Приказна за малиот Марко

Во едно гратче на самиот раб од шумата живееше малиот Марко. Тој не беше како другите деца, беше многу лош. Не слушаше никого – ни брат му, ни баба му, ни мама, ни тато, и затоа настана темнина во шумата. Колку полош беше Марко, толку послаба беше светлината во светот. Кога Марко и рече на својата баба „не сакам“, сонцето почна полека да го губи својот сјај. Кога и на татко му, му го рече истото, сонцето почна да потемнува. А кога и на својата мајка ѝ рече лош збор, сонцето потполно престана да грее. Каде и да се појавеше Марко, насекаде настапуваше темнина. Луѓето во градот ја видоа темнината во срцето на Марко, па го избркаа од градот и Марко замина во шумата сам.


Но и таму ја донесе со себе темнината. Во шумата наеднаш птиците престанаа да пеат, стеблата од дрвјата тажно си шепотеа едно на друго: „Што се случува, зошто наеднаш во шумата настана мрак?“ Марко се обиде да се движи по шумата низ мракот, но тоа беше тешко, бидејќи не се гледаше ништо. Беше црна темница. Тој се сопнуваше на камењата, се занесуваше, паѓаше и по само неколку минути двете колена му беа целосно разранети. Со болка се исправи на нозе, направи уште неколку чекори тетеравејќи се, и трас! – удри во едно големо дрво што не го виде во мракот и си ја разби главата. Седна на земјата и почна да плаче. Не можеше да продолжи. Беше гладен и уморен и сам во темната шума. Плачеше од страв, му се чинеше дека секој миг ќе дојде нешто и ќе го растргне.

 
Тогаш се сети на својата добра мајка која толку многу го сака и која постојано му велеше да се поправи. Но мајка му е сега далеку. Колку и да повикува по неа, нема да го слушне. Во срцето наеднаш ги слушна мајчините зборови дека секогаш кога му е тешко, може да повика кон Христа. Тој добро се сеќаваше колку само пати мајка му му имаше кажано дека Христос неизмерно го љуби. И само што Марко помисли на Христа и погледна кон небото, гледај, наеднаш се запали една ѕвездичка. Марко ја виде таа ѕвезда, ја виде нејзината слаба светлина и веднаш се зарадува.


Неговата уста несмасно изговори молитва: „О, Христе би сакал да станам подобар.“ Во тој миг се запали и друга ѕвездичка на небото, и веќе имаше повеќе светлина. Гледајќи го тоа, со посигурен глас Марко повика: „Христе помогни ми да се поправам и да станам подобар!“ Тогаш се запали уште една, па втора, трета, четврта… уште многу многу ѕвездички на небото. На крај се појави и месечината и го поздрави Марко. Светлината стана уште посилна.


Марко сфати дека многу поубаво е да се биде во светлина отколку во мрак –  во злото. Освен тоа знаеше дека единствено добриот Бог Христос можеше да му ја даде светлината, па затоа силно воскликна: „Христе биди ми пријател! Дај ми да бидам Твој!“


После оваа молитва, блесна сонцето и ја огреа шумата. Стеблата весело се занишаа на ветрот, а птиците повторно ја запеаја својата радосна песна, дури уште поубаво од порано. И небото и земјата беа исполнети со радост, а на самиот Марко, штом го прими Христа за пријател, во срцето му се роди светлина. Христос, пријателот на малиот Марко, го истера мракот од неговото срце и така тој се врати дома со срце полно светлина. И насекаде Марко ја носеше светлината на љубовта, добрината, пријателството…


Христос не е пријател само на малиот Марко, тој сака да биде пријател на сите. Тој сака и ти да му бидеш пријател и на сите да им ја носиш светлината – и на училиште, и во градот, и дома, и меѓу пријателите, и кај добрите и кај лошите. Бидете мали Христови ѕвездички и блескајте со својата добрина. Носете им го Христа на сите, и тогаш секој ќе биде среќен.

Христос се роди!