Поле од цветови

Еднаш, еден монах на сон видел како некој млад човек носи вреќа полна со тешки камења и му ги дава еден по еден на еден, многу светол човек, налик на ангел, а овој, пак, за возврат на секој камен му дава по еден цвет, кој од кој поубав. На крајот, кога вреќата со камења веќе била празна, букетот од цветови бил толку голем, со чудесен мирис, така што многу го развеселувал човекот којшто претходно, додека ги носел камењата, бил мошне изморен и тажен. Другиот ден монахот патувал за некоја манастирска потреба низ околните места. Сретнал повеќе луѓе, а ете, го сретнал и младиот човекот од сонот. Во рацете тој држел еден прекрасен букет цвеќе, ист како оној во сонот. Зачуден, решил да го следи и да види што ќе прави со него. Набрзо наишла група деца кои меѓу себе се расправале и разменувале лоши зборови. Човекот им се приближил и им кажал по неколку убави и благи зборови и така ги смирил децата. Потоа сретнал две возрасни жени коишто зборувале лошо за сосетката. И ним им се обратил со добри зборови и насмевка и ги развеселил. Покрај реката сретнал двајца овчари како се расправале за тоа кој од нив има право на тоа место да го напасува своето стадо. Поразговарал и со нив и на  разделување им дал од цветовите и тие се расположиле и смириле меѓу себе. Букетот се потрошил и монахот посакал да види што ќе прави сега човекот. Тој натажено се упатил во Црквата во селото и таму клекнал и почнал со солзи да се моли за прошка за лошите постапки од луѓето, притоа никого не осудувајќи, освен самиот себе. По молитвата излегол од Црквата, а на лицето имал насмевка како најубав букет цвеќе. Разбрал тогаш монахот дека вреќата тешки камења што ги носел човекот биле лошите зборови од луѓето, а букетот цветови – добрината што човекот им ја покажувал на луѓето, смирувајќи го нивниот гнев. Букетот цвеќе бил, всушност, благодатта од Бога за неговата искрена молитва. Бог преку неа ги земал лошите зборови и ги заменувал со цветови. „Колку би било убаво да има што повеќе такви луѓе, коишто секој лош збор го заменуваат со добар и постојано Му се молат на Бога за да им подари благодат и добрина! Светот би изгледал како поле од најубави и најмиризливи цветови“, помислил монахот.