Празничен спомен на Апостолот на љубовта

Втората недела по Воздвижението на чесниот и животворен Крст Христов, се совпадна со чествувањето на споменот на светиот апостол и евангелист Јован Богослов, Апостолот на љубовта, Христовиот орел кој се вивна во пространствата на богословието и на неискажливите Божји тајни.

Во нашата Свештена Бигорска Обител успението на Богословот Христов се слави со голема посветеност, радост и красота, затоа што нашиот возљубен старец и игумен, Епископот г. Партениј, особено го љуби и го чествува свештениот писател на Евангелието кое започнува со највозвишените зборови: Во почетокот беше Словото. Старецот, кој на своите плеќи смирено го понесе крстот на љубовта за современиот човек, пожртвувано и со големо трпение, секогаш како пример пред себе го поставува токму Свети Јован Богослов, преку кого и нѐ издигнува кон Бога. Можеме слободно и без двоумење да кажеме дека белези апостолски се извршија меѓу нас во секое трпење, во знаци, чудеса и сили (2. Кор. 12,12).

Светиот Апостол и Евангелист Јован Богослов, како подарок за денешниот ден и во знак на братската љубов ни го донесе о. Патрик Брнс од Конектикат, САД, кој посака да сослужува со нашиот Старец и со браќата, околу едната Чаша Господова. Синоќешното повеќечасовно бдение, кое се соврши во умиление, молитва и благодарност, ни беше вистинска средба со Божеството, со Царицата Богородица, со Неговите Светии, особено со возљубениот Христов ученик, Апостолот на љубовта и на богословието, Свети Јован. Светата архиерејска и Божествена Литургија, пак, евхаристискиот принос за сите и за сѐ, ни излеа духовна светлина, просветление и причестување со Бога.

Таа светлина преточена во зборовите на бигорскиот Старец г. Партениј прозвучи низ преполнетиот Претечев храм, хранејќи ги душите на присутните и благовестејќи им за благословот од блаженото послушание:

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Денес, мили мои, сме собрани во љубов и празнична радост од страна на една љубов Божествена, од „синот на громот“ (сп. Марко 3,17), од светиот и славен Апостол и Евангелист Јован Богослов. Овој возљубен Христов ученик и благовестител е наречен уште и Апостол на љубовта, затоа што тој до крај беше послушен и верен на својот Учител.

Впрочем, верноста и послушанието беа главните одлики, и сотириолошки и дидактички, со кои Синот Божји дојде на Земјата. Он се настани како човек во овој свет, во беспрекорно послушание кон Својот Отец, сè до Својата телесна смрт: Сам Себе се понизи и земајќи облик на слуга, се изедначи со луѓето и по изглед се покажа како човек; Сам Себе се понизи, послушен сè до самата смрт, и тоа смрт на крст (Филип. 2,7-8). Со ова Он нè поучи сите нас дека, како Негови ученици, треба да бидеме послушни и смирени.

И од денешното евангелско четиво, предвидено за овој неделен ден, втор по празникот Крстовден, чувме една прекрасна и применета поука за послушанието. Имено, Господ Христос му заповедал на апостолот Петар повторно да отплови во длабочините и да ги фрли рибарските мрежи. Претходно, пак, овој целата ноќ се имал трудено да улови риби, но без никаков успех, бидејќи временските услови не биле благонаклонети за риболов. Апостолот бил вешт риболовец – од тоа живеел – па го споделил своето искуство со Христа, велејќи му: Учителе, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме. Меѓутоа, тој не останал само на ова, туку од почит кон својот Учител, веднаш додал: но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата. Видете, Апостолот знаел дека не е можно да се ловат риби поради временските услови, но од послушание постапил како што му повелал Учителот. И слушнавме од Светото Евангелие, штом го направи тоа, тие уловија толку големо количество риба, што дури и мрежата им се скина (Лука 5,4-6). Се случило, значи, чудо. Послушанието донело голем благослов. Сезнајниот Господ бил многу свесен дека времето не било погодно за риболов, но Он провидел дека Апостолот ќе му направи послушание и дека тоа ќе биде за благослов и за поука и пример на сите.

