавена во списанието „Духовна култура“, јануари 1946 г. (Месечно списание на Св. Синод на БПЦ за религија, философија, наука и култура). Текстот е приложен со мали скратувања.
Излегувам да говорам за објавената тема не со цел да предизвикам или да распламтам некакви чувства, да трогнам или да приведам во восторг. Мојата цел е сосема проста, научно-популарна – да дадам, со помошта на црковната историја, известување и разјаснение на едно црковноправно прашање, коешто е тесно сврзано со историјата на православните Цркви… Тоа е и прашање на црковната историја на Балканскиот полуостров и одделно на Македонија, коешто многу десетлетија наваму беше предмет на кабинетско изучување од страна на научниците, а денес дава изгледи да земе жив и разбранувачки вид, вплетувајќи се небрежно во балканските политички прашања.
Уште старите Римјани (имено преку устата на великиот Цезар) велеле дека историјата е учителка на животот (Historia est magistra vitae). Такво значение ѝ дале на историјата и старите Грци. Не напразно тие ја нарекле ἱστορία (historia) – збор, којшто произлегува од грчкиот глагол οἶδα (oida), што значи знам, или поточно од вториот глагол ἱστορέω (historeo), односно ’узнавам, иследувам, прашувам, се запознавам, гледам некого‘. Во своето Послание до Галатјаните апостолот Павле вели дека отишол во Ерусалим ἱστορῆσαι τὸν Πέτρον (да се види со Петар – Гал. 1,18), т.е. да се запознае, да се види со апостолот Петар. Така што во античко време под историја подразбирале проверено знаење, знаење установено преку истражување или изучување, што е полезно за напредокот на човечкиот личен и општествен живот. Старите Грци ја сметале за мудрост науката за историјата – ἡ σοφία ἐστιν ἱστορία τῆς φύσεως (he sophia estin historia tes phisseos). Поради тоа и двата древни класични народи – Грците и Римјаните дале големи историчари (Херодот, Тукидит, Тит Ливиј, Светониј), коишто со своите дела станале не само обрасци на историописци, но се јавуваат и како учители на општествени и државни строители од разни епохи и времиња…
Историјата е јасно, направено огледало на минатото. Таа е разнострано раскритие на народната душа. Секој којшто сака да биде полезен на својот народ, треба да ја чита и изучува со внимание и без фантазирање, ако сака да ја разбере врската на историските факти и нивната смисла.
И денес, кога се творат нови политички и општествени форми, историјата ќе ни биде верен раководител и компас.
Таа дејствува и денес, како што ќе дејствува и утре. На изглед таа лежи заедно со одамнешните мртви, но во реалноста таа се движи и со нас живите, како сенка од нашите тела, зашто ништо човечко не настанува од ништо. Денешните собитија ги кријат своите корени в минатото, коешто е стебло на иднината. Од тоа гледиште тргнувал и Тертулијан, кога рекол дека „семе е крвта на мачениците“ (Semen est sanguis christianorum). Семињата на сегашните историски дејствија се посеани во далечината на минатото. Со право е речено: „Што ќе си посееш, тоа и ќе пожнееш“. Сегашноста е жетва од сеидба во минатото. Закономерност има не само во природата, а и во историјата на човештвото.
Ете, денес никнуваат прашања, коишто на изглед се природни рожби на денешните политички собитија, а во дејствителност, поставени крај фенерот на историјата, тие ни се јавуваат и ни се гледаат како природни производи на сили, што дејствувале во минатото. Такво е по суштина и прашањето, коешто сум го поставил за тема на денешната ми општа лекција. Немав намера да зборувам нарочно за тоа прашање, ниту пред мојот аудиториум, ниту на друго место, но се решив сосем случајно. Некои од моите студенти, коишто ги слушаат моите лекциите по црковна историја, посакаа да им го разјаснам и тоа прашање. Како преподавател по црковна историја, го сметав за свој долг да им го задоволам нивното желание, толку повеќе, затоа што сум се занимавал многу години со историјата на Охридската архиепископија.
И си реков: добро ќе биде, ако чујат не само тие, а и студентите богослови, коишто веќе го ислушале учебниот предмет црковна историја, исто и новите студенти богослови, за да имаат верна претстава за новиот црковен живот во соседната и на нас блиска земја – Македонија…
Реалноста е посилна од секакви теории и желанија, и тешки разочарувања преживува оној, којшто не се сообразува со нејзината сила.
Има историски факти, коишто нѐ уверуваат дека навистина, како што пее народниот поет Ив. Вазов, не се гаси тоа, што не гасне. Постојат духовни цености, коишто може за извесно време да се отфрлат и да немаат општествена стојност. Така е и со материјалните цености. На пример, античките златни пари сега не можат да служат за купопродажба, ниту за моден украс, но кој може да ја уништожи нивната внатрешна стојност? Ниту времето не е во можност да го разјаде златото, ниту плевелот да го разруши. Тоа си останува благороден, драгоцен метал за сите народи и земји. Каква радост чувствува ловецот на богатство, кога ќе открие златно сокровиште! Какво воодушевување го бранува археологот, кога ископините ќе го усреќат со наод на стари монети! Пред неговиот поглед се движи цел древен свет, со својот трговски и културен живот.
