Свети Јован Крстител им дарува дете на повозрасни родители, иако медицината велела дека за нив детераѓањето не е можно
„Почитувано братство на Бигорски манастир!
Моето име е Катерина Андоновска Богатинова. Сведочам за чудо по вашите молитви. Имено, како дар од Бога, јас и мојот сопруг Игор Богатинов ја добивме нашата ќерка Теодора.
После 13 години брак, кога медицината се сомневаше во можността да добиеме пород поради ниското ниво на антимилеров хормон кој го отсликува нивото на резерви на јајце клетки кои јас ги имав (индекс под 1) на мои 40 години.
Беше викендот пред 2-ри август 2016 г. Бевме случајно излезени со пријатели кои живеат во странство. Претходно, во неделата на 31 јули разговоравме со пријателите „каде за празниците?“ Тие ни предложија да одиме заедно со нив во Бигорски Манастир, бидејќи брачниот пар (со кои бевме вечерта излезени) живеат во Германија. Тие немаа деца и покрај 14-15 ИВФ обиди низ цела Европа, па сакаа да однесат во Манастирот дар испратен од нивна пријателка од Босна, муслиманка, која по долги години брак и неколку неуспешни ИВФ обиди се обратила за помош во „Св. Јован Крстител – Бигорски“, од каде после многу кратко време природно забременила.(Оттогаш поминаа неколку години и не се сеќавам на одредени детали).
Кога ни ја кажаа случката за пријателката морници ме лазеа по телото и солзи ми навираа во очите, зошто јас верувам и отсекогаш сум верувала во Господ Бог и во Неговата апсолутна семоќ. Ја ислушавме приказната и без двоумење со сопругот го променивме планот: „во недела одиме во Бигорски“ – одлучивме едногласно.
Јас не ја знаев процедурата и ништо не проговоривме патем на таа тема, а и никогаш пред тоа не бев слушнала за молитва за бездетни семејства.
Кога стигнавме таму пријателката ми рече:
- Треба да застанеме тука пред иконата на Св. Јован Крстител, ќе дојде монах и ќе ни чита молитва, ако сакате застанете и вие.
Не ми беше јасно дали тоа е процедурата за која дојдовме, бидејќи мислев сами треба да се помолиме, но си помислив: „секако, секако дека сакаме и ние…“
Бев многу збунета и изненадена, пред сѐ, зошто никој и никогаш претходно ми немаше споменато за ваков чин, а секој трети, петти човек ми зборуваше за бајачи, гатачи и останати мрачни чинители.
Дојде монах и се молеше за нас и за разрешување на нашата бездетност и кај двата пара кои бевме помеѓу 40 и 50 години. Чувството кое го доживеав таму немам зборови да го опишам: реки од солзи течеа од моите очи, не можев да ги сопрам, но чувствував дека Господ Бог нѐ слушна.
Набрзо ја почнав ин-витро постапката иако докторите не беа многу оптимисти, но јас верував. По неколку дена хормонална стимулација го доживеав најголемиот шок: докторот ми соопшти дека нема никаква реакција на терапијата и ми предложи да ја прекинеме и да пробаме со клетки од донор. Прашав која ми е друга опција, а тој рече:
- Има уште една, меѓутоа залудно ќе биде!
Чудна сила почувствував во себе и реков:
- Ако, сакам да пробам!
Докторот рече дека никогаш не му успеал овој начин, нити нему, нити на неговите колеги од Балканот и пошироко и дека не сака да ми дава лажна надеж. Ми кажа дека има само 2 јајце клетки созреани на двата јајници по една, дека е тоа премалку после толку силна стимулација, а може и да се празни.
- Сакам да продолжиме! – реков одлучно.
- Во ред рече, како сакате – одговори докторот.
Продолживме со нов протокол, начин кој постоел теоретски, но практично нити мојот доктор имал позитивно искуство нити неговите соработници.
Таму бев многу сигурна во себе но кога се вратив дома бев скршена, си повторував во себе: една јајце-клетка ми е потребна – Бог ќе ни даде живот!
По околу 2 недели отидов на контрола. Докторот се вчудоневиди и викна на цел глас: „Ова не е можно,не е можно!“ Имате повеќе созреани јајце-клетки од кои неколку се со одлични димензии и тврдам се со добар квалитет.
- Една – се насмеав – една ми е потребна!
Пресреќни бевме и двајцата, го зеде веднаш телефонот и рече дека мора да се пофали со ваков успех на колегите.
Постапката се движеше понатаму во најдобар правец и за 9 месеци ја добивме нашата сакана Теодора со значење во вистинска смисла на зборот: Дар од Бога!
И другиот пар наскоро добија прекрасно синче после толку години и обиди, слава Му на Бога!
За слава на Бога денес и ние сме родители и би посоветувала многу парови да веруваат во Божјиот пат кој е единствен правилен. Секојдневно благодариме и коленичиме пред Господ Исус Христос, нашиот Цар и Бог и пред Мајката Божја Богородица – Заштитничка на моето семејство.
Му благодарам на братството во Бигорски Манастир! Бог да ве награди со радост и слава!
Со љубов,
Катерина А.Б.“
(Писмо добиено на манастирската електронска адреса bigorskim@gmail.com на 13 септември 2021 година)
Свети Јован им дарува дете на брачен пар од Неготино и покрај биолошката немоќ
„Ние сме од Неготино. Јас и мојот сопруг немавме деца скоро две години. Лекарите рекоа дека за тоа немаме шанси. Мојот сопруг е копаничар и со неговите колеги отидовме во Бигорскиот Манастир, за да ја видиме преубавата резба. Монахот кој нè прими, ни раскажа за Манастирот и за Чудотворната икона на Свети Јован. Ни рече да се помолиме и да запалиме свеќи. По кратко време открив дека сум бремена. Тоа беше големо изненадување и за самите лекари, но благодарение на самоќниот Господ Бог и на златен Свети Јован, моето чудо денес има единаесет години и се вика Трајче. Господ е голем!
(Писмо добиено на манастирската електронска адреса bigorskim@gmail.com на 26 септември 2021 година)
Накрај, ги замолуваме сите што и самите на себе ја почувствувале чудотворната моќ на иконата и на моштите на Свети Јован Крстител, како и на другите Светии во Бигорскиот Манастир, да ги споделат своите искуства на нашата електронска адреса: bigorskim@gmail.com. Исто така, ги замолуваме и оние коишто порано ни ги соопштиле своите сведоштва за чудодејствијата на Свети Јован, повторно да ни ги испратат на посочената адреса, бидејќи некои од нив се изгубени, а во пожарот од 2009 година изгоре и тетратката во која беа запишувани чудата. Притоа, би сакале да нагласиме дека сведоштвата нема да бидат објавени без согласност на испраќачот, а исто така, доколку некој не сака да стои целосното име и презиме, може да ни испрати само иницијали.
За сведоштво и слава на великиот молитвеник за нас пред Престолот Господов. Неговиот благослов да биде со вас! Ви благодариме!