Формирање на нови етички критериуми – II дел

 

Многу проблеми од секојдневниот живот директно произлегуваат од човечката алчност. Ставот на Црквата во вакви случаи би можел да се формулира со Христовата реченица: „ Човеку, кој Ме постави да ви судам или да ве делам? Гледајте и пазете се од лакомство“. Христијанската етика го изразува Христовиот дух и духот на Неговата Црква, и природно е да му биде блиска на човекот и да се соочува со сите негови проблеми. Сепак, таа не може да ја изгуби својата главна цел и да се ограничи само на безизлезноста која ја создава ненаситната лакомост. Нејзина главна одредница е Логосот Божји и Царството Негово, каде човекот и сета вселена се преобразуваат. Со Логосот Божји човекот се ослободува од страстите и себичноста. Надевајќи се на Царството Божјо ги надминува тешкотиите што се појавуваат на неговиот пат. Доколку оваа цел се заборави, тогаш секој поединечен стремеж или успех ја губат својата смисла. Она што од внатре го слабее остварувањето на оваа цел е човечкото човекољубие, кое според светоотечкото предание е мајка на сите страсти.

Веќе сме во средишната точка на христијанската етика, која е појдовна точка во разликувањето на православната од римокатоличката и протестантската етика. Додека во православната етика, која се држи до библиското и светоотечко предание, е нагласено тоа примарно значење што го има борбата против самољубието и негувањето на несебична љубов заради човековото совршенство, во западниот христијански свет владееле сосема поинакви чинители, кои биле наклонети кон опортунизмот и индивидуализмот. Римокатоличката етика претежно е инспирирана од схоластичката теологија, додека протестантската се инспирирала од духот на реформацијата.

Доколку не почнеме од оваа точка нема да можеме прецизно да ги процениме разликите помеѓу православната римокатоличката и протестантската етика. Борбата против самољубието и негувањето на несебична љубов претставуваат две паралелни линии кои раководат со православната етика, учење и живот. Овие линии ја изразуваат верата и догматското учење на Црквата. Православната тријадологија и разликувањето на суштината и енергиите во Бога, како учења кои ја карактеризираат православната богословска мисла, директно се поврзани со овие темелни линии на православната христијанска етика.

Христијанската етика, која се развивала во православното предание, се пројавува во животот на Црквата. Етосот на Црквата е етос на нејзиниот култ и поради тоа таа не се запира на некаков објективен стилизиран облик, туку се движи во безграничниот простор на божествената љубов. И колку повеќе човекот ја спознава и живее божествената љубов, толку повеќе тој се усовршува во етиката, а колку повеќе се усовршува во етиката, толку повеќе живее и напредува во слободата. Освен тоа, не постои некоја објективна етика која животот на верникот би го одредила независно од степенот на неговата духовна зрелост. Младенчињата се хранат и однесуваат како младенчиња, а возрасните луѓе како возрасни луѓе, според тоа и мотивациите за етичкиот живот се разликуваат. Едни избираат да прават добро поради стравот, други поради тоа што се надеваат на награда, додека останатите овој избор го прават од љубов кон доброто. Најпосле, и социјалната средина како и општата духовна состојба во која живеат верниците, ја насочуваат Црквата при заземањето соодветен пастирски став.

Од црковната историја дознаваме дека Црквата по прашање на етичкото однесување на верниците се прилагодува и покажува значајно разликување, во согласност со духовната состојба на верниците, и воопшто, со социјалната средина во која живее. Кај духовно понапредните верници, како и во периодите на духовно озарување, Црквата ја покажувала апсолутноста на евангелските должности. Кај духовно неискусните верници, како и во епохите на духовна раслабеност, им пристапувала од перспективата на човекољубие. Кога е моќна бара акривија (точност). Во својата немоќ применува икономија (снисходливост). Така се постапува, меѓу другото, и при одредувањето на епитимии, нивното времетраење или нивното потполно изоставање.