За идејните цености вообичаено се мисли дека тие не се така трајни, дека тие наполно се променуваат, онака како што се менуваат нашите мисли и чувства. Ретко ли е, еден и ист општествен деец да мислел едно на младини и да поддржува други идеи на старини? Таквиот внатрешен прелом е и двигател на човечкиот напредок. Сепак, постојат и долготрајни творби на историскиот живот. Има и вечни идеи, коишто ги движат народите. Таквите цености може да бидат потценувани во некоја епоха, може да се сопрат нивните дејствија, може да се променат нивните имиња, но не се уништуваат. Тие живеат во нашата потсвест и чекаат подолго или пократко време, за да влијаат на нашето сознание и да дејствуваат како порано и дури уште посилно. Таква е идејата за национална држава. Еден народ може да падне под туѓо иго, цели векови и да биде потиснат, но штом тој живее, во неговата душа е спотаен копнежот за родна држава. Истото дејствие го има и идејата за национална Црква…
Охридската архиепископија е една историска драгоценост, која откако извршила долга полезна општествена служба и добила славно име, била ту заборавана, ту повторно се споменувала. Не е тука местото да говорам за нејзиниот происход, кој се оспорува без никаква основа, само од некои српски историчари. Исто така не е умесно да настапам со нејзиниот характер и дух. Кој се интересира може да го прочита моето сочинение за неа (т. I 1924 год. И т. II 1932 год.). Таа го сочувала своето активно постоење како продолжение на укинатата Преславска патријаршија, а фиктивно како продолжение на Јустинијана Прима, основана во 535 г. од византискиот император Јустинијан Велики, а исчезната при налетот на Славјаните во почетокот на VII век. Охридската архиепископија постоела близу осум века – до почетокот на 1767 год., кога била укината по барање на цариградскиот патријарх Самуил I и по заповед на султанот Мустафа III. Низ тој долг период, таа ги преживеала сите страданија на својата паства, која била нејзина главна материјална потпора. Особено во турско време таа била единствената заштита на православното население во нејзината диецеза, против агресивното мухамеданство, и таму имало значително помалку отстапници од христијанската вера, отколку во областите на другите автокефални цркви, на пример Босна (под Печката архиепископија), во Кавказ, Сирија, Палестина и Египет. Во Охридската диецеза мухамеданството најмногу успеало во Албанија, којашто била разјадувана од католичката пропаганда, а делумно во Македонија – тоа имало слаби завладувања во Кичевско, Тиквеш и Меглен, и тоа главно после укинувањето на Охридската архиепископија. Во времето на турското ропство, поткрепена од народот, Охридската архиепископија била дејствителна народна Црква, и по устројство и по социјално-политичките цели. Тогаш гледаме свикувања на црковно-народни собори, во кои влегувале значителен број занаетчии и трговци. Ете зошто, кога Охридската архиепископија била укината, нејзината паства во Македонија и Албанија била исполнета со голема болка и силно негодувала против извршениот престап над неа.
Во Охрид долги години живо го поменеле својот благороден и возљубен последен „патрик“ Арсениј, кој ненадејно бил протеран од Охрид и заточен во Св. Гора, носејќи ги со себе и царските грамоти за правата на својата Црква.
Таа народна болка не исчезнала ниту во времето на црковната борба. Тогаш таа повторно се засилила и била излеана во мошне умилителната елегија „В хиляда и седемстотин и шесдесет и второ лето“, напишана од охридскиот поет Григор Прличев – песна, која и сега се пее во Охрид и се слуша од сите со голема наслада. Таа песна не само што го поттикнувала народот во борба против духовното ропство, туку и ја заживеала идејата за Охридската архиепископија. Уште по смртта на својот митрополит Јоаникиј (декември 1869 година), охриѓани побарале од Цариградската патријаршија владика од својот род и го подигнале прашањето за обновувањето на Охридската архиепископија. Охриѓанецот Маргарит Димица (Димзов), макар и да се грчел, напишал остра критика против постапката на цариградскиот патријарх Самуил I, докажувајќи дека тоа негово дело е незаконско. Кога се заостриле односите помеѓу охридскиот грчки митрополит Мелетиј и неговата паства, особено по умртвувањето на народниот учител Димитар Миладинов, охриѓани јавно побарале да се востанови Охридската архиепископија, дури почнале да сметаат дека таа веќе постои, и нивната општина издавала документи со името на таа архиепископија. Бугарските црковни дејци, особено идеологот на црковната борба Гавриил Крстевич, во таа идеја наоѓале здрава канонска основа и ја поддржале да се оствари како една етапа за целосно решавање на црковното прашање, од две причини: 1) зашто Охридската архиепископија имала строго определени територијални граници, признавани од византиските императори со особени хрисовули и 2) сметана за истоветна со Првојустинијанската архиепископија, таа поседувала голема привлечност со авторитетот на византискиот законодавец Јустинијан Велики, поради што другите помесни цркви ја признавале за канонска величина и се наоѓале во полно општење со неа.