Всушност, сè што Бог изврши додека беше во тело на Земјата, го направи за спасение и поучение наше. Сакаше да ни покаже дека најважно од сè е човекот да чекори во својот живот според Божјата волја. А ќе се патеводи според неа тогаш кога ќе им е послушен на Божјите заповеди. Доколку сакаме да сфатиме што е послушанието, најдобро би било најпрвин да погледнеме, преку неколку примери, што значи непослушанието. Всушност, тоа го родило злото во светот и тоа најнапред во небесниот, кога најсветлоносниот ангел поради завист кон Бог Творецот отпаднал од светлината Божествена, станал мрак и ад, и повлекол со себе многу ангели во бездната на пеколот. Потоа нешто слично се случило и со нашите првородители Адам и Ева, на кои им била дадена само една заповед, едно послушание: да не вкусуваат плод од само едно дрво во Едемската градина. Но, тие ја престапиле заповедта и извршиле непослушание. Со тоа ги воведоа злото и смртта среде родот човечки. Избраниот израилски народ многу пати, исто така, извршил непослушание кон Бога и секогаш како последица на тоа запаѓал во страшна беда. Синот Човечки, пак, додека пребиваше на Земјата, преку личен пример ни покажа колку значајно и спасоносно и благодатно е блаженото послушание и колкав благослов тоа носи. Преку него Он го исполни Божјиот домострој за спасение и живот вечен.

Така значи, онаму каде што нема послушание нема ни благослов, владее анархија, господари хаосот и темнината. Таква неблагопријатна состојба настанува и во Црквата доколку се нема вистинско послушание. Без него се случува хаос и во семејството и во компанијата каде што работиме и во општеството и во државата. Кога луѓето би го следеле примерот на Христа, бидувајќи си послушни еден на друг во доброто, тогаш навистина би настанала хармонија на секое поле. Деца, советува свети апостол Павле, бидете им послушни на родителите свои, во името на Господа, зашто тоа е праведно, и Вие, слуги, бидете послушни кон вашите земни господари со страв и трепет, во простота на срцето, како кон Христос (Ефес. 6:1,5), Кој, иако беше Син, Тој се научи на послушност од она што го пострада, а, откако се усоврши, стана извор за вечно спасение на сите оние кои Му се послушни (Евр. 5,8). Еве денес од Евангелието чувме дека кога правиме послушание, Бог е подготвен да нè благослови, да направи чуда за нас, да го оствари она што за луѓето е невозможно. Послушанието со смирение го привлекува Божјиот благослов и ги прави чудата. Ние во монаштвото тоа особено добро го знаеме. Во манастирите сите благодати се заради жртвата и послушанието на монасите кои оставиле сè од овој свет и се трудат во исполнување на Божјата волја, изразена преку послушноста кон својот Старец. Затоа чудата Божји во манастирите се вообичаена појава.

