Свети и Велик Четврток

Денес Црквата Христова прави спомен на Тајната Вечера на Спасителот. Во овој голем ден е востановена Светата Евхаристија – Божествената Литургија којашто Црквата ќе продолжи да ја извршува и во вечноста. Таа е една и иста Евхаристија која литургиски и суштински никогаш не престанала. Пред своето спасително страдање Господ Исус Христос преку апостолите ни го остави најголемото таинство преку кое се спасуваме и обожуваме – Своите пречисти Тело и Крв. Он Целиот ни се предаде во љубовта. Сака целиот да се соедини со нас, та и Својата обожена човечка природа ни ја дава нам за причестување и соединување со Него. „Примете, јадете, ова е моето Тело кое се прекршува за вас и за мнозина, за прошка на гревовите“ и „Пијте од неа сите, ова е Мојата крв на Новиот Завет која се прилева за вас и за мнозина за прошка на гревовите. Ова правете го во Мој спомен“. Како што вели нашиот Старец и Епископ г. Партениј: „Тоа е Телото со кое е обновено човечкото битие; таа е Крвта преку која е препородена човечката природа“. Литургијата е суштина на Црквата и преку неа таа постојано се обновува и живее „земајќи постојано учество во Неговиот живот, страдање, смрт, Воскресение, вознесение, седењето оддесно на Бога Отецот и Неговото Второ доаѓање“. Преку примањето на Телото и Крвта на Воскреснатиот Христос добиваме опит од Воскресението и од нашето лично учество во него.  

Неопислива и непоимлива е љубовта на Господа Исуса Христа. Он пред Вечерата им ги изми нозете на своите ученици – апостолите, вклучително и на Јуда, и покрај тоа што знаеше дека набрзо ќе Го предаде. Со тоа ни покажа прекрасен пример на смирение и понизност, а од Него треперат и Небото и Земјата! Истата вечер се изврши и страшното предавство од страна на апостолот Јуда, кој се покажа лажливец и слуга на ѓаволот. Предавство со поздрав, со целив.

Трогателните моменти од овие настани ни ја откриваат длабочината на Божјата љубов, долготрпение и смирение, а воедно и човековата помраченост и демоноподобност. Секако, нашиот Спасител како сезнаен Бог сето тоа го знаеше однапред и доброволно тргна кон исполнувањето на сето тоа, кое беше проречено преку пророците дека ќе стане, за да го пресоздаде и спаси човекот кој лежеше во смртна сенка. 

Иако сите настани од оваа последна седмица наречена Страдална и Велика, се со најдлабока смисла и неиспитлива длабочина. Еден од нив е Првосвештеничката молитва на Господа Исуса, Неговата човечка агонија пред смртта, преку која Бог го надитри ѓаволот, кој мислеше дека си има работа со човек кој се плаши од смртта.

Преплавени од силни чувства од сите овие неповторливи настани, верните заено со Братството и Сестринствата предводени од нашиот Старец и Епископ г. Партениј, лично ги доживеаја и стекнаа опит преку Светата Василиева Литургија на која свештенодејствуваше Самиот Господ Христос преку рацете на нашиот Старец и Игумен, Епископ г. Партениј, предавајќи ни ги чесните Таинства.

Поткрепени со Светите Христови Тајни и помазани со исцелителниот елеј на Неговата безмерна добрина и љубов, ги подготвуваме нашите срца да постанат храм во кој треба да болсне благодатниот незгаслив факел на Вечната Христова Пасха.

Почитувани верници,
Бидејќи се наоѓаме во најсветите денови од годината, денови на сечесните страдања на нашиот Спасител Господ Исус Христос и на спасоносните настани од последните денови на Неговиот живот на земјата, ви принесуваме за духовна полза извадоци од култниот филм Животот на Христа.
Овој безвременски, величествен филмски приказ на евангелските настани од Страсната Седмица бил снимен во педесеттите години на минатиот век. Главниот продуцент, ирскиот свештеник Патрик Пејтон, презел огромен филмски проект за прикажување на животот на Спасителот на филмското платно. Овие филмски серијали биле гледани низ целиот свет и биле едни од првите филмови со христијанска содржина. Делото изобилува со импресивна кинематографија, сценографија и костимографија, а особено впечатлив е иконографскиот приказ на сцените, во кои личноста на Богочовекот е прикажана со должно достоинство, со мистика, секогаш сниман одзади грбот, а никогаш со лицето – што е карактеристично за старата христијанска кинематографија. Настаните се прикажани според евангелските сведоштва, при што е запазена точната хронологија, со теолошка оправданост од православно гледиште. Филмот бил често прикажуван на часови по веронаука. Се надеваме дека ќе ви биде и вам од полза.