Откриени мошти на строг аскет – монах во Израел

Извор:

Откриени остатоци од монах, окован со железни прстени за време на ископувањата кај Хирбат Ел-Масани во Израел.

Хирбат Ел-Масани е археолошки локалитет, каде што археолозите од Израелската управа за древности претходно пронајдоа триапсидна црква од византиската ера, која некогаш била дел од манастир со патна гостилница за патувачки поклоници.

Црквата е делумно издлабена во карпа и изградена со фино обработен варовнички камен и веројатно му била посветена на Свети Захариј, од страна на свештеникот Сабин.

Археолозите неодамна пронајдоа посмртни останки на монах од пред 1500 години, кој бил погребан во гробницата до две мали затворени ќелии како ниши во централната апсида на црквата. Околу вратот, рацете и стапалата на монахот се наоѓаат низа железни прстени тешки десетици килограми, за кои истражувачите сугерираат дека се симбол за неговиот аскетски начин на живот. Имено, тој ги носел синџирите од аскетска посветеност кон Бога.

Познато е дека монасите се заветуваат на аскетски начин на живот, кој се карактеризира со доброволно воздржание од сетилни задоволства, во потрагата по спасение и возвишена духовност.

Поекстремниот аскетизам вклучува практика на врзување на телото за карпи или затворање во ќелија, молитвено пребивање на столб, во осамеништво и доброволно страдање.

Монахот пронајден во Хирбат Ел-Масани најверојатно живеел во близина на црквата, подложувајќи се себеси на доброволно затвореништво, окован во затскриена и затворена ќелија. Ваквата практика потекнува од Сирија во 4 или 5 век, меѓутоа, откривањето на гробот покажува дека оваа форма на екстремен аскетизам се проширила и на југ, до регионот на Ерусалим, за време на византискиот период.

Друг сличен пример претходно беше откриен од археолозите за време на ископувањата во Гиват Ха-Матос во близина на манастирот Свети Илија, кој се наоѓа помеѓу Ерусалим и Витлеем. Археолозите тогаш пронајдоа гроб на човек кој носел железни синџири околу горниот дел од телото, во подземна пештера составена од две кабини.