Нека горат нашите срца со топла благодарност кон Пречистата

Поздравно слово на Архимандритот Партениј пред почетокот на бдението во чест на Чудотворната икона „Достойно естъ“

 

аше Високопреосвештенство, богоизбран пастиру на оваа епархија, Митрополите г. Тимотеј,

Ни направивте голема радост што нѐ удостоивте да чиноначалствувате со ова бдение, па сплотени и заедно да Ѝ упатиме молитва на Заштитничката на монасите – Богородица, а во чест на Нејзината Чудотворна икона „Достойно естъ“. Ви благодариме што овие дваесет години постојано сте со нас, вашите чеда, браќата и сестрите на Свештената Бигорска и Рајчичка Обител, во сите значајни мигови, споделувајќи ги со нас благодатните радости, но и искушенијата со кои Господ ја испитува нашата вера и љубов, како што беше, на пример, огненото испитание од 2009 година. Нашите срца најсмирено Ви благодарат што секогаш нѐ поткрепувате со својата пастирска и татковска грижа и молитви; што сте исполнети со голема љубов кон ова вековно Светилиште и редовно доаѓате да ги возвеличите нашите празници и слави; што секогаш сме ја имале Вашата поддршка за секое богоугодно дело во слава Божја; што благонаклоно го запечативте секое од нив со својот архиерејски благослов, па така, милостивиот Господ, гледајќи ја таа соработка и слога, направи големи чуда во овој Манастир, и она што беше пропаднато – го обнови, замреното – го воскресна, а занемареното – го објави во сиот свој сјај и убавина.

Искрено жалиме што од оправдани причини во оваа молитвена ноќ не е со нас достојнопочитуваниот игумен на Свештената Атоно-Зографска Обител, Високопреподобниот Архимандрит Амвросиј, но најтопло му благодариме што благослови вечерва да допатува при нас еден од членовите на Советот на зографските старци, ценетиот намесник на зографскиот Метох во Софија, сепреподобниот јеромонах Пимен. Неговото присуство овде за нас е голема чест, бидејќи тоа е уште едно сведоштво дека духовната сроденост на Зографската и Бигорската Обител, којашто навлегува во длабочината на вековите, продолжува и денес.

Ви благодариме и вам, многупочитувани и срдечни пријатели, возљубени отци и браќа од Црногорскиот Манастир на Светите Козма и Дамјан, што благоволивте да пристигнете од православна и братска Бугарија за заедно да Ѝ се помолиме оваа ноќ на нашата најмила Мајка, на Која Ѝ пее и Ја слави сета Вселена. Многу се радуваме што во тоа славословие ќе ни се придружи и познатиот хор за источно-православно пеење од градот Мелник – „Фенер“, со својот хорарх и наш драг пријател, отец Владко Тасков, како и нашиот ценет хор „Хармосини“, коишто одново се тука да го збогатат претстојното торжество во чест на преславната Богомајка.

Иконата „Достојно ест“

Голем и многу значаен е за нас поводот за ова сеноќно славје, а тоа е силното и благодатно присуство на Царицата Небесна, Која ни ја јави својата моќна мајчинска закрила преку својата чудотворна икона „Достойно естъ“, со која достојно го украси и уште повеќе облагодати нашиот Манастир. Со тоа Таа уште еднаш ги успокои и поткрепи нашите срца, уверувајќи нѐ дека пожртвувано мајчински бдее над нас и неуморно претстои пред Својот Син за нас, нејзините смирени поклоници и целиот род православен. Затоа ноќва нека горат нашите срца со топла благодарност кон „Почесната од Херувимите и Пославната од Серафимите“ и кон Нејзината пресвета Рожба, нашиот Спасител Господ Исус Христос.

Ваше Високопреосвештенство, благословете го овој свештен молитвен собор!

Ви посакувам добро бдение на сите!