Почитувани читатели,
Започнуваме со објавување на една серија раскази со православна тематика, oд збирката „Емигрант“ (2014), дело на познатиот бугарски автор Мартин Ралчевски, а преведени на македонски јазик од филологот Ирена Кепеска.
Мартин Ралчевски е роден во Софија во 1974 г. Дипломирал на Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, со специјалности Богословие и Географија. Оженет е и има две деца. Од 2009 г. живее во Екситер, Англија. Автор е на шест романи („Бескрајна ноќ“, „Шумски дух“, „Полубожица“, „30 фунти“, „Измама“ и „Антихрист“), на збирката раскази „Емигрант“, како и на многу статии и есеи објавувани во различни весници, списанија и сајтови. Наскоро ќе биде издадена најновата негова збирка раскази „Душа“.
Еден прекрасен знак пред крајот
Решив да ја споделам оваа кратка вистинска приказна, зашто во денешно време вакви случки се реткост. Но и не само заради тоа. Ами затоа што ако човек умее да чита и меѓу редови, како што се вели, ќе најде тука огромна надеж. А денес секој има потреба од надеж.
Мајка ми деновиве седела на една клупа во централната софиска градина и си читала нешто. Времето било меко за сезоната и таа, трчајќи по обврските, решила да скршне од патот и да здивне малку.
До неа „случајно“ седнала нејзина позната, која незнајно од каде се појавила во тој момент во истата градина. Мајка ми ја поздравила и продолжила да си чита. Таа е таква – ако чита нешто, секогаш потонува во напишаното. Жената, која била возрасна, но помлада од мајка ми, што значи дека може имала околу 60 години или малку повеќе, наеднаш ја прекинала.
-Марија, извини, сакам да споделам нешто со тебе.
Мајка ми љубопитно ја погледнала.
-Знаеш… – изустила притеснето жената. -Јас… јас… чувствувам таква љубов во душата, што… ги сакам сите луѓе. На никого не се лутам. Никого за ништо не обвинувам. И… на сите им простувам.
Овие зборови ја зачудиле мајка ми. Таа ја оставила книгата настрана и ја погледнала в очи.
-Па… тоа е прекрасно – одговорила бавно. – Се радувам за тебе.
Истиот ден вечерта мајка ми се изненадила кога разбрала дека таа жена, само еден час откако се разделила со неа, добила удар, паднала на тротоарот и починала.
Утредента мајка ми му го кажала она што се случило на свештеникот во црквата во која се црквува.
-Слава на Бога. Таа е кај Христа – одговорил отецот и се прекрстил, – ѝ било откриено дека наскоро ќе почине и таа се простила со светот. Треба да се радуваме за неа.
Каков пример на љубов е ова, си мислам. На Божјата љубов кон оваа жена, но и нејзина љубов кон сите луѓе.
Во еден миг времето завршува за сите. И… настапува судот. Дај Боже да сме смирени и да знаеме дека таму, на оној страшен праг, треба да имаме љубов во срцата. Љубов, љубов и пак љубов. За да нè помилува Христос. Инаку, може да настапи бескраен мрак. Навистина бескраен мрак. Да нè дочува Бог.