Секој заслужува љубов

Секој човек е едно единствено и неповторливо битие. На овој свет никој не дошол без причина, сите сме родени според Божјиот план.

Си било еднаш едно момче водоносец, кое секој ден на рамото носел кофички со вода. Бил многу сиромашен и имал само две кофички, од кои едната била напукната и од неа течела вода, така што до селото со неа успевал да донесе само пола кофичка вода. Тоа траело така цели две години.

Здравата кофичка постојано ѝ се потсмевала на онаа другата и ѝ се правела важна, затоа што подобро ја вршела работата од својата другарка. А оваа, кутрата, ужасно се срамела од својот недостаток и се чувствувала помалку вредна и речиси бескорисна. Еднаш кога момчето полнело вода на изворот, таа ја собрала сета своја храброст и му рекла:

„Прости, не сум достојна да ме носиш. Имам мана и водата постојано ми тече, па ти така залудно се мачиш. Остави ме овде и најди си некоја друга кофичка“.

Момчето водоносец нежно се насмевнало и рекло:

„Мила кофичке, зарем не си забележала дека цвеќето е многу побујно и пораскошно расте на твојата страна од патеката. Тоа е така затоа што јас отсекогаш знаев за твојот недостаток и постојано те носев на своето десно рамо. И секој ден ти, и не знаејќи го тоа, го полеваше цвеќето покрај патеката. Долго време јас уживам во ова прекрасно цвеќе од кое пчелите собираат мед, раскошните пеперутки пијат роса, а луѓето му се радуваат. Да не си таква каква што си, оваа убавина не би го украсувала светот“.

Сите ние имаме по некаков недостаток. Најважно е секого да го уважуваме и цениме. Треба да го гледаме само доброто во луѓето, зашто никој не може да биде среќен додека не научи искрено да се прифати себеси и да ги љуби другите и да го најде своето место во светот, баш таков каков што е.