Основи на православната вера – XII дел

Молитвен подвиг

 

На многу места во Светото Писмо се зборува за молитвата. Меѓу нив најкарактеристични се две: А ти, кога се молиш, влези во твојата скришна одаја (Матеј 6,6) и Ако двајца од вас се согласат на земјата да помолат нешто, што и да било, ќе им биде дадено од Мојот Отец Небесен; зашто каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив (Матеј, 18, 19-20). Првите зборови се однесуваат на личната, а вторите на заедничката молитва. Едниот вид на молитва го претпоставува другиот и обратно. Заедничката молитва, според зборовите на отец Георгиј Флоровски, не е можна без личниот подвиг во молитвата, а личната молитва се остварува само во кругот на црковната заедница, така што и во самотија, во својата скришна соба, христијанинот се моли како член на Црквата. Тој никогаш не се моли само за себе, зашто ги упатува своите молитви кон Небесниот Отец, Кој ни е Отец на сите.

Според Св. Никола Кавасила: „Не постои потреба од некоја посебна подготовка за молитва, ниту некое посебно место, ниту, пак е неопходно молитвата да се кажува гласно… Зашто не постои такво место на кое Христос не е присутен. Христос е насекаде околу нас. Он им е поблизок на оние кои Го бараат од срце“. Св. Јован Златоуст, пак, предност ѝ дава на заедничката молитва во Црквата и вели: „Можеш да се помолиш и дома, но таму не е возможно да се молиш како во Црква… Нема да бидеш услишан кога во самотија Го повикуваш Владиката, на тој начин како кога се молиш заедно со своите браќа. Зашто тука (во Црквата) има нешто повеќе: единство и согласност во мислите, врските на љубовта и молитвата на свештеникот“.

И покрај јасно изразената форма на молитвите што се собрани во Молитвеникот, нагласокот не се става на изговарањето на зборовите, туку на чувствувањето, доживувањето и разбирањето. Најнеопходно во молитвата е сосредоточувањето на верникот и тоа: внатрешна сосредоточеност на умот и срцето, и надворешна, која се согледува во соборноста со сите Светии во Христа Исуса.

Духовната смиреност и сосредоточеност се предуслов за молитва, а неа ѝ следи призивот на Света Троица, осенувањето со крстниот знак и нагласувањето на тајната на искупувањето. Притоа, секогаш треба да се има на ум дека совршениот образец на молитва го дал Господ Исус Христос во молитвата Оче наш, со која Он ги учеше Своите ученици и преку нив сите христијани како да се молат: На прво место е прославувањето на Бога и искажувањето на нашата недостојност, а не барањето да бидат исполнети нашите желби. Благодарењето на Бога води кон непристрасност во молитвите и богослуженијата, а највозвишен вид на благодарност е Светата Евхаристија во која луѓето им се придружуваат на Ангелите, кои не барајќи ништо, постојано Го слават Бога со зборовите: Свет, Свет, Свет и Господ Саваот.

Молитвата во склоп на Светата Евхаристија се разликува од молитвите надвор од неа. Таа треба да биде со една уста и едно срце. Меѓутоа, таа една уста која се моли за сите кои се во Црквата, не е човечка, туку е Христова. Верниот народ тоа го знае и своето сознание го искажува со тоа што доаѓа на Литургија, дава имиња заради спомнување во Евхаристијата, а Христос ги зема молбите на народот и Му ги принесува, заедно со Неговите дарови, на Отецот.

 

Смисла и цел на молитвата

Смислата на молитвата е во тоа да ја оспособи личноста да влезе во разговор со Небесниот Отец, а нејзината крајна цел е непрестајно пребивање во близината Божја. Од најголема корист е искуството на Светиите Божји, кои укажуваат дека само постојаниот подвиг и смирение ја привлекуваат благодатта на Светиот Дух. Големиот молитвеник од поново време, Св. Серафим Саровски, велеше: „Ние треба да се молиме, сè додека Бог, Светиот Дух, не нè осени… Кога Он ќе дојде, тогаш престануваме да се молиме“.

Совршените плодови од молитвата се откриваат тогаш кога светлината Божја ќе ги просветли и обедини човечкото срце и ум, давајќи му на човекот вистинско познание на Бога што води во единство со Него. Поради сето ова, молитвата претставува вистинска наука, и уметност, и најдлабока философија на животот. Светите Тајни и молитвата се заеднички пат за сè, заедничко јадро за сите кои сакаат да живеат со Светиот Дух.

(Продолжува…)