Бог е како шеќер

Дваесетина дечиња, со возбуда во очите и весели разиграни гласови, нетрпеливо ја очекуваа учителката по веронаука. Наеднаш учителката влезе и настапи тишина. Таа се сврте кон нив и загледувајќи се во нивните чисти детски лица, со насмевка го постави своето прашање:

– Мили деца кажете ми кој е Бог? И како знаете дека постои, ако никој од вас не Го видел?

Децата се наведнаа над своите тетратки и почнаа внимателно да ги пишуваат своите одговори, по дваесет минути ливчињата со одговори беа кај учителката и таа ги читаше еден по еден. Наеднаш на нејзиното лице се појави прекрасна насмевка и таа го замоли малиот Лука, што седеше во последната клупа, да застане и да го прочита својот одговор пред сите деца.

По малку срамежливо и со страв во очите, Лука застана пред таблата со своето ливче. Охрабрен од својата омилена учителка, тој почна да чита:

Бог е како шеќерот што мама секое утро ми го става во млекото. Јас не го гледам во својата шолја, но сепак, ако мама случајно заборави да го стави, веднаш го чувствувам неговиот недостаток. Ете така и Бог, иако не Го гледаме, ако Го нема, животот ни е горчлив, без вкус.

Учителката му се заблагодари на Лука на овој толку оригинален, едноставен и вистинит одговор. Потоа додаде:

Гледате деца, она што не прави мудри не е знаењето на многу работи, туку увереноста дека Бог е најважниот дел од нашиот живот. Никогаш да не забораваме да си го засладиме животот со Неговото присуство.