Два тега

Децата и родителите се како два тега на вагата: во зависност од тоа колку тие тегови ќе бидат во рамнотежа, толку и семејството ќе биде поспокојно и похармонично.
Читајќи ги страниците на Светото Писмо, ние се среќаваме со неколку поглавја, во кои св. ап. Павле разоткрива еден многу сериозен проблем. Тоа се меѓусебните односи на родителите и децата: „Вие, деца, бидете им послушни на родителите свои, во името на Господа, зашто тоа е справедливо. Почитувај ги татка си и мајка си! – тоа е првата заповед со ветување, за да ти биде добро и да живееш долго на земјата. И вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов“ (Ефес. 6, 1 – 4). Ако апостолот пишува за взаемните односи, тоа значи дека тој се сретнал со семејства, кои биле различни во поглед на школото на воспитанието – и либерални и тоталитарни. Пред неговите очи често се појавувале татковци и мајки кои биле нервозни со своите деца. Ваквата слаба страна на родителите тој ја поправа и им порачува, да не ги раздразнуваат своите деца, туку да ги воспитуваат во науката Господова, за да не паѓаат со духот.
Родителот, пред да започне со воспитувањето на своите деца, треба најпрвин сам себеси да се воспита во науката Господова, да прави дела со кои ќе сведочи дека Го сака Бога и сака да живее според Неговите заповеди, дела кои му обезбедуваат мирен живот. Тоа е клучот за успешното воспитување. Ако родителите ги воспитуваат децата да внимаваат на заповедите Божји, а самите тие ги газат, тогаш воспитувањето ќе се претвори во празнословие, кое нема да доведе до промена кај никого. Родителот во очите на своите деца ќе биде само еден обичен фарисеј, кое е исполнет со знаење за тоа кој како треба да се однесува, а самиот себеси во Бога не се поучува. Зборови кои не се поткрепени со дела и мудрост, предизвикуваат тајно роптање кај детето и освен тоа роптање, родителот нема да добие ништо друго. На децата не им требаат зборови, туку примери кои ќе ги следат.
„Ако децата кои си ги родил стекнат убаво воспитание и со твојата грижа бидат воспитувани во добродетелта, тоа ќе биде почеток и темел на твоето спасение, па ти, освен наградата за сопствените добри дела, ќе добиеш голема награда и заради нивното воспитување“ – рекол св. Јован Златоуст. Целта на воспитанието не е практикување на долги и здодевни предавања, не се тоа наравоученија, туку реален живот, љубов која извира од чисто срце, добар совет и нелицемерна вера. Ако родителот во детските души насади љубов кон Бога, тогаш тој нив ги спасува и поправа.
На пример: Детето не сакајќи ја крши вазната. Разлутениот татко го измачува со бесмислени прашања:
– Зошто ја скрши вазната?
– Не ја скршив јас, туку сама се скрши.
– Уште мислиш дека можеш и да ме лажеш? Одговори, зошто ја скрши вазната?
– Не сакав.
– Не, признај, зошто ја скрши вазната?
– ?!
Гневот на детето расне, бидејќи тоа не знае како да му одговори на својот татко. Гневот, пак, на таткото исто така се зголемува, бидејќи тој не го добива посакуваниот одговор. На тој начин се губи трпението. Таткото може да слушне и друг одговор од страна на своето дете: „Тато, што ти е, ти си луд?“ Таткото поставува глупаво прашање и затоа добива глупав одговор. Тука, освен взаемна озлобеност, спротивставеност, бура од бес и покажување заби, не постои ништо друго.


Во Стариот Завет од Светото Писмо, во Соломоновите изреки, се наоѓаат сведоштва во врска со строгоста како воспитен метод. Но, за да се практикува строгоста врз своите деца, потребно е најнапред родителот да се преиспита, да го провери сопствениот пат, сопственото срце и совест, зашто главниот мотив во казнувањето е верата, водена од љубовта. Ако мотивите се чисти, ако совеста е чиста, ако верата не е лицемерна, тогаш може да се практикува строгост, но сепак внимателно и штедливо. Ако родителот, казнувајќи го детето, не верува во неговото поправање, туку само го истура врз него сопствениот бес, тогаш во очите Божји тој прави грев. Основата во воспитувањето на децата, отсекогаш била верата и чистата совест, „која што некои ја отфрлија и претрпеа бродолом во верата“ ( Тим. 1, 19), бродолом на својата воспитна стратегија и педагогија. Семејството, како голема санта мраз пука и се цепка на делови, пукнатините се зголемуваат, дистанцата расте. Децата се затвораат во себеси и сè повеќе и повеќе се оддалечуваат од своите родители. „Душата, препуштена на својата сопствена волја, како напуштено лозје без надзор, зараснува во трње, и се троши на непотребни и некорисни работи, па сѐ што прави, прави на соблазна на народот“- рекол св. Василиј Велики.
Воспитувањето без љубов е слово кое убива и до темел го разрушува семејството. Воспитувањето без љубов е грев, кој може да се победи само со покајание и суштинска промена во педагошкиот пристап.
Да се одгледаат синови ни малку не е едноставна работа. Но, доколку родителот ја изгуби власта врз себеси, постои голема опасност: ќе дојде момент кога нема да може да се контролира. Нему му е потребно да се самосовлада и потоа грижливо да ги чува клучевите за успешното воспитување – срдечна љубов, чиста совест и не лицемерна вера.
Да се почитуваат и слушаат родителите – тоа е апсолутен закон за секое дете. Непочитувањето и рамнодушноста кон родителите е грев, кој по големина е еднаков со убиството, крадењето, прељубата и идолопоклонството. Но, и родителите треба да знаат дека, ако на децата не им покажуваат дејствителна љубов, ако немаат време за нив, ако освен гнев, децата во нив не предизвикуваат никакво друго чувство, тогаш тие немаат никаков повод да ги почитуваат. Затоа, треба добро да се размисли како да се поправи ситуацијата.