Со таквите свои качества, Охридската црква заземала важно место во заштитата на тие црковни борци и се појавиле цели научни сочиненија, со кои се докажувало дека справедливоста налага Охридската архиепископија да биде возобновена.
По создавањето на Бугарската егзархија (1870 год.) во Охрид сè уште мечтаеле за возобновување на автокефалната Охридска архиепископија, како заменичка на полунезависната Егзархија, но со постоењето на султанскиот ферман се помириле со придобиеното и испратиле свои претставници на црковно-народниот собор, свикан од Егзархијата во 1871 година.
Националната борба во Македонија, како што е познато, се водеше под две одделни знамиња – на Патријаршијата и на Егзархијата. Едноверното, еднородно и еднојазично население се беше разделило на два непријателски логора – патријаршисти и егзархисти. Во 1873 година, Скопската, Охридската, Битолската и други епархии, преку народни избори (истиљам) изјавија дека ја прифаќаат Егзархијата.
Така речиси цела Македонија беше духовно раководена од Егзархијата до Балканската војна (октомври 1912 год.), во борба против грчката и српската пропаганда, исто во борба против грчките, а подоцна и против српските владици.
Откако Македонија беше разделена меѓу Бугарија, Србија и Грција, таа беше разделена и во црковен однос меѓу помесните цркви во тие држави.
При сето тоа, споменот за Охридската архиепископија или патријаршија (така ја нарекува народот) не исчезнал. Осум векови таа го воспитувала православното население во Македонија и оставила неизбришливи траги во неговата душа. Како што ние ги наследуваме карактерните особини на своите родители, дедовци и прадедовци, така воздејствувала врз еден народ и неговата духовна мајка – неговата родна Црква, во чии скут тој растел, под влијанието на нејзините вдахновени песни и мудри совети. Дали со прочуената револуционерна борба за автономија на Македонија не се одразувала несвесно вековната борба на Охридската архиепископија за својата автокефалија? Во тоа сум целосно убеден, како последица на моето изучување на животот на таа црква. Тоа убедување го искажав во својот труд за Охридската архиепископија. Во својот предговор на I том (Софија 1924 год.), кажувам:
Еве веќе 30 години, како поробена и бунтовна Македонија го држи Балканскиот полуостров во нервна треска и цела Европа во тревога. Нејзините страдања не само што не се намалуваат, туку од ден на ден се увеличуваат. Една вековна тиранија се заменува со друга – понечовечна. При сето тоа, Македонија не умира, и со уште побуен пламен и со посилна упоритост се бори за својата независност. Пред тој восхитувачки факт, набљудувачот неволно се запрашува: од каде ја црпи таа земја-маченица својата нескршлива волја за слобода, својот непокорен боречки дух? Одговорот го дава нејзината историја: од своето долговековно минато, преку кое Македонија била самостојна културно-историска величина. Слободољубивиот и напреден дух, со кој таа го зачудува цивилизираниот свет, ѝ е вдахнат и изграден од нејзината автокефална црква – Охридската архиепископија. Поради тоа велико историско значење на Охридската архиепископија, јас, син на градот Охрид, почувствував долг да напишам историја, воден од убедувањето дека историјата е учителка на животот и дека таа духовно-културна установа е најостро изобличување на настојчиво распространуваната невистина, дека Македонија е српска земја.
Тоа убедување уште појасно е изразено во предговорот на II том од истото дело (Софија 1932 год.):
Историјата на Охридската црква е историја на осумвековната духовна независност, би рекол, на духовна сувереност на Македонија. Политичката власт во таа земја била турска, но духовната ѝ принадлежела на самата неа, во лицето на нејзината народна Црква, која го опфаќала поголемиот дел од таа земја и чијашто паства составувала грамадно мнозинство во неа, како и денес. Охридската архиепископија-патријаршија имала законодавна, извршна и судско-граѓанска власт. Таа имала морален авторитет, пред кој се приклонувале (со ретки исклучоци) сите нејзини членови, зашто тие верувале дека таа е патот кој ги води кон земна благосостојба и кон најважното – небесното идеално суштествување… Автономниот дух на Македонија не е нов, а е рожба на нејзиниот историски живот. Тој бил развиван од автокефалната Охридска црква. Историјата на последната нѐ уверува: 1) дека Македонија има право и е слободна и за политичка самостојност, така како што можела да функционира 8 века како независна духовна организација; 2) дека, како што во старо време била основа за духовно обединување на балканските народи, така и сега таа може да се преобрати од јаболко на меѓубалкански раздори, во алка на општо-балканското братство.
Многу крв се пролеа за разрешувањето на македонското прашање, но ние сме живи сведоци, дека сите обиди за негово разрешување преку разделување и анексија (присоединување), излегоа неуспешни и штетни како за Македонија (разурнувања и емигрирање – бегалци), така и за Бугарија. Македонското прашање е многу сложено, со меѓународно значење. Основачите на Македоно-Одринската внатрешна револуционерна организација (1893 год.) беа мошне предвидливи, поставувајќи ја за врховна цел на борбата автономијата на Македонија. Несправедливи и вовлечени во Сизифовска фантазија, државни мажи не можеа да го разберат историското и спасително значење на зрело обмислената основна цел на македонското револуционерно движење. Не можеа да сфатат колку разумно и потребно беше да се почитува таа цел, рожба на голем политички опит, и тие ја отклонија Бугарија, за нејзина несреќа, од правиот пат, којшто го беше избрала борбената Македонија.
