По мајчините стапки

Иван има многу браќа и сестри. Со толку многу деца во куќата секогаш е весело и бучно. Тоа за неговите родители понекогаш е мачно, особено кога толку работи треба да се завршат, а времето е кратко. Мајка му забрзано оди ваму таму и се обидува да стави ред, а Иван секогаш е чекор пред или зад неа.

– Ама што правиш тука дете, оди да си играш! – го убедува мама а тој ни да чуе.

Таа кон спалната тој веднаш по неа. Ги зема алиштата и трга кон купатилото, Иван ја следи во чекор.

– Иван сине, немој да ми се плеткаш, не гледаш дека брзам, ќе те сопнам! – но

Иван одново не слуша. Ја следи мама сѐ до дворот каде што таа ги пружа испраните алишта. На враќање не сакајќи го стапна на ногата.

– Оф бре дете, ти реков да не одиш по мене. Што ти текна сега вака?

– Знаеш мама, во градинка ни кажаа дека треба сите да одиме по Христа! Ама јас не знам каде е Христос, затоа си реков ќе ги следам твоите стапки!

Мајката се насолзи во очите и со најнежна љубов го гушна својот тригодишен син. Нејзините солзи потекоа заедно со топла, благодарна молитва кон Бога за ова толку едноставно и прекрасно размислување на една чиста детска душа.