Следењето на Светите Отци
Следењето на Светите Отци се одразува на планот на молитвата и богослужението и на планот на богословието. Додека на план на молитвата и на богослужението тоа е постојано, на план на теологијата, во поновата историја, дошло до отстапување од светоотечкото учење под негативното влијание на западното богословие. До тоа влијание дошло така што претставниците на Православната Црква сосема непотребно се мешале во богословските спорови помеѓу римокатолиците и протестантите, погрешно определувајќи се и поставувајќи се на страната на едните или другите. Таков е случајот со исповедањето на верата на Петар Могила, кој ги усвоил римокатоличките ставови, како и со исповедањето на верата на Кирил Лукарис, кој, пак, ги прифатил протестантските, калвинистички ставови. Според тоа, имало не малку вистина во ироничните и злонамерни зборови на унијатскиот епископ Ипатиј Поцеј, кој му пишал на Патријархот Мелетиј Пигас дека: „Калвин го заменил Атанасиј во Александрија, Лутер завладеал во Константинопол, а Цвингли во Ерусалим“. Несомнено, во односот на православната теологија кон западната богословска мисла, направена е двојна грешка: а) Во поглед на методот, бидејќи е прифатен методот на конфесионалната теологија и б) Во поглед на ставовите, бидејќи се користени туѓи аргументи, непознати за Преданието и живото искуство на Православната Црква.
Богословието од XVII век па наваму, постепено се оддалечувало од животот на Црквата, така што повеќе не го слушало ритамот на нејзиното срце, ниту ја изразувало нејзината вера и нејзиното сведоштво, додека во длабините на црковното искуство верата била сочувана непроменета. Настанатиот расцеп помеѓу теологијата и побожноста, помеѓу теолошката ученост и духовноста, и меѓу богословските училишта и црковниот живот, може да се надмине единствено со враќање кон историското искуство на Црквата, кон нејзиниот богослужбен живот и богословието кое извирало од Преданието како средиште на животот на верните. Тоа бил единствениот и добро познат пат на Отците на Црквата низ вековите, а враќањето кон тој пат и изворното доживување на Бога можело да биде единствен залог дека богословието ќе ја изразува автентичната вера и искуството на Црквата.
Актуелноста на Светите Отци
За да може врската со Светите Отци да остане непрекината и во наше време, потребно е во свеста на членовите на Црквата, да постои нешто повеќе од просто повикување кон светоотечкото учење. „Враќањето кон Отците“ подразбира живо сведочење на нивната вера, а не само преземање на одредени места од нивните списи, независно од богослужбената и подвижничка атмосфера, во која тие списи настанале. Подражавањето на Светите Отци, според зборовите на о. Георгиј Флоровски, се гледа, пред сѐ, во стекнувањето на нивниот дух, поточно стекнувањето на Светиот Дух од Кој биле вдахновени тие. Животот на Црквата, значи, не е во повторувањето на обрасците научени од Светите Отци, туку во настојувањето преку овие обрасци да се дојде до содржината и полнотата на доживувањето на вистинската вера.
Доживувањето на Господа Христа, Единородниот Син Божји, Кој се овоплоти, пострада и воскресна, треба да остане и во иднина основна содржина на верата и животот на Црквата, бидејќи токму од ова доживување Светите Отци го црпеле своето целокупно богословско исповедање. Сведочењето на верата на Светите Отци, за да биде автентично, треба да има сотириолошки карактер, да ги води верните кон спасение и да им овозможи удел во Воскресението Христово. Настанот на Воскресението од самиот почеток на мисијата на Црквата бил основа на апостолската проповед, а подоцна и темел на учењето и проповедта на Светите Отци. Проповедта за Господ Христос како Првороден од мртвите (Кол. 1,18) и Првороден меѓу многуте браќа (Рим. 8,29), донесувала големи духовни плодови, затоа што имала нагласен евхаристиски карактер, и затоа што извирала од светотаинските ризници на Преданието на Црквата.
Големината на Светите Отци е во тоа што во своето учење не тргнувале од рационалното толкување на богооткриената вистина, туку од полнотата на доживувањето на Црквата, кое најпотполно се остварува во Светите Тајни и во подвигот. Светите Отци постојано и неотстапно сведочеле дека единствено преку подвиг и борба против злото во светот, може да се победат слабостите на стариот човек којшто се распаѓа во своите гревови, за да би се стекнал нов живот, чиј предвкус го имаме во Евхаристијата. Затоа тие, како вистински сведоци на Преображението и Воскресението Христово, доживеано во Евхаристијата и подвигот, заблескале како незалезни светила на небото на Црквата.
(Продолжува…)