Послушанието е Божествена добродетел, но не секое, туку само она вистинското, заради Бога и во Бога. На синоќешното бдение прочитавме од посланијата на Свети Јован Богослов како тој ги советува Христијаните да ги испитуваат нештата со расудување: Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку проверувајте ги духовите: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот (1. Јован. 4,1). Послушанието, значи, е потребно и спасително, но исто така и внимавањето кому му правиме послушание. Па дури и кога избираме духовник, треба многу да внимаваме на кого ќе му ја довериме сопствената душа и кого ќе слушаме. Пред сè, да испитаме дали самиот тој живее во ред и во послушание. Се исповеда ли? Поучува ли здравомислено и во духот на преданието на Црквата? Или, пак, предизвикува раздори, озборува и суди? Ако еден духовник тебе како Христијанин те советува да ги осудуваш другите духовници, или луѓето општо – бегај од таквиот. Ако еве и јас – сега се обраќам кон моите духовни чеда – ве поучувам да мислите, зборувате или пишувате против други духовници, тогаш слободно напуштете ме. Оти, Свети Јован Богослов така нè поучува: откако ќе ги провериме духовите, да се држиме до она што е здраво, што е исправно, што е проверено, а да се отклонуваме од она што не е во согласност со учењето на Црквата. Пред да избереме кого ќе слушаме, треба добро да го испитаме неговиот живот. Често пати кога ги советувам верниците, изборот на духовник го споредувам со избор на лекар за телесни болести. Кога луѓето одат на лекар, претходно многу добро испитуваат кај кого ќе одат и кому ќе му го доверат телесното здравје. Кога и при избор на матичен лекар испитуваат каков е тој, какво е неговото лекарско досие и реноме, колку повеќе, пак, испитуваат и истражуваат кој специјалист е најдобар, тогаш кога ќе им се наложи да одат на операција. Ваква грижа и внимателност треба да полагаме и при изборот на духовник. За жал, има во Црквата и такви што проповедаат дека наш духовен отец секогаш треба да ни биде парохискиот свештеник. Меѓутоа, такво нешто нема ни во свештените канони, ни во светоотечкото предание. Да, ние во секој случај треба да го почитуваме и слушаме нашиот парохиски свештеник, бидејќи тој се моли и се труди за душите наши, но духовникот секој го избира според своето срце, според тоа како нè учат Светите Отци, каде и да е. Црквата е една света, соборна и апостолска. Па ако некој си нашол духовен отец дури и во некоја друга јурисдикција, ништо не го попречува таму да се исповеда. А духовникот, пред сè, треба да е смирен и послушен на Црквата, и самиот да води духовен живот под раководство, да не суди, да не клевети и да ги води своите духовни чеда по патот на љубовта. Оти, како што го чувме Апостолот на љубовта на вечерната богослужба, Ако некој рече: „Го љубам Бога“, а го мрази својот брат, тој е лажливец: зашто, кој не го љуби братот свој, кого го видел, како може да Го љуби Бога, Кого не Го видел? И таа заповед ја имаме од Него: кој Го љуби Бога, да го љуби и братот свој (1. Јован. 4,20-21). Ова значи дека само љубовта е белегот по кој сме препознавани дека сме Христови и само преку неа Бог ќе дејствува во нас. Апостолот Јован е наречен Богослов затоа што силно и со полна доверба Го возљубил Господа Христа. Тој на Тајната Вечера беше легнал на градите Господови и оттаму, од љубовта Христова, нацрпи такво чудесно, вишно богословие. Затоа за неговото Евангелие се вели дека е со најдлабока теолошка суштина. Тоа се гледа уште од првите зборови: Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Бог беше Словото (Јован 1,1). Започнува, значи, од духовните висини, објаснува дека Христос беше отсекогаш заедно со Отецот и Синот и Светиот Дух, и дека во одредено време слезе и се воплоти на Земјата, за наше спасение.

Мили мои, денес Црквата ни ги предочува примерите на двајцата Божествени проповедници, врвот на Апостолите, Светите Петар и Јован, за да се поучиме од нив на блаженото послушание. Оваа Христова порака за послушание е упатена кон сите нас. Добро и потребно е и ние да имаме таква доверба во зборот на Христос како што имал апостолот Петар. Со таква вера, во сè ќе ја исполнуваме волјата Божја. Ние честопати се запрашуваме која е Божјата волја. Таа е гласот на Црквата изразена преку мојот духовник, преку мојот свештеник, преку мојот владика. Таа е Божјата волја. Правам ли послушание – ја творам волјата на Отецот небесен.

Господ Христос нека ни дава сили да се исполниме со љубов кон Него и да запловиме во подлабокото, во тајните Божји, кои ќе го исполнат нашето срце со неизречива радост и просветление.

Амин!