Еден од мошне значајните нови политички настани е создавањето на нова Југославија под раководство на маршал Тито. Таа е федеративна држава, која се состои од шест самостојни држави. Една од нив е Федерална Македонија, за чие утврдување не малку допринесе и бугарската војска со своите победи кај Страцин, Ниш и во Унгарија. Наскоро по нејзиното устројство, таму се појави прашањето за уредување на црковните работи во неа. Во стара Југославија Македонија беше под духовна власт на Српската патријаршија, којашто, како и српската држава, го сметаше нејзиното население за српско. Меѓутоа, сега таа е самостојна политичка единица во сојузот на Југословенските републики. Притоа, таа се смета за национално различна од Србија, со своја посебна историја и култура.
Македонското население решително изјави дека не може да трпи насилства и посрбување.
Тоа пројавува свое национално сознание и сака да работи за развивањето на својата национална култура. Разбирливо е зошто правителството не му допуштило на скопскиот митрополит Јосиф да се врати во Скопје. После тоа природно било да се јави силно општествено движење за црковно издвојување на Македонија. Тука дошла на помош, како котва, идејата за Охридската архиепископија. Бил образуван иницијативен одбор (комитет) за организирање на Православна црква во Македонија со главни членови – тројца свештеници (Методи Гогов, Никола Апостолски и Кирил Стојанов), којшто на 3 јануари во 1945 година, по повод Рождеството Христово, испратил писмо до српскиот Архиерејски Синод, кого го известил дека тие се „претставници на Православната црква во Македонија“, кои остануваат „верни и предани на каноните и законите на нашата света Православна црква“. По повод тоа писмо, Архиерејскиот Синод, на своето заседание на 20 јануари во 1945 година, го одобрил писмениот укорителен одговор на скопскиот митрополит Јосиф, кој пребивал во Белград, и зазел став дека спомнатиот „одбор“ е самоповикан и треба да ги упатува „сите свои молби и желби и својата преписка, исклучително преку неговото Високопреосвештенство скопскиот митрополит Јосиф, својот надлежен архиереј“. После тоа, на 4 март 1945 година, во Скопје бил свикан црковно-народен собор, на кој зеле учество околу триста души претставници на клирот и народот.
Тој собор, отворен од свештеникот Кирил Стојанов, еднодушно „ја изразил својата желба и потреба поскоро да се провозгласи самостојна Македонска православна црква т.е. да се востанови историската Охридска архиепископија“.
Оттогаш во Федерална Македонија дејствува Македонската православна св. Климентова црква, противејќи се на сите обиди на Српската патријаршија да ја востанови својата власт во Македонија. Тоа решение на скопскиот црковно-народен собор било соопштено на српскиот Св. Синод од иницијативниот комитет со телеграмата од 8 март истата година. Соборот избрал и делегација, којашто била задолжена „да ги посети сите сестрински православни цркви“ за да добие признавање на извршениот акт. На 12 март истата година во Белград била свикана „епископска конференција” (на која зеле учество спомнатиот митрополит Јосиф, зворничко-тузланскиот Нектариј, браничевскиот Венијамин, шабачкиот Владимир и будималскиот викар Валериан), којашто решила: делото на т.н. „Македонски народен собор“ „се смета за неканонско“ и за него не може да се дискутира („и да не може о њему ништа судити, нити га претресити“). Конференцијата го замолила митрополитот Јосиф, штом отиде во Скопје, да земе „све, што треба за чување интереса Србске православне цркве“. Во истиот ден српскиот Св. Синод се согласил со решението на епископската конференција и му го предоставил целото прашање на митрополитот Јосиф, како надлежен архиереј, со молба да му претстави на Синодот исцрпен извештај. Меѓутоа Митрополитот Јосиф – вели Св. Синод – не можел да отпатува во Скопје, бидејќи на 17 март истата година министерот за внатрешни работи му соопштил на Синодот, „дека засега не може да издаде дозвола за патување во Скопје на Неговото Високопреосвештенство митрополит Јосиф“ и смета дека во овој момент подобро би било Св. Синод да повика извесен број свештеници од Македонија, кои ќе му дадат информации за положбата во која се наоѓа Православната црква во Скопската епархија и во цела Македонија. Српскиот Св. Синод му одговорил на министерот за внатрешни работи на 19 март, искажувајќи му благодарност за готовноста со свое посредништво да ја реализира таа средба, за која Синодот ветил „дека ќе им соопшти на заинтересираните архиереи да ги примат и ислушаат свештениците од поверените им епархиите“.
