Царот кој сакал да Го види Бога

Некогаш, во дамнешни времиња живеел еден цар. Пред смртта душата му била опфатена со тага.

– Ете, – си рекол тој, – сè искусив през мојот живот, сè видов што е достапно за човечкото око, но само едно не видов – Бога. А колку би сакал да Го видам.

Заповедал царот на своите велможи, мудреци и свештеници: „Ако за три дена не ми Го покажете Бога, сите ќе ве казнам и ќе ве погубам!”.

Сите во дворецот биле обземени од силен страв. Со наведнати глави оделе царевите советници и го очекувале страшниот крај. На третиот ден, точно во дадениот рок, во дванаесет часот, царот ги повикал кај себе своите советници. Молчат устите на велможите, мудреците и свештениците, а фаталниот збор е готов да излезе од устата на царот. Токму во тоа време влегува кај царот еден овчар и му вели:

– Сакам да ја исполнам твојата желба!

– Добро, – одговорил царот, – само знај дека со глава ќе одговараш!

Овчарот го фатил царот за рака, го извел на балконот, му укажал на сонцето кое блескало и му рекол: „Гледај!”.

Царот ја дигнал главата нагоре и се обидел да гледа во сонцето, но тоа блескало во неговите очи со заслепувачка светлина. Царот ја наведнал главата и ги затворил очите,

– Што? Да не сакаш да ме ослепиш, – му рекол царот на овчарот.

– Господаре, – одговорил тогаш овчарот, – тоа е само едно од бескрајните Божји творби, само една мала светлина од Неговото творештво и големина. Како можеш да се доближиш и да Го видиш Бога со слаби и насолзени очи? Погрижи се со други очи да Го видиш Бога!

Ова му се допаднало на царот и се свртел кон овчарот, велејќи:

– Гледам дека си умен и ја ценам твојата мудрост, но одговори ми на едно прашање:

– Што постоело пред Бога?

Се замислил овчарот и рекол:

– Те молам царе, немој да ми се налутиш, ајде, број!

Царот започнал: „едно, две, три…”

– Не, не така – го прекинал овчарот – Започни да броиш од пред едно.

– Но како е можно, пред едното нема ништо…

– Многу умно кажано, царе. Така не може ни пред Бога да има нешто. Он постои отсекогаш, пред сите почетоци.

Уште повеќе му се допаднал овој одговор на царот и пак се обратил кон овчарот: „Ќе ти дадам многу богати дарови, ако одговориш што прави Бог?”.

– Добро, – рекол овчарот, – и на ова ќе ти дадам одговор, само исполни ми една молба. Ајде за малку да си ги смениме алиштата и облеката.

Царот се согласил. Овчарот му ја дал на царот својата сиромашна облека, овчарската торба и стапот, а се облекол во царски алишта и му рекол на царот да слези од тронот, се искачил на истиот, го зел царевиот жезол и се обратил кон оние што стоеле околу тронот:

– Ете што прави Бог! Едните ги искачува на царски престоли а другите ги симнува до овчарски стап.

Потоа пак си ги облекол своите овчарски алишта. Царот се замислил. Зборовите на овчарот длабоко навлегле во неговата душа и ја трогнале. Препороден, со голема радост извикал: „Ете сега и јас Го гледам Бога!”.