Врапчето

Две малечки сестрички ја слушнаа библиската приказна за протерувањето на Адам и Ева од рајот и му рекоа на својот татко:
– Тато, да бевме јас и Елена во рајот, никако немаше да го изедеме плодот од дрвото на познанието на доброто и злото. Господ им забранил да го допираат тоа дрво, нели, тато?

– Така е, – се насмеа таткото и ги одведе децата на спиење.

Утредента таткото станал најрано од сите, фатил врапче во дворот и го ставил во метално тенџере. Кога девојчињата станаа, тој им покажа тенџерето и им рече:

– Ве молам, немојте да го подигате капакот од ова тенџере додека не се вратам од работа. Кога ќе се вратам, тогаш сам ќе ви го покажам изненадувањето што е внатре. Ако бидете послушни, ќе ви купам нова играчка.

Таткото и мајката отидоа на работа, а децата останаа дома сами. Со сите свои сили тие се трудеа да ги тргнат мислите од тенџерето. Веќе ги изиграа сите игри што ги знаеја, но пустата љубопитност не им даваше мир – многу сакаа да погледнат што има во тенџерето. Најпосле, постара сестричка Марија ја наговори Елена, која сеуште се плашеше дека тато ќе ги кара, да погледнат во тенџерчето.

– Ние само со едно око ќе ѕирнеме внатре и веднаш ќе го затвориме капакот. – и рече таа. Тато нема ни да дознае.

Но само што Елена го поткрена капакот, врапчето веднаш излета надвор и избега низ прозорецот.

Исплашени девојчињата го затворија празното тенџере. Вечерта се врати таткото и кога забележа дека тенџерчето е празно, им рече на своите ќеркички:

– И сега, мои малечки Еви, – не издржавте, го пуштивте пиленцето. Исто така ни Ева не издржа а да го не проба плодот на разликување на доброто и злото.

– Тато, а какво дрво било тоа, и зошто од него не можело да се јаде, – го праша Марија.

– Дрвото било обично, и плодовите биле вкусни за јадење, но нарушувајќи ја забраната на Бог, првите луѓе по своја волја го избрале злото, наместо доброто, затоа што секое зло почнува од непослушание, а од послушанието се излегува на добро. Врапчето, денес, беше за вас исто како плодот од дрвото на разликување на доброто и злото, и вие, исто како Адам и Ева, не послушавте. Тестот на Адам и Ева се покажа и над вашите сили.