Проповед на Митрополитот Тимотеј, изговорена на Литургијата во чест на иконата „Достојно ест“

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!

Драги браќа и сестри!

Пресветата Богородица е единствена и неповторлива личност во православната Црква. Со неа не може да се спореди ниеден друг светија и ниедно друго собитие во Црквата Христова. Како поширока од небесата, таа е патеводителка на христијаните кон Христа во сите временски периоди. Во исто време, таа е и давателка на секаква божествена добрина на човечкиот род. Затоа обидот да се претстави нејзиното величие ги надминува сите човечки сили. Само ангелите во небесното царство можат подостојно да ја изразат нејзината слава, додека, пак, ние, луѓето, можеме да ја восфалуваме само толку, колку што е потребно за да ги осветиме нашиот јазик и нашата душа.

Денеска светата православна Црква прославува еден од многуте празници посветени на Пресвета Богородица, Мајката Божја, поточно, ја прославува нејзината чудотворна икона Достојно ест. Како што знаеме, во животот на светата православна Црква, Светата Богородица својата љубов кон родот човечки ја покажувала на многу начини. Нејзиното присуство и нејзиното моќно застапништво особено се манифестирало во нејзините многубројни свети икони. Па така, имаме многу икони кои се поврзани со некое избавување на одделни градови, на одделни цркви и манастири, па и на цели држави, империи, народи и слично. Некои од овие икони имаат локален карактер на чествување и прославување, додека, пак, иконата на Достојно ест има општ православен карактер и се чествува во севкупната православна екумена. Оваа икона и денеска се наоѓа во Кареја, на Света Гора, а чудото поради кое таа се чествува е поврзано со ангелското пеење од небото, кое го слушнале монасите во моментот кога ја величале Света Богородица со песната Почесна од херувимите…, со порака дека пред овие стихови треба да ја величаат Богородица со зборовите: Достојно е, навистина, блажена да те нарекуваме тебе, Богородице, присноблажена и пренепорочна, и Мајко на нашиот Бог. Ете овој спомен и ова чудо ние денеска го чествуваме и прославуваме.

Света Богородица била испросена од нејзините прастари родители со молитва, со свет и праведен живот, со исполнување на старозаветните закони и прописи на Мојсеевиот закон. Затоа Бог ги удостоил и ја разврзал нивната неплодност и ги дарувал со рожба, која била наречена Марија, што значи испросена од Бога. Но, исто така, и Марија, уште како мало дете, сецело го посветува својот живот на Бога и на исполнување на Неговата волја. Предавајќи се сецело на служба на старозаветната Црква и чистејќи се од секакви можни гревови и пороци, постанува најчиста, најблагородна, најсвета, неизвалкана со никаков грев и порок, поради што и ќе се удостои да Го смести во својата утроба Несместливиот во сета вселена. Така подготвена и осветена, немало никакви пречки и прегради кои Му пречеле на Светиот Дух, за Тој да слезе врз неа, и на тој начин да Се воплоти Второто Лице од Светата Троица, Господ Исус Христос и Спасителот на светот. Света Дева Марија немала личен грев, но го имала прародителскиот, со што била изложена на сите овоземни маки, искушенија и слабости, коишто ги претрпува севкупниот човечки род. Но, со труд и со молитва, таа сите тие слабости ги надминувала и го сочувала нејзиното срце, нејзиниот ум и волја сецело чисти и сеоддајни на Бога. Затоа таа била и ќе биде помошничка на севкупниот човечки род во подвигот и стремежот кон спасението. Пресветата Богородица не спасува, но таа помага и без нејзината помош тешко дека некој може да биде спасен и да се удостои со светост и уподобување на Бога.

Пресветата, како Мајка на Господа Христа, има посебна сила и влијание пред својата Рожба, Христос, како што има и секоја мајка кон своето чедо. И како што секоја мајка го љуби своето чедо, таква љубов и приврзаност има и Светата Дева Марија кон Господа Христа. Затоа таа и сега има смелост, а од друга страна има и љубов кон човечкиот род, да застане и да се застапува за сите луѓе и да измоли милост од нејзиниот Син и наш Бог.

Таа ја манифестира својата мајчинска љубов кон секој христијанин кој со вера и љубов и се обраќа за помош. Но, потребно е тоа обраќање да биде искрено и да биде пропратено со вистинска вера и надеж во нејзината помош. Ако некој се обраќа само формално, не верувајќи искрено во нејзината помош, тогаш тој својата душа и срце ги нема очистено од слабости, престапи, гревови, сомневања и неверие, и објективно не може ниту да го очекува нејзиното застапништво, а ниту помош од Господа Христа.

Наоѓајќи се во оваа света обител, да се обратиме со искрена молитва кон Светата Мајка Божја, а со особена почит кон нејзината пресвета икона Достојно ест. Таа да биде наша молитвеница, поткрепителка и заштитница во севкупниот наш живот. Да ни помогне да ја сочуваме православната вера чиста и непоколеблива, да ги очистиме нашите срца и души од секакви лоши помисли и пакости, да ни даде сила измолена од Бога да можеме да одиме кон вистинскиот Христов пат, да направиме некое добро дело и така да спечалиме вечен и блажен живот, сега и во сета вечност. Амин!