Односот на монаштвото со официјалната Црква и со „светот“ во Византија

Константин Пафлагонецот прима монашки потстриг од Самона во манастирот на свети Тарасиј, Мадридски кодекс на историјата на Скилица
Константин Пафлагонецот прима монашки потстриг од Самона во манастирот на свети Тарасиј,
Мадридски кодекс на историјата на Скилица (12 век)

Монаштвото претставуваше движење што се разви и прошири надвор од официјалната Црква. Карактеристично е дека на почетокот, ни официјалната Црква, ни државата не знаеја како да се справат со монасите, кои не можеа да бидат категоризирани во ниту една од постојните групи. Тие не припаѓаа на свештенството, туку беа само ревносни христијани. Сепак, со текот на времето, монаштвото стана предмет првин на интензивен интерес, а потоа и на восхит. Забележително е што натприродните дарови што Христос им ги вети на верните, во свеста на народот беа својствени за монасите, а не за официјалните црковни луѓе. За граѓаните, Црквата, откако беше признаена од страна на Константин, ја изгуби својата духовна сјајност и се претвори во дел од државната администрација. Монасите, пак, никако не можеа да се вбројат во таква категорија. Од тие причини, односите меѓу Црквата и монаштвото не биле секогаш добри.

Изгубениот сјај на Црквата, кој се пренесе на монасите, заедно со претворањето на официјалните црковни органи во платени државни службеници, беа причина за недоразбирањата меѓу монаштвото и Црквата. Најкарактеристичен пример е иконоборството. Повеќето епископи – иако не сите без отпор – ги прифатија иконоборечките ставови на императорите. Напротив, монасите дадоа силен отпор и станаа главни поддржувачи на иконопочитувањето, со најпознат пример манастирот Студион во Константинопол. Секако, тие ја платија својата позиција со висока цена: манастири беа затворени, монаси беа прогонувани, па дури и погубувани. Сепак, резултатот беше триумфот не само на иконографската уметност, туку и на монаштвото. По крајот на иконоборството, монаштвото во очите на народот стана чувар на верата. Оттаму и големото влијание што монасите започнаа да го имаат и во црковните, а понекогаш и во политичките прашања.

Оваа значајна улога на монаштвото не се ограничуваше само на односите со властите и управата. Таа беше поширока и влијаеше силно и во руралните средини и во градовите на империјата.

Иако раното монаштво повеќе се развиваше во руралните предели отколку во градовите, многу рано почнаа да се градат манастири и внатре во градските ѕидини. Првиот манастир во Константинопол, Далматскиот, беше основан кон крајот на четврти век, а до 536 година имаше речиси триесет манастири внатре во градот. По крајот на иконоборството, многу аристократи станаа познати игумени и обновители на монашкото движење, градејќи манастири во Константинопол, на спротивниот брег на Витинија, во други градови или во внатрешноста. Во овие манастири монасите, покрај молитвата, се занимаваа со земјоделско и занаетчиско производство, но и со општествена дејност. Манастирите вклучуваа гостилници, прифатилишта за сиромашни, болници, старечки домови, па дури и училишта. На тој начин одиграа важна улога во опкружувањето.

Но, таа улога не застанува тука. Манастири или дури и обични аскети кои станале познати, привлекуваа голем број луѓе и играа одлучувачка улога во локалната економија. На пример, најзначајниот споменик на сириската рамнина не беше град, туку манастир – крстовидниот храм на свети Симеон, изграден во петтиот век околу столбот на кој светителот го поминал најголемиот дел од животот. Локацијата овозможуваше пристап за голем број поклоници, особено за време на големите празници. Поклониците преноќуваа во гостилници, а често се организираа и локални празници. Така храмот го потпомагаше локалното стопанство. Слични поклонички центри со иста функција постоеја низ целата империја – во градовите (Ерусалим, Ефес, Солун), блиску до нив (Селевкија), но и во оддалечени области, како Синајскиот манастир. Овие места беа најпознати во своите региони, значаен дел од градската и руралната култура и имаа одлучувачка улога.

Читајќи ги претходните два пасуса, можеби ќе се постави прашањето дали изборот на монашкиот живот всушност претставувал откажување од светот. Од нив се гледа дека барем во поглед на општожителните манастири, не стануваше збор за целосно повлекување. Манастирите се грижеа за поклоничките места и требаше да ги услужуваат поклониците, обезбедувајќи им сместување и храна. Освен тоа, сите останати активности на манастирите беа повод за контакт со светот. Хуманитарните дела, некои монашки послушанија и секојдневната работа постојано ги ставаа монасите во контакт со општеството. Сето тоа нè води кон заклучокот дека различните видови општежителни заедници не претставуваа целосно повлекување од световното.

Нешто поинаква беше ситуацијата со аскетите. Аскетскиот живот, за разлика од општежителниот кој беше поблиску до урбаниот начин на живот, бараше повлекување од светот како основен услов за духовно издигнување. Аскетската ќелија – изградена или природна – требаше да биде доволно оддалечена од луѓето, за да не се наруши тишината и осаменоста на подвижникот. Дури се препорачуваше ќелијата да биде далеку и од најнеопходните ресурси како што се изворите за вода. Сепак, дури и кај аскетите изолацијата често не била целосна. Познат аскет привлекувал посетители кои патувале километри за да го видат и слушнат негови совети. Затоа, контактот со светот кај аскетите бил значително помал од оној кај монасите во општожитие, но сепак постоел.


Авторот е историчар на уметноста

Извор: sparmatseto платформа за култура