Етиката има динамичен карактер. Заедно со човекот таа се движи во времето и просторот. Целта на етиката е да му помогне на човекот во неговото соочување со етичките проблеми, да раководи со него при обликувањето на правилата на етичко однесување и да го насочи кон правилен избор. Не е човекот создаден заради етиката, туку етиката заради човекот. Меѓутоа, поради тоа што човекот од нашата епоха суштински ја отстранил етиката од секојдневниот живот, неопходно е да се потсети на неа и да ја реактивира. Не е потребно човекот да создаде некоја нова етика, туку едноставно да ѝ ја врати улогата која таа отсекогаш ја имала во неговиот живот.
Особено христијанската етика има за цел да му помогне на човекот да се оствари како личност според образот Божји, да го води човекот кон Царството Божјо кое Христос му го објави на светот. Темел на христијанската етика е Евангелието. Тоа ја открива Божјата љубов кон човекот и го повикува човекот да се согласи со божествената љубов, која е според Божјата великодушност и моќ. Кога христијанската етика не се движи според оваа насока, таа ја губи својата ориентација и ја промашува својата цел.
Христијанската етика не е систем на правила, туку показател за нашето учество во божествениот живот. Христијанските заповеди го откриваат божествениот етос и ја негуваат етиката согласно со Бога. Христос е полнотата на Законот и Пророците, а Христовото Евангелие е дополнение и она што им дава смисла на етиката и социјалното учење на Стариот завет. Истовремено е и афирмација на сите елементи на „логосното семе“ кои постоеле во претхристијанскиот и надвор од христијанскиот свет. Освен тоа, во природата на човекот е да го познава доброто и да ја препознава неговата вредност, дури и тогаш кога е заведен од злото. Неповрзаниот плурализам, во секој случај создава одредена конфузија и го ограничува етичкото расудување. Меѓутоа, во својата свест човекот има претпоставки за познавање на доброто и негово разликување од злото.
Човекот во односот кон другите дејствува исправно само тогаш, кога се однесува онака како што би сакал и другите да се однесуваат кон него. Тоа е и значењето на златното правило на човечкото однесување кое Христос го формулира: „Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие“ (Матеј, 7,12).
Истите правила, само со негативен предзнак, постоеле и кај древните Елини во дохристијанската и надвор од христијанската епоха: „Она што го презираш – немој да му го правиш никому“, или: „Немој да го правиш тоа за кое им замеруваш на другите“ (Талес од Милет). Оваа формулација одредува едно општо, сечовечко етичко ниво, без ниту една особена христијанска карактеристика. Човечкото воздржание од тоа да прави нешто што не сака нему другите да му го прават, има свој темел во нивото на елементарното етичко однесување. Како центар на својот живот, човекот се поставува и се има себе самиот. На другите не им нуди ништо посебно, но меѓутоа, се воздржува од тоа да му го прави на другите она што не сака тие нему да му го прават. На овој начин, општествениот соживот станува возможен.
Христовото златно правило го воведува елементот на љубовта која го пренесува човекот на едно повисоко етичко ниво, на ниво на етиката на љубовта, во која човекот не останува затворен во своето „јас“, туку е повикан да излезе од него и да го заземе местото на својот ближен. Не е доволно само да не му го прави на другите она што не го сака за себеси, туку треба да го прави она што сака другите да му го прават нему. Потребно е да се сврти кон ближните, самиот тој да стане ближен. Одлична илустрација на ова златно правило е библиската парабола за милостивиот Самарјанин, во која на христијански начин се опишува човековиот однос кон ближниот. Ближниот е секој човек на кого сме му пристапиле со љубов. На тој начин, христијанинот веќе не ги одвојува непријателите од пријателите, туку сите луѓе ги прегрнува. Тоа не значи дека е рамнодушен кон присуството на злото, туку дека злото не го поистоветува со личноста на ближниот. Го мрази злото, но не и човекот кој станува негов носител. Сочувствува со таквиот човек, негува чувство на тага кон него.
Сепак, етичкиот живот не се исцрпува со овие две правила. Освен нивоата на златното правило и неговото претходно, одредено со негативната формулација, постои и трето, уште повозвишено ниво. На тоа ниво, човекот не се ограничува да не го прави она што другите не сака да му го прават, ниту да го прави она што другите сака нему да му го прават, туку оди уште понатаму: се жртвува самиот себе за другите. Во тоа е врвот на љубовта. Тоа е љубов која Го објавува Бога во светот. Тоа е љубов која постои како присуство и подражавање на Христа.
Христос се жртвува за човекот. Му се принесува Себе Самиот на Бога Отецот, за и оние кои Го следат да постанат учесници во Неговиот соборен принос и жртва на Бога Отецот. И апостолот Павле, како подражавател на Христовата љубов, сака дури и душата своја да ја загуби за своите сродници по тело. Секој совршен христијанин, особено секој духовен отец, повикан е да се издигне на такво ниво. Почитувањето на етичките канони и правила ја зазема пониската скала, ако гледаме низ призмата на љубовта Божја спрема човекот, која, пак, би можела да се формулира на следниот начин: „Сѐ што Бог прави за вас, правете му и вие на другите“.