Свет и Велик Петок

Таинство големо, глетка достојна за плач. Божествениот Емануил е биен од нечовечните раце на војниците, кои удари тешки Му нанесуваат и Го растргнуваат пречистото Негово тело. Синот Божји Кој со убавина и слава го украси човекот, денес од него без убавина е оставен! Господарот на сè стои пред Своето создание и заради негово спасение претрпува неискажливи страдања. Страшен призор пред кој и ангелите со крилјата си ги преклопуваат своите очи, горка вистина која ги прободува срцата на сите верни. Нема таков што може да ја разбере човечката суровост која денес ја пројавува својата невидена сила, извршувајќи го најстрашното беззаконие во историјата на човештвото. Синот Божји виси на Крстот, осуден среде двајца разбојници, во страшната агонија на смртта. Главата со венец од трње Му е овенчана, ребрата со копје прободени, рацете и нозете со клинци, а во устата горчина од оцет и жолчка. Страда нашиот Господ, но меѓу сите страдања едно е најгорко од сите. Тоа Му ја прободува главата повеќе од трновиот венец, Му го распарчува срцето подлабоко од копјето, Го мачи полошо од самиот клинец, Му предизвикува поголема горчина од жолчниот оцет, Му тежи повеќе од Крстот, Го убива побрзо од смртта. Нема поголемо страдање за Господа од тоа да го види делото на рацете Свои како станува виновник за смртта Негова. Во недоумение е нашиот ум, горчлив плач се излева пред овој призор: колку што неизмерно пострада нашиот Господ, толку неизмерна е дрскоста на човекот. Ја гледаме бескрајната неблагодарност на човекот кон Бога, но и бескрајната љубов Божја кон човекот. Бидејќи Он, пред самото издивнување, уште еднаш милозливо го погледнува Своето создание и во длабока тага и болка извикува: Прости им, Отче, бидејќи не знаат што прават!

Гледаме во Распнатиот и во Неговите распнувачи, гледаме во потоците крв кои се излеваат од Неговото тело за да ја измијат нашата нечистота. Колку само пати рацете човечки против праведникот се подигнаа, колку пати усните злобни слова и страшни клевети изговорија? Да, сите ние отстапивме од Него, сите ние распнувајќи го братот свој Го распнавме Господа и сите сме учесници во ова страшно дело во кое кулминира злобата. Затоа да побрзаме и горко да ја оплакуваме нашата неблагодарност, да ридаме над пројавената завист, над дрските беззаконија со кои духовно умртвивме толку наши браќа. Не ни останува ништо друго, освен со свештен трепет мисловно да се искачиме кон светата гора Господова и таму да се задлабочиме во ова страшна, но искупителна глетка. Зашто среде тој ужасен мрак кој го покрива лицето на целата Вселена, светли Крстното дрво, тој Жртвеник на кој се изврши искупувањето на родот човечки и најсвет Престол од каде одново вострожествува љубовта Божја, која при последниот здив вели: Се сврши!  

Оваа трогателна драма заради човечкото спасение одново нѐ собра околу чесниот Крст издигнат во Бигорскиот храм. Восредоточени во лицето на Постраданиот од кое значи бескрајна снисходливост, во бездната на страдањата што сведочат за Божјото неискажливо долготрпение, во чијшто темел е положена совршената љубов, не можеме, а да не ги скрушиме срцата пред ваквото божествено снисходење. Ако сега не се исполниме со сострадание, ако останеме бесчувствени и неблагодарни пред лицето на оваа бескрајна љубов, тогаш срцата наши се потврди од камен и пожестоки од оние кои при смртта Христова се распалија! Ако досега бевме непријатели, барем сега, во овој последен час да ги преклониме колената свои и да Го молиме нашиот Господ: Симни се среде нас, Спасителе, и насели се во срцата наши, биди неразделен од нас – и овде на земјата и во Твоето Царство Небесно.

Почитувани верници,
Бидејќи се наоѓаме во најсветите денови од годината, денови на сечесните страдања на нашиот Спасител Господ Исус Христос и на спасоносните настани од последните денови на Неговиот живот на земјата, ви принесуваме за духовна полза извадоци од култниот филм Животот на Христа.
Овој безвременски, величествен филмски приказ на евангелските настани од Страсната Седмица бил снимен во педесеттите години на минатиот век. Главниот продуцент, ирскиот свештеник Патрик Пејтон, презел огромен филмски проект за прикажување на животот на Спасителот на филмското платно. Овие филмски серијали биле гледани низ целиот свет и биле едни од првите филмови со христијанска содржина. Делото изобилува со импресивна кинематографија, сценографија и костимографија, а особено впечатлив е иконографскиот приказ на сцените, во кои личноста на Богочовекот е прикажана со должно достоинство, со мистика, секогаш сниман одзади грбот, а никогаш со лицето – што е карактеристично за старата христијанска кинематографија. Настаните се прикажани според евангелските сведоштва, при што е запазена точната хронологија, со теолошка оправданост од православно гледиште. Филмот бил често прикажуван на часови по веронаука. Се надеваме дека ќе ви биде и вам од полза.