Меѓутоа, министерот во Македонија (во сојузното југословенско правителство) Емануил Чучков, со писмо од 18 јули истата година до српскиот Св. Синод, посакал од него да одвои соодветна сума, којашто им припаѓа на свештениците во Македонија, од 15000000 динари, којашто Синодот ја добил од сојузното Министерство за финансии за потребите на Православната црква во Југославија. На министерот му одговорил митрополитот Јосиф (како администратор на Српската патријаршија) со писмо од 28 јули истата година, дека ќе бидат потпомогнати и македонските епархии „када се врате у крило своје Цркве, а дотле би било неприродно и нелогично да она помаже ону децу, који се њенога крила самовољно одричу“.
Претседателството на Демократската Федерална Македонија писмото на „Иницијативниот одбор за организирање на Православна црква во Македонија“ бр. 93 од 23 јули истата година, на 25 јули истата година го препратило „на Администраторот на Српската Патријаршија“. Во тоа писмо се кажувало дека на своето редовно собрание на 18 јули истата година, свештенството на Скопската епархија ги разгледало меѓу другото и „тенденциозните предизвикувања од страна на митрополитот Јосиф, администратор на Српската патријаршија“, имено 1) им испраќа на црквите во Федерална Македонија „Гласник Српске правосл. Цркве“, 2) организирал Скопски духовен суд во Врање и 3) ја распределил паричната помош за Скопската, Злетовско-струмичката и Охридско-Битолската епархија. Свештенството на Скопската епархија го искажува својот протест, дека се испраќа „Гласник Српске правосл. Цркве“ на адреса: „Српској православној цркви у Скопљу, Штипу, Кратову, Битолу, Охриду и т.н.“, зашто во Македонија, – стоело во горното писмо – не постои Српска православна црква, туку Македонска, народна, православна, Св. Климентова црква, за која македонскиот народ донел своја резолуција., на 4 март 1945 година, со желба да добие свој народен владика, кој ќе биде „возобновител на старата Св. Климентова архиепископија во град Охрид“.
Свештенството, исто така, протестира, дека построениот духовен суд во Врање сее раздор, со тоа што испраќа свештеници во Федерална Македонија. „Старото време – се велело во писмото на иницијативниот комитет – помина и дојде ново, и нашиот народ сака да построи Св. Климентова Македонска црква, имајќи ги сите историски и канонски права“. Во однос на третото обвинување пишувало дека распределената парична помош од 100 000 динари од Српската патријаршија за секоја епархија во Македонија ќе биде одобрена од македонскиот народ, „ако биде испратена преку нашето Федерално Македонско правителство во кое постои Верска комисија“, а да не биде распределена од „гореспоменатиот администратор“ (= митр. Јосиф).
По повод изложеното писмо на Македонскиот иницијативен комитет, српскиот Св. Синод се занимавал опстојно со целото прашање создадено во Македонија, на своето заседание на 22 септември 1945 година и донел решение, во кое го изложил целиот тек на прашањето, како што го опишав погоре, и ги привел следните мотиви:
Епархиите во сегашна Федерална Македонија – Скопска, Злетовско-Струмичка и Охридско-Битолска се „составен дел на Српската православна црква и нивното православно население потпаѓа под црковната јуриздикција на Српската православна црква не само од 1920 година, кога тие епархии по редовен и канонски пат се присоединети, поточно се вратени под крилото на обединетата Српска православна црква, за што сведочи и томосот на Цариградската вселенска патријаршија за нивното присоединување, но и многу порано тие епархии биле во единство со Печката патријаршија, од којашто привремено биле отцепени по силата на историско-политичките околности. Притоа, во тие епархии сега постои, како единствено призната, канонската и законска јуриздикција на Српската православна црква, која е призната и потврдена од сите останати православни автокефални цркви и од сите општествени државни закони и власти, а напоредно со тоа тие епархии имаат свои законски канонски избрани архиереи, поставени од страна на Светиот Архиерејски Собор на истата православна Црква, кои ги запазуваат во тие епархии сите свои ерархиски и канонски права, полноважни и од ништо не оспорувани и коишто само привремено, по силата на околностите, биле отстранети од извршување на тие свои ерархиски права и должности во времето на бугарската окупација. Следствено на таквата положба на нештата, секоја акција, која оди на штета на канонската јуриздикција на Српската православна црква во тие краишта и ги отфрла канонските права на законитата и призната српска ерархија во спомнатите епархии, е неоснована и неканонска, и сите оние, кои водат таква акција и ја поддржуваат, ќе ги сносат сите одговорности пред каноните и законите, коишто го заштитуваат канонскиот и црковен ред во целата Православна црква. Зашто отцепувањето на канонската јерархија и создавањето на независна црква во тие краишта, според каноните, не може да се спроведе ниту да се провозгласува без знаењето и согласноста како на Мајката Црква, кон која припаѓа, така и на нејзината канонска ерархија, којашто е нарочно повикана да ги цени и застапува религиозните и црковните потребности на својата законита паства. Тоа е општа канонска норма, призната во православното канонско право и во православниот свет воопшто“.
