Кој може да каже дека рамноправноста е нешто лошо? Дека еднаквиот почеток на животот за сите треба да се занемари? Дека не е пофално да се заштитат слабите и ранливи групи во општеството?
Никој. Токму на тоа и сметаат идеолозите на движењето за еднакви права. Која беше паролата под која се одвиваше кампањата во Франција за озаконување на хомосексуалните сојузи? Mariage pour tous. Со други зборови: брак за сите. Право на сите да посвојуваат деца. Не едни да се привилегирани, а другите – лишени од нешто. Звучи благородно, нели? Секако, ако е благородно тоа да ја злоупотребуваш лековерноста на дел од луѓето кои се приврзани кон демократските принципи, заблудувајќи ги за своите вистински намери. Да не дозволиме да бидеме заблудени: споменативе идеолози се трудат неуморно за едно општество на „карикатурна“ демократија, на слепо, механичко едначење (тие од нас кои живееле и во времето на комунизмот знаат добро за што станува збор); ни подготвуваат свет чијашто „сигурност“ ќе се гради преку сеприсутно кастрирање на половите разлики.
Мислите дека преувеличувам?
Загледајте се внимателно во споменатиов процес во која и да било земја и ќе можете добро да го препознаете неговото безобразно лице. На пример, пред извесно време дознавме со зачуденост дека шведски пратеник предложил да се поништи „нерамноправноста“ меѓу половите во поглед на јавните тоалети. Сите требало да ги користиме рамноправно. Не требало, гледате, едни да ги користат на ваков начин, а други на друг! Просто да не си поверуваш на ушите!
Дали воопшто помислуваме во кој правец нѐ туркаат идеолозите на уедначувањето и како нѐ манипулираат? Изгледа веќе од животна важност ни станува да се научиме да ги дешифрираме нивните зборови. Кога нѐ повикуваат да бидеме различни, треба да очекуваме иницијативи насочени кон нашето обезличување; слушнеме ли прекрасни приказни за тоа како секој има право на семејство, треба да знаеме дека се подготвуваат да го погребат семејството воопшто, пројават ли голема загриженост за чувствата на несреќните луѓе кои сакаат да си посинат деца, а не можат, да сме потполно начисто дека не им е ни малку гајле за самите деца. Навистина тука е неопходна расудливост за да се направи разлика меѓу фалсификатот што ни го подметнуваат и вистинскиот скапоцен камен и голема будност за да не се фати човек на јадицата на трговците и демагозите од античко доба па до денес.
Неопходно е исто така да кажеме гласно: ние кои сме живееле во „реалниот социјализам“ одбиваме секакво морално учество во било какво уедначување, маскирано како рамноправност. Не сакаме да живееме во нов вид на комунизам – па макар и да е со „европски“ лик. Едно искуство беше доволно.
Доц. д-р Калин Михајлов, литературен критичар, есеист и поет,
професор по компаративна историја на западноевропската литература