Чуда на Преподобниот Јоаникиј Ракотински во Бигорски

Во периодот од 2008-2010 година чесните и чудотворни мошти на новопројавениот Светија, Преподобниот Јоаникиј Ракотински, чиј спомен се слави денес, привремено престојуваа во параклисот „Свето Благовештение“ во Свештената Бигорска Обител. По нешто повеќе од двегодишниот престој на моштите на Преподобниот во Бигорски, кога веќе започнаа подготовките за претстојното негово впишување во Диптихот на светиите, нашиот почитуван Архиепископ г. г. Стефан одлучи дека најпосле дојде времето ракотинската Светиња да се врати во својата Скопска епархија, каде што Преподобниот го поминал целиот свој монашки живот, во предана служба кон Црквата Христова. Така, во 2010 година моштите беа пренесени во манастирот посветен на Свети Георгиј Победоносец, во местото Криви Дол во Скопје, а по Впишувањето на Преподобниот Јоаникиј во Диптихот на Светиите на 25 септември 2017 година, тие се положени за поклонение во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Во Бигорската Обител, пак, со благослов на Архиепископот, остана едно парче од тие свештени мошти кои постојано творат чуда.


Чудотворните мошти на Преподобниот Јоаникиј Ракотински во Бигорски

За време на престојот на моштите во Бигорски, Преподобниот отец наш Јоаникиј изврши повеќе чудеса од кои некои се запишани. Во чест на неговиот денешен спомен, изложуваме дел од нив.

Свети Јоаникиј исцелува еден брат од некаков сомнителен израсток во устата

Првото чудо во Бигорскиот манастир, преподобниот Јоаникиј го направил во 2008 година над искушеникот М. (денес монах П.), кој, како што рекол самиот, со искрена молитва пред чесните мошти побарал од Светиот да го исцели од израстокот, што и по оперативниот зафат почнал повторно да расте во неговата уста. По застапништво на преподобниот, овој израсток исчезнал веќе следниот ден.

Преподобен Јоаникиј исцелува човек од голем камен во бубрегот и друг човек од канцер

Потоа, на еден голем пријател на Бигорската Обител, духовникот и архимандрит Порфириј, игумен на манастирот на Претечата во Верија, кој веќе го имал грчкиот превод на краткото житие на преподобниот, и кој во еден разговор со бигорскиот старец и игумен, Епископот г. Партениј, бил известен за присуството на моштите во Бигорската обител, му било дадено едно мало делче од моштите, поконкретно делче од најмалиот прст. По извесно време, отец Порфириј му соопшти на игуменот Партениј за чудото што светителот го пројавил преку она делче од моштите. Имено, жителите од околината на манастирот во Верија имаат обичај да земаат понекогаш од моштите што се наоѓаат таму и да ги чуваат за благослов во своите домови на одредено време. Така, во една прилика игуменот Порфириј ѝ ги дал моштите на преподобниот Јоаникиј на некоја верничка и ѝ рекол дека тие му припаѓаат на сè уште непрочуен светител, но голем чудотворец. Набргу откако жената ги однела моштите во својот дом, на гости ѝ дошла нејзината ќерка со својот сопруг Георгиј, кој имал сериозен здравствен проблем. Снимките покажале дека во едниот бубрег имал камен во форма на топче со пречник од неколку сантиметри, така што морал итно да се оперира. Тој ден бил петок, а операцијата била закажана за во понеделник. Меѓутоа, неговата тешта му ги принела моштите и му кажала за чудотворната сила на светителот, така што тој, иако не бил многу воцрковен човек, се поклонил со надеж дека Бог ќе му помогне по молитвите на преподобниот. Кога во понеделникот Георгиј отишол на операција, рутинската снимка пред хируршкиот зафат не покажала ниту трага од огромниот камен!

Архимандритот Порфириј, од истиот манастир, раскажува за уште едно чудо што се случило преку светите мошти на Преподобниот Јоаникиј. Имено, Божјата промисла уредила во неговиот манастир во Верија да дојде некоја жена, тешко болна од рак, и таа со силна вера во Бога побарала од отец Порфириj да се помоли за нејзиното здравје. Тој ѝ го дал кивотот со моштите и ѝ рекол дека се тоа мошти од еден непознат светител, па ја посоветувал да го почува во својот дом и да се моли пред нив за исцеление. По извесно време, жената ги вратила моштите со радосна вест дека Преподобниот направил чудо со неа, исцелувајќи ја целосно од ракот.

Свети Јоаникиј ѝ се појавува жив на една посетителка во Бигорски

Во 2009 година, на денот на светите рамноапостолни Кирил и Методиј, во Бигорскиот Манастир престојуваше професорката З. Т. Додека со еден од монасите го разгледувала манастирот, го посетила и параклисот „Свето Благовештение“, и таму, уште од самото влегување, почувствувала нечие присуство, иако внатре немало никој друг. Тоа чувство било толку силно, што таа дури и неколку пати се свртела околу себе и, најпосле, на една од стасидиите забележала постар монах, со молитвено наведната глава. Оваа негова појава ѝ предизвикала неискажливо спокојство и радост. Таа му кажала за ова на монахот што бил со неа и дури убаво ја опишала личноста што ја видела. Во тоа време никој, освен монасите, не знаел за постоењето на моштите во параклисот, а и самата посетителка не знаела апсолутно ништо, ниту за изгледот, ниту за личноста на преподобниот Јоаникиј. Од сето тоа кажување, монасите биле уверени дека појавата што ја видела гостинката во параклисот била токму преподобниот.

Свети Јоаникиј исцелува и им помага на луѓе болни од рак

Во последниот период од престојот на моштите во Бигорски, на неколку тешко болни од рак, меѓу кои и на посветената верничка Д. Б. од Скопје, им била прочитана молитва пред кивотот на преподобниот и, според нивното кажување, веднаш било забележано подобрување на нивната здравствена состојба, што ги зачудило дури и лекарите.

Чудотворствата на Преподобниот отец наш Јоаникиј не престануваат до денес.

По неговите свети молитви, милостив Христе Боже наш, сочувај го родот наш христијански, а нас, грешните и недостојните, помилуј нè и спаси нè како благ и човекољубив!

Стихови:

Од вишниот Сион, на Светите градот,
погледни на нас и испрати ни сладост,
Јоаникие свети, најнежен татко,
од преслаткиот Христос, нашата радост,
Кого од младини Го возљуби силно
и возвишен во Него, покажа живот.

+++

Јоаникие, пастир си, и учител и лекар,
моли се на Бога за твоето стадо
и од моштите твои, како од најсилен извор,
бликни им на сите утеха од Рајот,
да се исполнат со ревност и копнеж сите срца,
имајќи го пример житието твое,
та да минеме и ние низ ова бурно море,
и земи нѐ таму, во радоста твоја.


Живопис на Свети Јоаникиј Ракотински во параклисот „Свети Николај Чудотворец“, во Бигорскиот Манастир