После тоа Синодот ги приведува 39-то апостолско правило и 57 правило на Лаодикискиот собор, според кои народот и клирот не можат без свои канонски епископи да превземаат нешто што го изменува канонскиот ред: исто и 31 апостолско правило, кое им забранува на презвитерите да го нарушуваат единството на Црквата, заплашувајќи ги со расчинување, а мирјаните – со одлачување од Црквата, ако не го прекинат општењето со такви расколнички свештеници и не се вратат при своите епископи. По таа мотивација, која се смета за историско-канонска, српскиот Св. Синод изјавува:
- „Не може да признае никаква самостојна и независна Црква во Федерална Македонија, која е провозгласена без волјата и согласноста на Мајката Црква и на нејзината канонска ерархија во тие краишта, којашто на прво место е повикана да ја толкува волјата на народот во црковните работи како фактор, кој првенствено се грижи за народот Господен и дава отчет за него.
- Го смета провозгласувањето на некаква независна Македонска православна Климентска црква, објавена во Скопје на 4 март 1945 година од страна на некаков небаре црковен народен собор, за сосема своеволен неканонски чин.
- Не признава и осудува секаква акција и дејност на самоповиканиот иницијативен комитет за организирање на Православна црква во Македонија, којшто незаконски го зграбил црковното управување во тамошните епархии и без знаење и одобрување на нивните законски архиереи презел работи кои не спаѓаат во негова надлежност и со тоа го загрозува опстанокот на црковниот ред и го руши единството во Црквата, создавајќи раскол и безредие;
- Го поканува целото благочестиво свештенство и чесниот православен народ во епархиите: Скопска, Злетовско-Струмичка и Охридско- Битолска, да се обраќаат кон својата законски канонска ерархија, да се покоруваат на нејзините свети закони и наредби и во единство со неа, чиешто враќање треба да стане што поскоро, да си ги уредат сите свои црковни потреби во тие епархии, во духот на канонските прописи“.
Тоа решение на српскиот Св. Синод е обнародено во официјалниот негов орган „Гласник Српске православне Цркве” бр. 10 од 1 ноември 1945 година.
Како што гледаме, српската патријаршија ја смета Македонската православна црква за самоповикана, неканонска и незаконита установа, бидејќи епархиите во Федерална Македонија наводно се нераскинлив дел од Српската православна црква и тие си имаат архиереи, кои што чекаат само дозвола од државната власт, за да се вратат и да го заземат управувањето на своите епархии. Нека ми биде дозволено да истакнам дека секоја една помесна Црква, подобно на секоја држава, ги пази границите на својата диецеза и не признава отцепување на области, кои се наоѓаат под нејзина духовна власт. При такви случаи, оштетената помесна Црква ги приведува во заштита на своите интереси сосема истите права, какви што ги излага српскиот Св. Синод. Таа Мајка-Црква за отцепената област, нејзината ерархија е канонска и единствено таа има право да го раководи православниот клир и народот во таа област. Таа мотивација е стереотипна, особено во синодалните актови, со кои Цариградската патријаршија го осудува одземањето на нејзините епархии и отцепувањето на некој православен народ од нејзиниот делокруг.
Исто и Охридската архиепископија ја сметала основаната во 1219 година Српска архиепископија за незаконска, зашто дотогаш Србија се наоѓала под власта на Охридската црква и без знаењето на нејзиниот Синод се отцепила од охридскиот престол.
Против тој акт протестирал охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан со остро писмо и го порекнувал првиот српски архиепископ Сава (Св. Сава), кого го обвинил дека прави смут во црковните работи, добивајќи противканонски архиерејски чин и втурнувајќи се во туѓа епархија – „во Србија, која се наоѓа“ во Охридската диецеза, и со тоа себеси се подложил на наказанието на божествените канони „или подобро кажано, ги уништил востановените определби од светите отци“. Но и покрај тој протест, Српската црква продолжувала да постои и се наоѓала во општење со другите православни цркви, а покасно дури и самата Охридска архиепископија ја признала за канонска и зела учество (преку својот архиепископ Николај) во нејзиното провозгласување за патријаршија (1346 г.).
Српскиот Св. Синод не може да не противдејствува, кога тој сè уште живее со старото великосрпско гледиште и не сака да се сообрази со новите политички услови.
Веднаш треба да се истакне дека историската образложба на синодалното решение не соодветствува наполно на историските факти. Во Македонија државната власт често се менувала, но црковната власт во лицето на Охридската архиепископија била една и иста, како што реков, близу осум века (од крајот на X век до 1767 г.). Нејзината средишна и најздрава област била имено денешната Федерална Македонија, со градовите Охрид (седиште на архиепископот, нарекуван и патријарх), Скопје, Битола, Дебар, Велес и др. Од тие градови само Скопје и неговите околни села биле под духовна власт на Српската држава (од 1282), исто и во турско време од 1557 г., кога Печката архиепископија била востановена, до 1766 г., кога таа била укината. Но тоа станувало по насилен начин, а не според силата на каноните и древните закони.
Српските кралеви откинувале епархии од Охридската архиепископија, штом ќе ги завладееле и веднаш ги присоединувале кон Српската архиепископија, но кога Стефан Душан ја зазел и Охридска Македонија, тој не посегнал по независноста на Охридската архиепископија и ѝ ги оставил оние епархии што таа ги имала до тој момент во Македонија и Арбанија.
