Света и Велика Сабота

Господ наш Исус Христос денес заспа со сон спасителен, умре на Крстот како човек вистински и погребан беше според традицијата, но како Бог вечен и нестрадален ја уништожи сета сила на злото и ѓаволот, ја отстрани секоја дамка од гревот и ги ослободи од века умрените мртовци, кои го чекаа Неговото слегување во Адот.

„Во гробот телесно, во адот со душата како Бог, во рајот со разбојникот и на престолот си бил Христе со Отецот и Духот, сè исполнувајќи, неопислив!“ – воскликнува Црквата исповедајќи и сведочејќи ја вистинитоста за Божествените нешта.

Сета злоба се угасна во бескрајната длабочина на долотрпението и добрината Божја, оти „Он ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости“, а „преку Неговите рани ние се излекувавме“(Ис.53,4-5).  

Заспан, по три дена ќе воскресне нашиот Спасител и Бог и во оваа најблагословена сабота Он се одмори од Своите дела, како некогаш при создавањето на светот, кога „си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои“(1 Мој.2,2).

Бигорската Свештена Обител го слави победоносното слегување Христово во адот и со нетрпение го очекува часот кога за прв пат ќе се испее „Христос воскресе…“ Милозвучното пеење на великопеточните Статии од хорот Митрополит Козма Пречистански во симфонија со огромното мноштво притекнати во храмот на Крстителот Господов, сведочеше за силниот копнеж по Воскресението Христово. Оваа Сабота е Велика, овој ден е благословен. Старецот, епископот Антаниски г. Партениј, чиешто пеење на победоносното „Воскресни Боже…“, придружено со разнобојните латици, кои летајќи го украсуваа Бигорскиот храм и паѓаа врз лицата на монасите и многуте верни кои ја преплавија Обителта, предизвика невиден победоносен восхит и достојна најава на Воскресенското торжество.

Почитувани верници,
Бидејќи се наоѓаме во најсветите денови од годината, денови на сечесните страдања на нашиот Спасител Господ Исус Христос и на спасоносните настани од последните денови на Неговиот живот на земјата, ви принесуваме за духовна полза извадоци од култниот филм Животот на Христа.
Овој безвременски, величествен филмски приказ на евангелските настани од Страсната Седмица бил снимен во педесеттите години на минатиот век. Главниот продуцент, ирскиот свештеник Патрик Пејтон, презел огромен филмски проект за прикажување на животот на Спасителот на филмското платно. Овие филмски серијали биле гледани низ целиот свет и биле едни од првите филмови со христијанска содржина. Делото изобилува со импресивна кинематографија, сценографија и костимографија, а особено впечатлив е иконографскиот приказ на сцените, во кои личноста на Богочовекот е прикажана со должно достоинство, со мистика, секогаш сниман одзади грбот, а никогаш со лицето – што е карактеристично за старата христијанска кинематографија. Настаните се прикажани според евангелските сведоштва, при што е запазена точната хронологија, со теолошка оправданост од православно гледиште. Филмот бил често прикажуван на часови по веронаука. Се надеваме дека ќе ви биде и вам од полза.