Елка за болното дете

„Костадин каде си тргнал со таа малечка елка?“, го праша Дарко својот школски другар.

„О, здраво Дарко! Слушај, му купив елка на малиот Илија – синчето на нокниот стражар од нашата зграда, што веќе две недели не може да стане од постела, ниту да другарува со нас.“

„Денес татко му ме сретна на улица, ми даде нешто пари и ме замоли да им купам елка. Мама ми додаде уште толку и ете, покрај елката купивме и 6 свеќички, лампиони и две поголеми јаболка. Сега му ги носам на болното дете“.

„Ако немаш ништо против, би сакал да појдам со тебе“ му рече Дарко. „Имам и јас нешто пари. Кажи ми, што друго би можеле да му купиме на Илија?“

„Знаеш што!“, воскликна Коста,  „Да земеме и една голема блескава ѕвезда и нешто овошје. Болните треба да јадат многу овошје.“

Дарко го послуша и малку подоцна обајцата, носејќи ги купените работи, се упатија во домот на стражарот. Уште во ходникот момчињата ја украсија елката со лампионите и ја прицврстија ѕвездата. Потоа внимателно ги запалија свеќичките и тропнаа на вратата. Сопругата на стражарот им отвори и од радост заплеска со рацете. Елкичката ја ставија на столче пред болното детенце, кое лежеше. Пред глетката на украсената елка, лицето му блесна а и неговите очиња светнаа од радост. Тој ги рашири малите слаби рачиња и извика:

„Колку сум среќен! Ви благодарам!“

И таткото на малиот Илија топло им заблагодари на добрите деца, а мајката со насолзени очи им посака Господ да ги награди за ова благородно дело. Момчињата си заминаа со растреперени срца.

 „Ти благодарам Коста што ме зеде со тебе!“, рече Дарко и му ја стисна раката. „Колку е убаво! Наместо чоколадо, со овие малку пари си купивме толку многу радост за себе и за другите!“