Свети Јован исцелува петгодишно немо дете
Свети Јован непрестајно се застапува пред Бога особено за малите дечиња. Еве пример за тоа. Во 2009 година во бигорскиот манастир дојде З. П., побожен човек од Скопје. З. П. беше ожалостен татко, бидејќи неговиот син Л. наполнил пет години, а сè уште не проговорил ниту збор. Детето се родило немо. Грижливиот татко со вера во Свети Јован и знаејќи за чудата што тој ги прави преку неговата Бигорска чудотворна икона, како и преку неговите свети мошти што се чуваат во манастирот, го донесе синот во Бигорски, каде чудотворната икона на Претечата му беше прочитана молитва. Потоа и таткото и синот си заминаа за дома. Не по долго време, истиот ден, З. П. се јави по телефон во Манастирот. Од преголема возбуда, пресреќниот татко не знаеше што да каже – неговиот син прозборел! Очигледно, Свети Јован Крстител се помолил кај Небесниот Татко за детенцето и тоа го изговорило својот прв збор: тато.
Свети Јован им дарува рожба на брачен пар што немале деца шест години
На благодатната помош од Свети Јован Крстител беа удостоени и Јонче и Хелга Доневи од Штип. Овој млад брачен пар не можел да се израдува на детската радост цели 6 години. Помош побараа од славниот Крстител Господов. Во август 2011 година тие дојдоа во Манастирот, каде што пред чудотворната икона на Светиот Претеча им беше прочитана молитва. Нивната надеж не остана празна. Следната, 2012 година, на 10 ноември, им се роди нивното синче Јаков, кого го крстија по Светиот Апостол Јаков, Брат Господов, чиишто мошти, исто така, се чуваат нашата Света Обител. Семејството Доневи веднаш побрзаа да му се заблагодарат на Свети Јован и на неговиот Манастир. На 16 ноември 2012 година, тие на манастирската електронска адреса го испратија следново писмо:
„Христос помеѓу нас, бараќа бигорски! Сакаме да споделиме со вас една најрадосна вест, која се случи, слава Му на Бог, по вашите молитви и молитвите на Претечата Свети Јован Крстител. Имено, по 6-годишен стерилитет, ланската 2011 година, во август, ни беше прочитана молитва пред чудотворната икона на Свети Јован Крстител и, слава Му на Бог и на сите светии, пред 6 дена, на 10 ноември 2012 година, се роди нашето синче Јаков (името го носи по Господовиот апостол Јаков). Неизмерно сме ви благодарни за молитвите упатени за нас и простете ни што за време на бременоста не можевме да дојдеме, за да ви се заблагодариме, бидејќи не можевме многу да патуваме. Но, нема да заборавиме! Штом пораснеме, ќе дојдеме да се заблагодариме на Претечата. Ве поздравуваме. Јонче, Хелга и Јаков Доневи од Штип“.
Најново сведоштво за чудотворната сила на Свети Јован преку неговата Бигорска икона и моштите
Откако започнавме да објавуваме дел од безбројните чуда на Свети Јован Крстител што се случиле преку неговата Бигорска чудотворна икона и преку неговите свети мошти, кои заедно со Крстот Господов и мошти на други Светии се чуваат во прекрасниот кивот во храмот, започнавме секојдневно да добиваме нови сведоштва за чудотворната благодат на „најголемиот меѓу родените од жена“. Во оваа прилика ќе го наведеме во целост сведоштвото на еден универзитетски професор:
Светлината на нашиот живот…
Овој текст што го пишуваме, е текст за светлината на нашиот живот. Светлина кој Свети Јован неизмерно ја дарува.
Во 2018 година, како млад брачен пар кој во себе ја имаше најголемата желба за потомство, и по долго време со искрена молитва решивме да отидеме и да добиеме Благослов во нашиот “Рај на Земјата”, Манастирот “Свети Јован Бигорски”.
Утрината пред изгрејсонце ние веќе чекавме да се отвори вратата на Манастиорот, која одвнатре веќе ја пушташе светлоста и светоста.
Тоа утро не пречекаа очите на еден од нашите драги Браќа и само што дојде до нас да не поздрави со топлина и благослов, очите веќе ни се полнеа со солзи, а и самите незнаевме зошто.
Литургијата ни ја всели целата енергија и светост во нас, нешто што предтоа го немавме почувствувано.
Ја раскажавме нашата приказна и ја пренесовме нашата молитва за рожба. Нашето просветлување започна од тој ден. Со молба до нашиот отец и татко Партениј и нашето Братство за искрена молитва кон Свети Јован за нас.
Љубовта и посветеноста кон молитвата и постот за само неколку недели не просветлија со најголемиот дар од Бога. На 01.01.2019 година се роди нашиот син. Како благодарност кон Свети Јован и со благослов на нашиот Отец, Јован влезе во Светата Црква преку крштевање во Манастирот.
“Чекори секогаш по патот на Бога и Свети Јован и достојно носи неговото име, Јован наш”.
Чудата на Свети Јован се безбројни, Чудата на Св.Јован се случуваат секој ден, само нашата душа треба да ја предадеме на искрена молитва и на Бога.
Нашиот животен пат треба да го просветлиме со искрена молитва и да бидеме Благословени.
Ангела, Александар и Јован Крстеви
Накрај, ги замолуваме сите читатели, доколку се сведоци на некое чудо, исцеление и помош од Свети Јован Крстител, детално да ни го опишат истото и да ни го пратат по писмен пат на електронската пошта на Манастирот: bigorskim@gmail.com, за сведоштво и слава на великиот молитвеник за нас пред Престолот Господов. Ви благодариме!