Злато и темјан

Кога тројцата мудреци на малиот Исус Му подарија злато, темјан и смирна, тргнаа назад во темната ноќ. По некое време златото, темјанот и смирната започнаа разговор.

Златото самоуверено рече: „Кога ова дете ќе порасне, со мене ќе купува многу царства. Тоа го знам од искуство, и царевите што беа пред Него така правеа со мене“.

На ова темјанот фалејќи се, рече: „Кога Овој Цар ќе биде голем, ќе оди во црква па со мене ќе Го кадат токму Него, а тоа ќе признаете не го може баш секој!“

Ни смирната не премолчи: „А знаете ли која сум јас? Со мене ги помазуваат на челото царевите и кралевите. Така јас секогаш ќе бидам на царевото чело. Ете, колку да знаете, јас ја имам главната улога во сето ова!“ – фалбаџиски додаде смирната.

Но, пред да тргнат да ја исполнуваат својата задача, златото, темјанот и смирната мораа да ја научат лекцијата на скромноста. Праведниот Јосиф го исфрли златото на патот пред пештерата за да не ги најдат разбојници и така сувото злато заврши на прашливиот пат. Со малку смирна Богомајката ги намачка своите прашливи и разранети стапала за да зацелат, а со темјанот ја искадија шталичката во пештерата во којашто беше малиот Исус.