Приказна за малиот Лазар

Во еден мал град живееше момче по име Лазар, кое секое утро, точно во 7 часот доаѓаше пред црквата. Штом ќе се отвореа црковните врати, Лазар трчаше до олтарот, се прекрстуваше, стоеше така момент или два, па ќе се свртеше и отрчуваше во училиштето.
Еднаш старешината на црквата го праша Лазар како се моли и каква молитва користи. Лазар рече дека тој само вели:
– Добро утро Исусе Христе, дојдов да Те видам.
– И тоа е се? – праша свештеникот.
– Сè! – одговори Лазар, и набрзина замина на училиште.
Момчето и понатака доаѓаше во црквата, кратко стоеше пред иконата Христова и потоа набрзина заминуваше.
Но еден ден тоa не дојде. Истото се случи и следниот ден… и така со денови. Свештеникот се загрижи за Лазар, па отиде да го побара во неговото училиште. Таму му кажаа дека Лазар доживеал сообраќајна несреќа и дека лежи во болница со многу тешки повреди. Свештеникот се упати во болницата, каде дежурната сестра му рече дека Лазар е во одделението за трауматологија. Потоа му раскажа дека сите во бoлницата се многу зачудени бидејќи и покрај тешките повреди и силните болки, Лазар е весел и го развеселува целото одделение, во кое инаку лежат најтешко болните.
Кога свештеникот влезе, беше зачуден колкава е радоста во таа соба, и покрај болките кои очигледно сите ги чувствуваа. Лазар весело се насмеа и го поздрави збунетиот свештеник.
За време на разговорот свештеникот го праша:
– Лазаре, на што се радуваш толку?
– На Исуса Христа! – одговори Лазар.
– Како тоа, па ти повеќе не доаќаш во црквата, не се молиш пред иконата на Господ наш Исус Христос? – праша свештеникот.
– Да – одговори момчето смеејќи се, – но сега Исус Христос секое утро доаѓа кај мене и ми вели: ДОБРО УТРО ЛАЗАРЕ, ДОЈДОВ ДА ТЕ ВИДАМ.

Кога свештеникот го слушна тоа, се му стана јасно, и повеќе ништо не прашуваше. Се радуваше заедно со Лазар.