Во турско време, пак, везирот Мехмед Сокологлу, откако ја востановил Печката архиепископија (укината 1460 г.), ѝ потчинил и несрпски епархии – под нејзино владеење биле Скопската, Ќустендилската (со градовите Штип и Кратово) и Самоковската епархија.
По укинувањето на Печката и Охридската архиепископија, Македонија се наоѓала под духовна власт на Цариградската патријаршија до создавањето на Бугарската егзархија (1870 г.), а после тоа јуриздикцијата на Цариградската патријаршија била сосема отфрлена од населението на денешна Федерална Македонија и само овде-онде ја признавало некое малцинство, плашејќи се од шизмата, произнесена во 1872 г. од Цариградската патријаршија над Бугарската црква.
Во ново време за прв пат во Македонија се настани српски владика во 1902 година, кога Србинот Фирмилијан беше поставен во Скопје, а егзархиски митрополитот во истиот град беше Синесиј.
После тоа патријаршијата постави Србин епископ за да ја управува образуваната од неа Велешко-Дебарска епархија, каде што имаше егзархиски митрополити во градовите Велес и Дебар. После Букурешкиот договор (10. VIII. 1913 г.) од Вардарска Македонија беа прогонети сите егзархиски митрополити (охридскиот, скопскиот, дебарскиот, битолскиот и велешкиот), а по Нејскиот договор (1919 г.) беше одземена и Струмичката епархија (без Петрич).
Во Македонија се настани српска црковна власт, без да праша за волјата на паствата, откако само pro forma српското правителство ја доби согласноста од Цариградската патријаршија за таа промена.
Оттогаш, па дури до пролетта во 1941 година, Вардарска Македонија беше под Српската црква чисто и просто по насилие на државната власт. Навистина Српската црква формално ја примила духовната власт над Македонија од Цариградската патријаршија, и може да се смета дека таа не одзела туѓа црковна власт, коешто строго се забранува од каноните.
Меѓутоа, видовме дека самата Цариградска патријаршија во 1776 и 1767 година си ги потчинила македонските епархии, откако издејствувала од султанот да бидат укинати без законска основа славјанските архиепископии Печката и Охридската. Притоа, оваа грешка на турската власт била ублажена со ферманот за востановување на Егзархијата. Султанот Абдул Азис, имајќи ја предвид волјата на православното население, ослободил од власта на Цариградската патријаршија три македонски епархии – Велешка, Охридска и Скопска, и издал берати за егзархиски митрополити во тие епархии. Исто и неговиот приемник Абдул Хамид, на иста основа издаде берати за егзархиски митрополити и во други македонски епархии (Неврокоп, Струмица, Битола и Дебар), навистина тој даде берат и на скопскиот српски митрополит Фирмилијан, но со цел да ги разбранува раздорите меѓу населението во таа епархија. Притоа, паствата на тој митрополит била мошне малобројна. Таа составувала незначителен дел од истото население, коешто го признаваше егзархискиот митрополит, само со изопачено национално чувство – србоманско.
Толку малобројна беше „српската“ духовна паства во Вардарска Македонија до крајот на 1912 година, кога ја завладеа Србија, а после тоа беше насилно присоединета кон Српската црква, исто така и целото големо мнозинство од населението, кое до тогаш не ја признаваше ниту Цариградската патријаршија, ниту поставените од неа српски владици, а ја признаваше Егзархијата – точно така, како што српската државна власт му налагаше српско народносно име.
Така што, во реалноста, Српската црква ги одзела егзархиските епархии и паства, исто така, како што во 1878 година таа си ги присоединила и двете егзархиски епархии Нишка и Нишавска (Пиротска), поради вклучувањето на таа област во границите на Србија, без да се обрати кон Бугарската егзархија, за да добие формална согласност.
Всушност, во тој однос таа не направила потежок престап од тоа, што го направила Романската црква со Добруџа (во 1878 и 1919 г.), Руската црква со Грузија (1801) и Бесарабија (1812 и 1878 г.) или уште порано – Цариградската патријаршија со Трновска Бугарија (1393 г.). Се тргнувало од гледиштето дека штом се востанови државна власт во една област, автоматски таму се востановува и поврзаната со таа власт црковна власт, се гледа, согласно со јуристичкото начело во византиската империја, според коешто граѓанското устројство ги определува црковните епархии, или, поскоро, согласно со поновиот принцип: cuius regio, eius religio (или ecclesia, приложено кон Источната црква). Воопшто во Источната православна црква е примено, во секоја држава со многубројно православно население да има одделна помесна црква. Се почитува стремежот на државата, духовниот живот на нејзините поданици, да е независен од надворешна црковна власт.
На таа основа биле основани многу помесни (автокефални и автономни) православни Цркви:
Грузиската (VI в.), Бугарската (870 г.), Руската (990 или 991 г.), Српската (1219 г.), Унгаро-влашката (1359 г.), Молдавската (во почетокот на XV век), Црногорската (XVIII в.), Романската (1864 г.), Еладската или Грчка ( 1922 г.), во најново време Албанската (1922 г.), Естонската, Литванската, Литовската, Финската и Чехословачката.
