Поздравно слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено пред почетокот на сеноќното бдение во чест на Рождеството на Свети Јован Претеча и Крстител
Ваше Високопреосвештенство,
Скапоцени наши пријатели од православна Грција,
Возљубени браќа, сестри и мили духовни чеда во Христа,
Повторно „гласот на оној, што вика во пустината“, Претечата на Словото, „ластовицата прекрасна и слаткогласна“ – како што секојдневно му пееме во молебниот, нѐ повика на овој сечесен собор во чест на неговото необично и преславно рождество. Црковната химнографија го карактеризира рождеството на свети Јован Претеча и Крстител како исклучително радосен настан, веселие за небесните и торжество за земните. Но и како поинаку Црквата Христова би можела да се изрази за оваа сеопшта радост на сето создание? Зашто навистина денес „гласот на Словото“ се огласува, „зората на Сонцето на правдата“ изгрева, „светилникот на Светлината“ заблескува! За величието на личноста на Предвесникот Христов, на оној кој по чест во Црквата доаѓа веднаш по Господа и Пресвета Богородица и чиј испоснички, но моќен лик секогаш се поставува десно од Христа на иконостасот во храмот, може премногу со пофалби да се говори. Но колку би можеле ние, најмалите, барем и во најмала мера, да го доближиме сето тоа до пофалбите што свети Јован ги понесе од устата Господова? Токму затоа, чувствувајќи ја својата недостојност, му пееме на „најголемиот меѓу родените од жена“, со зборовите од тропарот за неговото раѓање – „Пророче и Претечо на пришествието Христово, достојно да те пофалиме, недоумеваме ние, кои со љубов те чествуваме…“. Не можеме, значи, достојно да го пофалиме, но затоа, пак, со љубов го славиме и сесрдно му благодариме што нѐ избрал за свои смирени работници во овој негов прочуен дом.
Му благодариме должно и на нашиот достојно почитуван архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој благоволи да бидете вечерва со нас и Вие, Ваше Високопреосвештенство, Митрополите Брегалнички г. Иларион, наш многу драг некогашен собрат од оваа Обител, та исто како и лани – да претстоите на ова сеноќно молитвено собрание во чест на нашиот небесен закрилник. Митрополитот Тимотеј, пак, заедно со Епископот Хераклејски г. Климент, ќе нѐ удостојат со своето присуство на утрешната Света Литургија, со која ќе чиноначалствува г. Тимотеј.
Посебна е мојата благодарност кон вас, драги наши пријатели од братска Грција, многупочитуван протопсалте Илија Редиади Тумба, и многупочитувани членови на неговата дружина, што ете, и оваа година допатувавте од далечната Атина за да бидете дел од нашата радост, зголемувајќи ја притоа истата со вашата надалеку позната псалмодија. И кој би можел да пререче дека вашето присуство овде е исполнување на дело на Христовата заповед за љубовта? Со вашето доаѓање вие, всушност, покажавте дека братољубието во Христа помеѓу нашите два православни народа, не само што е апсолутно можно, туку е и природно, бидејќи една и иста вера исповедаме, еден и ист дух нѐ обединува. Тоа го докажа и минатогодишното ваше учество во заедничкото молитвопение, нешто што мошне позитивно одекна среде нашиот верен народ и беше прифатено со големо воодушевување. Со Бога напред, се надеваме дека за многу скоро и нашата света Црква, Охридската архиепископија, ќе биде прифатена во семејството на помесните православни Цркви, така што ќе имаме уште многу поводи за заедничка молитва и заедничарење во единственото Тело Христово. Зашто, навистина, неправедно би било, земјата што го има градот Охрид, каде што евангелското семе посеано од божествените Климент и Наум, учениците на светите рамноапостоли Кирил и Методиј Солунски, најпрво и најобилно дало плод, и оттука се расеало насекаде по славјанските земји, дури и до далечната Русија, денес, на црковен план, да биде изолирана од православните браќа и на тој начин – подложена на големи опасности и бранувања. Некогаш свештениот и велик патријарх Фотиј Константинополски, со нему достојниот сомисленик, ромејскиот василевс Михаил, со развиено чувство на соборност и визионерски дух, ги испратиле светите рамноапостоли во света апостолска мисија за приведување на славјанските народи и на половина Европа во прегратките Христови и во лоното на Вселенската сеспасителна црква. Таквата висока свест за соборност, широкоградост и љубов во Христа, слава Му на Бога, не изостанува ни денес. Божествената благодат којашто некогаш ги просветила и свети Фотиј Велики и светите Кирил и Методиј, како и многу други предани работници на Божјата нива, ги просветува и денес нивните духовни наследници.
Нека семоќниот Бог Промислител ги умножи силите на сите оние коишто ѝ мислат добро на едната, света и соборна Црква, за најпосле, по нивните рамноапостолни заложби и со Божјо содејство, да се надминат последиците од кобниот етнофилетизам во Црквата и да биде исцелена болката што со децении ја мачи правоверната паства на Охридската архиепископија! Зашто голема рана е за нас, продолжувачите на охридската црковна традиција, тоа што Охридската архиепископија, со која православниот народ одовде е органски сврзан со вековни врски, е сѐ уште надвор од сеправославното семејство.
Ви благодарам на сите што издвоивте време и дојдовте во ова славно Светилиште на свети Јован Крстител, за заедно да го прославиме неговото серадосно Рождество! Неговите молитви нека бидат со сите нас!
Добро бдение!