Таткото кој верувал само во она што го гледал

Во еден приморски град, еден „учен“ и „модерен“ татко вака го поучувал својот син:

– Драг мој сине, пази се од сè и никому не верувај на зборови, сè дури сам не се увериш дека е така. Во денешно време зборот „вера“ би требал да се избрише од човечкиот речник, зашто за нас модерните и учени луѓе зборот „вера“ воопшто не е потребен. Учениот човек се раководи само со она што може да го сфати со своите сетила. Сè што е преку тоа не му треба.

По извесно време, таткото требало итно да замине со брод по некоја неодложна работа во друго место. Го испратил својот син до пристаништето за да праша кога тргнува бродот. Детето веднаш отишло и капетанот на бродот му рекол дека тргнува попладнето во два саатот. Детето поучено од татка си, чекало дури бродот да замине, а потоа се вратило да му соопштило на татка си. Таткото долго чекал и кога детето пристигнало, му се развикал со разјарен глас:

– Каде се забави толку?

– Отидов кај капетанот на бродот и го прашав кога тргнува бродот. Тој ми рече дека тргнува точно во два саатот. Почекав за да се уверам дали навистина бродот ќе замине во кажаното време. И, ете, откако бродот замина, веднаш дојдов да ти јавам.

На овие зборови од синот, „учениот“ татко извикал:

– Зошто не се врати веднаш откако капетанот ти го кажа времето на тргнување? Сега сè ми пропадна.

Синот сосема мирно одговорил:

– Драг татко, постапив сосема така, како што ти ме поучуваше. Ти ми велеше да не му верувам никому ништо, дури не видам. Затоа останав да видам дали бродот ќе тргне во закажаното време и откако тој тргна, ете ти јавувам.

– Сега сè е доцна – одговорил очајниот татко.

Така таткото станал жртва на својата сопствена филозофија.