Македонска црковна и државна делегација по Благодатниот оган во Ерусалим

„Светлината Христова ги просветлува сите“.

Недобројни и неискажливи се милостите на Бога со кои Он го просветлува и осветлува секој човек во светот. Секојдневно ние биваме опсипани од благодатите на нашиот Отец Небесен, а најголем показател за Неговата безгранична љубов кон родот човечки е, без сомнение, понижението и страданието на Синот и Словото Божјо заради нас, заради секоја Негова загубена овца. Господ Исус Христос, блесокот и изобразбата на славата на Отецот, заради нас прими човечко тело и пострада во него на голготскиот крст. Но на третиот ден Он славно воскресна, совоскреснувајќи ги и умртвените прародители Адам и Ева и давајќи ни ја сите нас бесценетата можност да совоскреснеме со Него, само доколку веруваме и Го љубиме.
Како благослов и потсетник за Своето сеславно и сесветло Воскресение од мртвите, меѓу другите нешта, Он ни го оставил и Светиот Благодатен оган, таа Божествена светлина и топлина којашто со векови блеска и се пали во Пресветиот Гроб Господов на Светата и Велика Сабота. Оваа единствена по својот вид свештена појава претставува голем благослов за Христијаните ширум светот. Отсекогаш се сметало за голем благослов Светиот Ерусалимски оган од испразнетиот Гроб Христов да биде распространет и по домовите на верните, за да ги осветлува куќните иконостаси и да ги стоплува срцата со вера и љубов кон Бога. Од најстари времиња, поклониците во Светата Земја, меѓу другите благослови што ги носеле оттаму, биле, секако, и фенерчињата со Светиот Оган. Со развојот, пак, на технологијата и брзите транспортни средства, во поновата историја повеќе православни држави почнаа да го пренесуваат овој голем Велигденски благослов во своите земји и тоа токму во навечерието на празникот на Воскресението Христово.

Она што претставува огромна радост и посебен Божји благослов оваа година, е тоа што за прв пат во нашата историја Светиот Оган е донесен директно од Светиот Град, со државен авион, од страна на претставници на македонската држава и Црква. Ваквата благословена прилика беше овозможена со примањето на нашата Црква во канонско и евхаристиско единство со сета православна екумена, по историската одлука на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј од 9 мај 2021 година. Авионскиот лет беше организиран од страна на Владата, со одобрение на Премиерот г. Димитар Ковачевски и со поддршка на министерката за одбрана, г-ца Славјанка Петровска. Впрочем, Владата помагаше и претходните години за Светиот Оган да биде донесен во земјава, но сега е прв пат тој да биде земен со државен авион непосредно од Ерусалим.
Црковно-државната делегација полета во Светата Земја со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, откако побара и доби благослов од Неговото Блаженство, Патријархот Ерусалимски г. г. Теофил. Претставници од државната власт беа: министерот за внатрешни работи г. Оливер Спасовски, министерката за култура г-ѓа Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорот на КОВЗРГ г. Даријан Сотировски, државниот секретар за надворешни работи г. Филип Тосевски, в.д. амбасадорот во државата Израел г. Мачеј Качоровски и др., додека црковното претставништво го возглави Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, придружуван од архимандритите Кирил и Анатолиј од Свештената Бигорска Обител.
Нашата црковно-државна делегација присуствуваше на бдението на Светиот и Велик Петок вечерта, кога се пееја Статиите на оплакувањето Христово, пред самата Свештена Кувуклија, во која се наоѓа Пресветиот Гроб Господов, а, се разбира, денес и на Последованието на Светиот Оган на истото место, во Сечесниот храм на Воскресението. Беше примена, исто така, и на прием кај Патријархот Ерусалимски г. г. Теофил. Светиот Благодатен оган вечерва беше свечено пречекан на скопскиот аеродром од страна на црковни и државни великодостојници и од многубројни верници.