Меѓутоа, истиот принцип има и обратна страна. Штом падне една државна власт во извесна област, тогаш автоматски си заминува и црковната власт, којашто таа држава ја спроведува. Приложено тоа кон српската црковна власт во Македонија, според овој принцип, таа ја губи својата законска основа да дејствува таму, штом Македонија не се наоѓа под власта на српската држава.
Имено, според силата на тоа, Српската црква го изгубила својот делокруг во Скопската област, штом таа паднала под власта на прилепското царство и после на Турците (во крајот на XIV век); исто така и во Вардарска Македонија во Првата и Втората светска војна.
Поради таа причина во крајот на XVII век, таа ја изгубила својата власт дури над српското население во Австрија, и таму била создадена друга српска помесна црква со центар во Сремски Карловци. Сега Федерална Македонија е самостојна држава во сојузната Југословенска република. Согласно со горепосоченото црковно административно правило, таа има право да биде и црковно самостојна или, поинаку кажано, православното население (клирот и народот) во неа има право да бара образување на самостојна православна црква на просторот на македонската држава, дотолку повеќе, како што кажав погоре, што тоа население не е од српска народност (нити според протекло, нити според битие и јазик, ниту според карактер, ниту историски) и не се признава за српско.
Според смислата на 34-то апостолско правило секој народ има право да образува одделна помесна црква.
И во старо и во ново време Православната црква го почитува народносниот принцип. Народноста е психофизичка општествена сила, која присадена кон Божјата лоза – Исуса Христа, се облагородува и постанува ценет фактор за духовниот развој на секој народ. Поради тоа одделни помесни Цркви постоеле како канонски величини меѓу народи, коишто не живееле во свои национални држави. Осамостојувањето на Антиохиската црква (патријаршија) се должело не само на тоа што областа околу главниот град Антиохија сочинувала една граѓанска административна целина во Римската и потоа во Византиската империја, туку затоа што била и национално различна од другите области. Поради истата причина, после падот на Бугарија под власта на Византија (1018 г.), последната дозволила да опстојува Охридската архиепископија. Исто така и во Австро-Унгарија, врз основа на принципот на народноста, биле основани неколку православни Цркви: Карловичка (за австриските православни Срби), Сибинска (за трансилванските Романци), Буковинска. На тие основи (политичка самостојност и одделен народ) во Советска Русија, веднаш по Октомвриската револуција (7. XI. 1917 г.) Грузија била ослободена од власта на Руската црква и била возобновена укинатата повеќе од пред сто години автокефална Грузиска црква, на чело со католикос (= патријарх), како што таа постоела пред присоединувањето на Кавказ кон Русија (1801 г.). Точно истиот однос треба да се поддржи и кон тукушто основана Македонска православна црква.
Таа црква не е нова, туку постоела до пред 150 години под името Охридска архиепископија и сега таа повторно се повикува на живот поради тоа што Македонија, која преку нејзината морална моќ била духовно суверена сила, сега е и политички самостојна величина.
Како што православниот српски народ има право на црковна независност, така и несрпското православно население, кое го сочинува главниот дел од жителите на Федерална Македонија, треба да се радува на таа правдина во името на слободата и рамноправноста на југословенските народи. Ако Српската црква се воодушевува од новиот дух, којшто го твори државниот живот во Федеративна Југославија, таа треба да се радува и на подемот на црковниот живот во Федерална Македонија и да содејствува поскоро да се благоустрои возобновената Св. Климентова Охридска архиепископија, којашто со достоинство ќе ја украсува Православната црква преку својот живот и преку својата вера во Христа и во Неговиот огнен апостол Св. Климент Охридски.
Црквите, предназначени да Му служат на Духот Христов, се должни да работат за зближување и помирување на народите, за нивното побратимување преку љубовта Христова, особено пак за наравственото единство меѓу православните народи, коишто ја составуваат паствата на православните помесни Цркви.
Балканскиот полуостров многу пострадал поради разбрануваното непријателство помеѓу едноверни и дури помеѓу едноплемени народи. Тие народи се повикани од Исус Христос да живеат како браќа во името на евангелската правда, во името на Царството Божјо кое доаѓа. Која мајка не жали, кога се карат нејзините деца, и не ги полага сите сили , подготвена да го жртвува и својот живот, за да ги помири? Црквите денес имаат врховен долг да ја стопат омразата, напластена во несреќниот Балкански полуостров, кој ги има сите природни услови и способно население, за да се радува на вековно благоденствие. Призивот на Црквите треба да биде: „Доста расправии, доста раздори! Сите балкански народи, мали и големи, напред кон взаемна соработка за општо добро!“
Востанувањето на Охридската архиепископија треба да предизвика радост во сите помесни Цркви, затоа што со тоа се востановува погазеното право за црковно самоуправување и се содејствува кон гаснење на разрушителните раздори меѓу балканските едноверни народи.
Затоа да посакаме, Српската православна црква, како и нејзините блиски сестри – Бугарската и Цариградската црква, да погледнат благонаклоно и христољубиво на новосоздадената Македонска православна црква и да ја земат, како постари сестри под своја закрила, за да се закрепи, благоустрои и да служи како верен член на Вселенската црква.