Основи на православната вера – XI дел

Подвигот

Вистинското доживување на верата на Црквата извира од Евхаристијата и подвигот. Во Светата Евхаристија е дадено Откровението на Вистината и во неа светот се преобразува и го стекнува своето вистинско назначување. Меѓутоа, остварувањето на спасоносниот план Божји за светот е незамисливо без човечкиот подвиг. Тоа е оној вид на христијански живот, во кој вистината за спасението за светот се потврдува и проверува и надвор од Светата Евхаристија. Црквата преку Евхаристијата ни покажува како светот се спасува и како ќе постои во вечноста, во Царството Небесно, а преку подвигот, преку искуството на Светиите, ни покажува како светот, минувајќи низ страдања, доаѓа до спасението. Со други зборови, христијанскиот живот е незамислив без Евхаристијата и неостварлив без подвигот, бидејќи доколку животот во Црквата го покажуваше само тоа дека вистината на верата нè води во совршенство – во Царството Божјо, а го занемаруваше начинот на којшто таа се живее во рамките на историјата, тогаш таквото искуство не би можело да се смета за православно.

 

Подвигот и Крстот

Подвигот подразбира земање на Крстот, соочување на човекот со своите слабости и прифаќање на новиот живот во Христа. Подвижникот го подига Крстот Христов и е спремен на страдање и така вистината, од евхаристиска, станува крстоносна. Откако им кажа на Своите ученици дека не се од овој свет (Јован, 17,14), Господ Исус Христос им укажа дека сведочењето на Вистината во светот неминовно значи и соочување со него. И како што светот Го распна Христа, така ги распнува и сите оние кои Го следат (Јован 15,18). Крстот Христов е суштина на подвигот и на искуството на спасението, зашто само крстот води кон Воскресение. Подвижник е секој кој во име на Христа се бори со злото во светот. Оттука подвигот, како барање, не е поставен само пред монасите, туку пред сите Христијани подеднакво. Сите Христијани, без исклучок, според зборовите на Св. Јустин Философ, се повикани и преку телесен подвиг да го подготват своето тело за вечен живот.

Смислата на подвигот не е во тоа да се надмине или занемари човечката природа, било во целост, било во само еден нејзин дел, т.е. телото. Аскетскиот напор се остварува не преку ослободување од природата, туку како ослободување на природата, како нејзина преобразба и промена на начинот на постоење. Секој човек е повикан преку соработка со Божјата благодат и по своја волја, да го промени начинот на постоење, односно, сообразувајќи го своето постоење со Божјата волја, да ја исполни смислата на своето битие.

 

Подвигот во светотаинскиот живот

Во настојувањето да го преобрази својот живот, Христијанинот стапува на пат на подвигот, кој е нераскинливо поврзан со светотаинскиот живот. Почетокот на тој живот – исполнувањето на заповедите, има „подлога и појдовна точка во благодатта на Светиот Дух што ја примаат сите верни во Светата Тајна Крштение“. Учеството во новиот живот се продолжува со причестувањето со кое верните стекнуваат удел во несоздадените енергии Божји, односно во божествениот живот на Света Троица. Светите Тајни и подвигот стануваат средиште на преобразбата на верните и нивното воведување во животот на новата твар, односно во оној начин на живот со кој постои воскреснатото Тело Христово. Единствено животот во подвиг и во Светите Тајни дава можност да се оствари потполна врска помеѓу Бога и човекот, односно секое создадено битие да го исполни однапред дадениот, од Бога назначен логос на своето постоење. Животот во Црквата, а не некаков апстрактен духовен живот, е мерило на остварувањето на Божјата волја и исполнувањето на новиот начин на постоењето на верните.

Како што „не постои расцеп помеѓу Христа и Духот, така не може да постои било каква дистанца помеѓу Светите Тајни и харизматичниот (подвижнички) живот“. Христијанскиот живот не е биполарен, туку целосен и потполн. Се обликува, како во Евхаристијата, како собор на сите верни, така и во подвигот кој треба да има соборен карактер. Божествената Евхаристија не смее да има обреден карактер, или карактер на претстава во која се причестува само оној кој служи. Исто така, Литургијата „не значи само често причестување. Туку и принос на нашето битие на Бога“. Со учеството во Литургијата верните покажуваат спремност да го принесат својот живот на Бога и отвореност да станат причесници на божествениот живот. Затоа верните на Евхаристијата никогаш не доаѓаат „со празни раце“, и не излегуваат од Литургијата празни. Влегувајќи во Црквата, тие го внесуваат со себе сиот свој живот, и целиот свет што им е даден.  Тоа е смислата на прозбените зборови во Литургијата: Сами себе, еден друг и сиот свој живот на Христа Бога да го предадеме. Враќајќи се во светот, откако на Литургијата се помолиле за мир во светот…, за благорастворен воздух, за изобилие на земни плодови…, верниците во овој секуларизиран свет ја внесуваат благодатта на Светиот Дух, која единственото што може тој свет да го обнови од внатре и преобрази.

Учеството на верните во Евхаристијата е автентично и исполнето во вистинска смисла само ако целокупниот подвижнички живот е исполнет со славење на Бога и служење на ближните. На вистинскиот живот во Христа, било да се остварува во Евхаристијата, или во подвигот, треба да му е туѓ секаков вид на индивидуализам. Православниот христијанин не е оној која ја прифаќа или изразува одредената вистина како поединец, туку оној кој верува, исповеда и со животот ја потврдува верата на Црквата на која ѝ припаѓа. Со други зборови, вистината на верата се доживува во Црквата како заедница, а им е недостапна на осамените поединци, па макар и да се големи подвижници.

Од претходно реченото, произлегува дека подвигот, како составен дел на животот на Црквата, не смее да се сфаќа психолошки, односно преку искуството на една личност издвоена од црковната заедница, ниту моралистички односно преку наметнати обрасци на однесување. Вистината на Црквата треба да биде подеднакво вистина на сите нејзини членови, а не на некоја издвоена група на луѓе. На секој човек не му е достапно богословски да ја изразува вистината на верата, онака како што тоа го правеле Светите Отци, но тоа не значи дека тој не е во состојба да ја оствари во својот живот. Во Црквата, како во Евхаристијата, така и во секојдневниот подвиг, верникот е повикан потполно реално да ја доживее вистината за Троичниот Бог, за Богочовекот Христос, за спасението итн. Затоа е погрешно да некои членови се сметаат за привилегирани, како во поглед на доживувањето на Евхаристијата, така и во поглед на подвигот, бидејќи тоа води кон елитизам кој не е својствен на Црквата. Вистината на Црквата им е достапна на сите верници, па и на оние „најгрешните“, а не само на оние „избраните“. Тоа го потврдуваат и Христовите зборови: Не сум дошол да ги повикам праведниците на покајание, туку грешниците (Марко, 2,17).

На различните животни услови им одговараат различни видови на подвиг. На еден начин живеат оние кои не се обврзани со посебни завети после Крштението, а на друг, пак, оние кои дале завет за девственост и доброволно сиромаштија (монасите). Сепак, постои „обврска“ која им е заедничка на сите што се нарекуваат со Христовото име, а тоа е собирање на умот во Христа, што најпотполно се постигнува во молитвата.

 

(Продолжува…)