Неизмерното Божјо милосрдие

Кралот на едно царство си имаше многу мудар старец и често го викаше во својот дворец на разговор. Еднаш му рече:

– Ти велиш дека човекот што сто години правел најстрашни гревови ако пред смрт се покае и замоли прошка од Бога ќе оди на небо, а човекот што направил само еден голем грев, а не се покајал за него оди во подземјето. Па зарем тоа е праведно? Како можат сто години тешки гревови да се полесни од еден единствен?

Старецот се насмевна и му рече:

– Ако земам едно вакво камче и го ставам на површината на езерото, ќе потоне ли, или ќе плови?

– Секако дека ќе потоне – одговори кралот.

– А, ако земам стотина поголеми камчиња и ги ставам во чамец и чамецот го турнам кон средината на езерото, дали камчињата ќе потонат или ќе пливаат?

– Ќе пливаат.

– Значи оние сто камчиња излегуваат полесни од она едното!

Кралот беше збунет и остана без одговор. Тогаш старецот му објасни:

– Така е, кралу, и со луѓето. Кога човек што многу грешел во животот ќе се довери на Бога и од Него побара прошка, нема да падне во адот. А пак оној, што макар и еднаш само да згрешил, ако не се кае и не се надева на Божјата милост, ќе пропадне.

Со својата жртва на крстот нашиот Господ Исус Христос ги откупи сите наши гревови. Затоа немојте да бидете немарни кон своите гревови, па колку и да ви се чинат мали, зашто секој, дури и оној најмалиот грев, нѐ оддалечува од нашиот небесен Отец. Да ги препуштиме своите животи во Божите раце и да побараме прошка, надевајќи се во неизмерното милосрдие Божјо, зашто само така можеме да го достигнеме вечниот живот.