Основи на православната вера – IX дел

Учењето на Светите Отци

Искуството на Црквата е засновано на сведочењето на она учење кое во Стариот завет го запишале Пророците, а во Новиот завет Светите Апостоли, и кое во своите списи го потврдиле Светите Отци. Согласноста во верата помеѓу Пророците, Апостолите и Отците отсекогаш било сметано за неопходна појдовна точка и мерило за вистинскиот живот на Црквата. Така и одлуките на Вселенските Собори биле завршувани со познатата реченица: Ова е верата на Апостолите, ова е верата на Отците, ова е верата на православните, оваа вера ја одржала Вселената.

Апостолите поставиле темел на којшто аголен камен е Господ Исус Христос. На овој темел апостолските ученици ја утврдувале Господовата наука, а после нив и Светите Отци. Во раниот период на Црквата, веднаш после Апостолскиот, жива активност на ова поле развиле апологетите, кои со своите апологии (одбрани), настојувале на образованите елински философи преку дијалог да им ја приближат христијанската вера. Најпознати претставници на Црквата во овој период се: Св. Јустин Философ и Св. Теофил Антиохиски. После апологетскиот, настапува периодот на големите Свети отци: Иринеј Лионски, Атанасиј Велики, Кирил Александриски, Григориј Богослов, Василиј Велики, Јован Златоуст и други. Нивните богословски дела биле неопходна појдовна точка и патоказ за сите подоцнежни Свети отци, кои соочувајќи се со проблемите на своето време, настојувале или да ги развијат нивните мисли (како Св. Максим Исповедник), или нивните главни идеи да ги изложат на едно место, како Св. Јован Дамаскин, кој е писател на првата Догматика.

Следењето на учењето на Светите отци особено се гледа во одлуките на Вселенските Собори. Така на почетокот на Халкидонскиот орос и одлуката на Седмиот Вселенски Собор, стојат зборовите: Следејќи ги Светите Отци, односно: следејќи го богодаденото учење на Светите наши Отци и Преданието на соборната вселенска Црква. Со овие зборови, Отците од споменатите велики Собори потврдуваат дека се во ист дух со светоотечкото учење пред нив и дека го продолжуваат непрекинатото сведочење на Божјата вистина.

 

Апостолското наследство на Црквата

Со оглед на тоа дека Црквата е заснована на проповедта на Апостолите и на учењето (догмите) на Светите Отци, таа е апостолска, но истовремено и светоотечка. Светите Отци, имено, во своите толкувања поаѓаат од апостолската проповед и со тоа го потврдуваат апостолскиот карактер на Светото Предание. Во основа на нивното учење е онаа иста едноставна и длабока проповед со која Апостолите „ја уловиле“ целата вселена. Светите Отци, во согласност со потребите и барањата на времето во кое живееле, го изнесувале апостолското учење или во вид на проповед, упатена кон оние што биле надвор од Црквата, или во вид на догма, која пред сѐ била наменета за верниците во Црквата. Тие биле не само пренесувачи на едно древно учење, туку првенствено биле сведоци на единствената вистинска вера.

                Сродноста на Светите Отци со Апостолите, се гледа и во начинот на пренесувањето на христијанската вистина. Според зборовите на Св. Григориј Богослов, Светите Отци им ја излагале Божествената наука на своите слушатели на „рибарски начин“, а не Аристотеловски – философски. Нивното богословие отсекогаш го имало за цел пренесувањето на живото доживување на верата во Црквата, а не на празни и безживотни фрази.

 

Светоотечкото наследство – израз на соборноста

                Големиот придонес на Светите Отци кон Црквата е во тоа што преку своите учења ја пројавиле соборната свест на Црквата, наспроти еретичкото нецрковно и индивидуално мислење. Како што веќе спомнавме, речиси сите Свети Отци своите боговдахновени списи ги пишувале, спротивставувајќи се на погрешното учење на еретиците, кои предизвикувале раздори во Црквата, па затоа биле анатемисани од страна на Соборите. Анатемата подразбира прекинување на заедницата во општењето, или попрецизно, прекин на евхаристиското заедништво. Ова заедништво се остварува преку присуството и дејството на Светиот Дух, Кој единствен Божествената вистина ја прави достапна за оние кои веруваат.

                Оние кои се недоволно упатени во развојот на богословската мисла, сметаат дека времето на Светите Отци му припаѓа на минатото и дека нивната дејност е ограничена на првите осум векови, на таканаречениот „Златен период“ од историјата на Црквата. Овој став води до заклучокот дека Црквата е назадна и далеку од изворното сведочење на верата. Меѓутоа, Преданието на Светите Отци никогаш не се прекинало. Имало Велики Свети Отци кои живееле и после Седмиот Вселенски собор, како на пример Св. Симеон Нов Богослов од 11 век, Св. Григориј Палама од 14 век и многу други. Затворањето на кругот на животот на Црквата во првите осум векови, односно во Седумте Вселенски собори, би било спротивно на нејзиниот дух е Светото Предание. Црквата денес не е само „потомок на Црквата на Светите Отци, туку во полна и вистинска смисла е Црква на Светите Отци“.

(Продолжува…)