Крстот е болка, но и воскресение и радост!

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Партениј, игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на Светата Литургија на празникот Крстовден во Рајчица, по читањето на Светото Евангелие, 14/27 септември 2020 лето Господово

Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене (Марко 8,34)


Мили мои, само што слушнавме како Црквата преку евангелското читање нè потсети на трагичната драма што во она време се случила на Голгота. Чувме за страданијата и Крстот што Господ и Спасителот наш Исус Христос доброволно ги претрпел во најголемо смирение, заради спасението на секого од нас. Денес, значи, го чествуваме и восхвалуваме Светиот и Чесен Крст, славејќи го неговото пронаоѓање и Воздвижение пред целиот народ од страна на Светата рамноапостолна царица Елена.

Пред малку го чувме и Апостолот Павле како размислува за ова спасоносно знамение на Христијаните: Словото за крстот, вели тој, е безумие за оние што пропаѓаат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја (1. Кор. 1,18). Кои се, всушност, оние што пропаѓаат? Тоа се луѓето што се сообразиле со духот на овој свет; луѓе кои не можат да ја разберат тајната на Крстот, бидејќи таа тајна е голема и чудесна и изискува борба и жртва за да се разбере. Светот не може да разбере како Христијанинот може да живее со своите непријатели, и не само да живее, туку и да ги љуби. Кога е навредуван, да возвраќа со љубов; кога е удиран по едниот образ, да го сврти и другиот. Несфатливо е за световните како христијанинот постојано се труди да се победува себеси, својот егоизам, за да ги почитува и љуби другите, своите ближни.

Спротивно од ова, светот нè мобилизира и вооружува со следново: ако некој те нападне, веднаш врати му; ако некој се однесува кон тебе онака како што според тебе и според твоето звање не е достојно и неприлично, тогаш ти возврати му со поголема мера. Ако некој те навреди, ти навреди го тродупло. На злото со уште поголемо зло. А нашиот Спасител вели: Сте слушале дека е речено: ‘Љуби го својот ближен, а мрази го непријателот’. А Јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат, за да бидете синови на Вашиот Отец небесен (Матеј 5,43-45). Ете ја големината, ете го величието на тајната на Крстот!

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Навистина тешко е да се оди по патот на Крстот. Христос рекол: Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене (Марко 8,34). Крстот, значи, е тежина, некакво бреме, болка. Затоа, за да нè утеши и охрабри, Он уште вели: јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно (Матеј 11,30). Крстот благословен од Него, за нас е единствениот пат кон спокојот на душата и кон нејзиното спасение. Крстот е вратата кон Царството Небесно. Но, рековме, тој е и една болка. Каква болка? Секако, не мазохистичка што ние самите си ја нанесуваме, или суетна болка причинета од повредата на нашата гордост. Не, туку смирена и творечка болка, кога во моето срце чувствувам дека не постапувам, не живеам онака како што Христос ме учи и како што Он сака да живеам. Болка од сознанието дека не живеам доволно евангелски; дека мојот пат не е во толкава мера крстовоскресен, како на мојот Спасител. Ако се нарекуваме Христијани, тоа значи дека по принцип треба да Го последуваме Христа, смирено да го носиме Крстот Негов. Да се уподобуваме на Него, Кој од болка и љубов се распна за од смртта заробениот, возљубен од Него човек. Ги рашири рацете на Крстот, за да го прегрне човештвото со жртвена љубов. Таа е болката што како Христијани, сите ние, и богати и сиромашни, и знајни и незнајни, и учени и неуки, треба да ја чувствуваме во нашите срца, од носењето на крстот. Зошто во мојот ментален склоп не е онака како што треба да биде? Зошто во мене нема добра волја за несебично служење на моите ближни? Зошто чистата и вистинската љубов отсуствува од моето срце? Но, за човек да си ги поставува овие прашања е потребна постојана борба, смерна аскеза во христијанските добродетели. Современата идеологија на конформизмот ја одзема од нас оваа благословена болка. Не треба да копнеам по она што ми е наизглед примамливо, угодно и удобно, а во суштина – душепогубно. Напротив, да копнеам да му угодам на својот ближен. Да ги надминам своите страсти, својот егоизам, своето јас. Да пробам да се задоволам со малку, за да остане и за другите. Тогаш ќе бидам вистински последовател на Крстот и достоен ученик на Христа.

Тоа е значењето на Крстот, мили мои. Затоа во целата проповед на Црквата главното место го има токму Крстот. Тој е патот, тој е вратата на Рајот. Тој е благиот Христов јарем, со кој Он нè води на пасишта тихи и плодни. А овцата којашто бега од стадото, самата се лишува од благиот овчарски јарем и се подложува на погибел. Исто и ние луѓето: бегајќи од крстот, се давиме во сопствените страсти, во својата меланхолија и несреќа. Денес светот претставува една трагична слика на човечкото страдање и несреќа. Вчера во една од паримиите чувте како Бог му посведочи на непослушниот народ Израилски кој ропташе против Мојсеја: Ако го послушаш добро гласот на Господа твојот Бог, ако правиш што е угодно пред очите Негови, ако ги слушаш заповедите Негови и ако ги пазиш сите наредби Негови, нема да ти пратам ниедна од болестите, што ги пратив над Египет. Зашто Јас сум Господ, твојот Исцелител (Исход 15,26). Твојот Исцелител! Сака да каже дека не е Бог оној кој казнува, туку Оној Кој лекува. Се казнуваме самите ние, со тоа што се оддалечуваме од Него.

Бог не е виновен за злото што нè снаоѓа. Зашто, Он не е отсутен од нашите страшни искушенија. Не ги предизвикува нашите несреќи, па од страна да се наситува во Своето блаженство. Не, туку сострадува со нас, секогаш е тука за повторно да го понесе Крстот на страданијата и болките на луѓето. Христос е страдален Слуга, Кој трпи заради нас, во една историја и еден свет кој не е таков како што сакал Бог. Затоа Он дојде и на Крстот го основа Своето Царство во кое нема тага, болка и воздишка. Тоа е крајот на солзите. Христос дојде во овој безнадежен свет, за ние луѓето да можеме да го живееме чувството на рајот, додека живееме во овдешниот пекол. Преку горчината што самите ја предизвикавме, Он најде начин да нè спаси, ни даде лек. А тој лек е Крстот Христов.

Нема друго лекарство со кое човекот може да се исцели и спаси.

Па така, мили мои, да бегаме од оружјата и мерилата на овој свет, кои се неспасоносни и погубни, а да го прифатиме сесилното оружје што денес Бог го издигна пред нашите очи, та да можеме да се наречеме достојни Христијани. И со тоа „оружје на мирот“ сите наши таги да ги поднесеме со радост, бидејќи, како што кажавме, нашата вера е крстовоскресна. Светиот Крст да нè чува сите и благиот наш Спасител, распнат на него, Кој е мудрост и сила, нека ни испрати на сите благодатни сили и разум, за да можеме да ги износиме нашите крстови со благодарност и христоподобно достоинство.

Амин.