Благодатниот оган – чудо на Христовиот Гроб – XXI дел

(Дваесет и први дел)

 

Персиецот Ал- Казини (1260)

 

Захарија Ал-Казини (1203-1283), бил персиски лекар, астроном, географ и историчар. Неговото најпрочуено дело е космографијата под наслов „Чуда на созданието и чудесна страна на постоечките нешта“ – најпознато исламско дело кое се занимава со чудата или чудесните аспекти на созданието.

Во овој дел меѓу останатите чуда на тогаш познатиот свет, Ал-Казини го набројува и чудото на Светиот Оган. Арапскиот текст што следи е во издание на Фердинанд Виштенфелд од 1848 година.

„Кумамама (Храмот на Воскресението) е голема црква која им припаѓа на христијаните. Се наоѓа во центарот на градот (Ерусалим) Тешко е да се опише нејзината убавина, градба, елеганција и изобилство на раскош. Во еден дел од оваа црква стои кандилото кое, како што велат, некаква светлина што слегува од небото, го пали во одреден ден“.

 

Цар Јован VI Кантакузин (1360)

 

Јован VI претседава со синод

Јован VI Кантакузин (1293-1383), бил византиски цар во периодот меѓу 1347-1354 година. Во 1355 година, откако го напуштил тронот, се замонашил и повлекол во манастирот Манганон во Цариград. Таму во 1360 година ја напишал својата „III Апологија“ против муслиманите, во која зборува за чудото на Благодатниот Оган што се случува пред очите на муслиманскиот управител на Ерусалим. Делото е сочувано во доста ракописи. Царот во своето дело пишува:

„Во времето кога Христијаните, кои се наоѓаат таму (кај Гробот), ја пеат химната на Воскресението Христово, од висините слегува Светлина и ги пали трите свеќи што се наоѓаат во внатрешноста на Христовиот Гроб, во присуство на муслиманскиот управител… зашто како што на Јордан во мигот на Христовото Крштение, слезе глас од небото и рече: Ова е Мојот возљубен Син, исто така во спомнатото време слегува Светлината од небото, потврдувајќи и сведочејќи им на сите верници и неверници, дека Христос навистина е Син Божји и Слово Божјо, вистински Бог и Човек“.

 

Ефесјанецот Пердика (XIV век)

Многу малку се знае за Пердика, човек од грчко потекло кој живеел во Ефес, Мала Азија во XIV век. Бил личен секретар на Ефескиот Митрополит и како поклоник го посетил Ерусалим, каде учествувал во службата на слегувањето на Благодатниот Оган. Своето сведоштво го забележал во поетското дело под наслов: „Опис на чудата и знаменитостите во Ерусалим“, кое денес е сочувано во два ракописи. Пердика во своето дело пишува:

„Таму се наоѓа живоносниот Гроб Господов украсен со мермер и сјајни столбови, а пред вратата е каменот што Ангелот го турнал на страна и тој е извор на многу чуда за сите верници, од кои очигледно, и за верниците и за неверниците, најголемо чудо е видливото истурање на Пресветиот Оган на денот на вселенското Воскресение Господово, кое на верниците им дава осветување и светлина“.

Пердика го опишува слегувањето на Огнот со изразот: „видливо истурање на Светлината“, што значи дека Светиот Оган слегува одозгора и се распрснува по храмот на сосема јасен и видлив начин. Поимот „истурање на светлост“, го употребил и свештеникот Никита во своето послание до царот Константин Порфирогенит.

(Продолжува)

Превод од англиски јазик, сестринството од Рајчица