Нови сведоштва за чуда на Свети Јован во Бигорски

Откако започнавме да објавуваме дел од многубројните чудеса на Свети Јован Крстител што се случиле преку неговата чудотворна Бигорска икона и преку неговите чесни и свети мошти што се чуваат во познатата моштохранилница во бигорскиот соборен храм, на нашата електронска адреса досега беа испратени повеќе лични сведоштва за благодејанието и чудотворството на Чесниот Претеча. Дел од нив ќе споделиме сега, а истовремено ги замолуваме сите што и самите на себе ја почувствувале чудотворната моќ на иконата и на моштите на Свети Јован Крстител во Бигорскиот Манастир, да ги споделат своите искуства на нашата електронска адреса: bigorskim@gmail.com. Исто така, ги замолуваме и оние коишто порано ни ги соопштиле своите сведоштва за чудодејствијата на Свети Јован, повторно да ни ги испратат на посочената адреса, бидејќи некои од нив се изгубени, а во пожарот од 2009 година изгоре и тетратката во која беа запишувани чудата. Ви благодариме!


Свети Јован исцелува жена од тумор во градите

„Јас, Станче Здравковска, пред две години, на бдението на Пресвета Богородица, бев во Бигорскиот Манастир ‘Свети Јован Крстител’. Претходно, според лекарските наоди, ми беше откриен еден необичен оток од левата страна на градите, за кого беше констатирано дека најверојатно станува збор за тумор. Од мојот доктор имав препорака за операција во најбрзо време. Утредента по бдението требаше да одам на мамографија. Меѓутоа, кога отидов на лекар, стручен хирург, се зачуди кога ја виде снимката. Ми рече: ‘Вакво нешто никогаш не ми се случило! Просто, немаш повеќе ништо!’ Му благодарам на Свети Јован Крстител и на мојот духовен старец, Владиката Партениј, кој се помоли за мене пред Чудотворната икона. На Бога слава, амин!“

(Писмо добиено на манастирската електронска адреса на 5 септември 2021 година)


Свети Јован спојува двајца млади и по три години им подарува дете

„Почитувани браќа од Бигорскиот Манастир,

Со особена радост, по повод празникот на Свети Јован Крстител и од пишанијата за неговите чуда, би сакале да пишеме и ние, Горан и Христина Петровски.

Откако се случи моето доаѓање во Манастирот, ги увидов и почувствував убавините и благословот на Свети Јован, особено откако Неговото Преосвештенство, нашиот духовен татко и Владика г. Партениј, ме зеде под негово духовно раководство. Оттогаш мојот живот се промени во целост, започнав да го отфрлам моето старо јас. Преку Манастирот и по молитвите на Свети Јован и со благословот на мојот духовен отец Владиката Партениј, се запознав со мојата сопруга, којашто ја побарав за жена пред чудотворната икона на Крстителот.

Изминаа 3 години заеднички живот во брак и ние постојано посакувавме да имаме дете, но тоа никако не се зачнуваше. Најпосле, нашата желба му ја споделивме на нашиот духовен отец Партениј и тој се помоли за нас пред иконата на Свети Јован. И ете, Господ, по молитвите на Претечата, нè удостои да се зачне плод и ни се роди машко дете. Во знак на благодарност кон Претечата го крстивме Јован.

Се надеваме дека ќе го примите и ова сведоштво, коешто е едно од многуте што постојано се случуваат и ќе се случуваат во Манастирот на Свети Јован преку неговата чудотворна икона и моштите.

Срдечен поздрав и со љубов,

Горан, Христина и Јован Петровски, деца бигорски“.

(Писмо добиено на манастирската електронска адреса на 6 септември 2021 година)


Свети Јован избавува млад човек од богохулни помисли

„Почитувана Бигорска Обител,

На вашиот сајт ја видов молбата, доколку сме сведоци на некакво чудо во Бигорскиот Манастир, да го напишеме.

Ќе започнам малку со општо пишување, затоа што, можеби, има врска со конкретното чудо што ми се случи лично мене.

Во 2007 бев бруцош. Имав некој интерес за верата, па, заедно со неколку колешки од факултетот, се интересиравме за верата. Во тоа време го добив Новиот Завет на подарок. Читајќи, стигнав до пишанијата за богохулие, за тоа што е простливо, а што не и дека кој похули на Синот Човечки, ќе му биде простено, но, ако некој похули на Светиот Дух, нема да му биде простено, ни на небото, ни на земјата. Мислев дека ако имам таква помисла, готово е со мене, нема да ми биде простено.  Па, од ова произлегуваше прашањето дека ако сум направил непростлив грев, тогаш дали тоа значи дека залудно е моето постоење на овој свет. Се прашував што ќе биде понатаму со моето постоење после еден таков грев.

Ако не се лажам, некаде околу трета година студирање, преку една благочестива професорка се организираше екскурзија – патување во Бигорски. Коментарот на еден свештеник од Битола беше дека не е случајно што вака се полнат автобуси за во манастирот – едноставно, Бог сака да одиме таму. Истава професорка ми рече: ‘Од кај знаеме? Што ако ова е Промисла Божја заради тебе?!’

Автобусот поминуваше низ мојот град. Ноќта, пред екскурзијата, една моја познаничка нашла на интернет видео во кое се величаше нечестивиот. Беше некоја мелодија што многу силно ми се врежа во меморија. Пеењето на песната оставаше впечаток, како да го вели следново: ‘помагај, сè пропаѓа (светот пропаѓа), последната надеж е во тебе… Помагај или готови сме!!!’

(Не знам на кој јазик, сум побарал пак, но не знам кое видео беше тоа. Во позадина, пак, се прикажуваше пентаграм, со човечко тело, раширено, како ги допира точките на пентаграмот).

Значи, песната ми се вртеше во глава.  Кога отидовме во Бигорски – не се сеќавам дали бев поучен дека кога некоја мисла што ме измачува можеби и не е моја, туку на лукавиот и затоа не би требало да се тревожам – кога дојдов на ред за поклонение, при самото наведнување (поклонување на светите мошти), во тој момент се зачудив: интензитетот на мислата значително ослабна!!!  После тоа моментално чудо, не се сеќавам дали сè уште, колку-толку ме мачеше, но знам дека за брзо време целосно престана.

Оттогаш не сум бил во Бигорски. Потоа, кога размислував за екскурзијата и за чудото, сфаќам дека се работеше за Божја Промисла.

Со почит,

Н. С.“

(Писмо добиено на манастирската електронска адреса на 7 септември 2021 година)

Накрај, уште еднаш ги замолуваме сите читатели, доколку се сведоци на некое чудо, исцеление и помош од Свети Јован Крстител, детално да ни го опишат истото и да ни го пратат по писмен пат на електронската пошта на Манастирот: bigorskim@gmail.com, за сведоштво и слава на великиот молитвеник за нас пред Престолот Господов. Неговиот благослов да биде со вас! Ви благодариме!