Великата Четириесетница како период од четириесет дена, од каде што и го добила своето име, е срцето на црковната година. Таа е период на приготвување и соединување со Крстот и со Христовото Воскресение. По периодот на тие богослуженија следи периодот на Пентикостарот (Педесетдневието), во кој ги преживуваме плодовите од Крстот и Воскресението Христово во нашиот личен живот.
Атмосферата на тој духовен период, којшто се вдахновува од молитвата, умилението, постот и празничното богатство на тие дни, им помага не само на возрасните, ами и на нашите млади. Би можело дури и со сигурност да се каже дека Великата Четириесетница е тесно поврзана со младите, затоа што таа може да им проговори на нивните души, кои бараат, кои мечтаат за една подобра иднина, бидејќи не се помируваат со сегашноста.
Таа врска на Великиот Пост со младите луѓе можеме да ја проследиме преку неколку основни моменти.
Периодот од тие четитриесет дена е, на дело, еден динамичен преод кон Воскресението. Знаеме многу добро дека Воскресението Христово е „оживување на нашата природа“, тоа донело нов живот на човештвото. Христовото Воскресение е најголемото востание, револуција (гр. ἐπανάσταση) во историјата на човештвото. Тоа целосно ја променила дотогашната состојба и го преобразило човекот, дало една друга перспектива на нашето антропоцентрично (човекоцентрично) општество, на кое безизлезноста му била особен белег. Од антропоцентрично, нашето општество станало теоантропоцентрично (богочовекоцентрично), од опитот на смртта тоа придобило живот. На тој начин Воскресението остварило една вистинска револуција. Го исползуваме зборот „револуција“ во неговото првобитно значење, т.е. како враќање и повторно поставување на човекот во претходната му слава.
Глаголот востанувам (гр. ἐπανίστημι) означува дека се возвраќам на местото каде што сум бил, ја стекнувам истата состојба од која сум отпаднал, така што на тој начин ја постигнувам целта на своето суштествување.
Воскресението Христово е нова реалност во историјата на човештвото. Тоа ги превртило сите стари погледи за човечкото тело, за смртта, но и за целта на човечкото суштествување. По Христовото Воскресение смртта, којашто ги измачувала луѓето, била уништена, човекот излегол од мракот на распаѓањето и смртта, и на таков начин дошол новиот живот.
Меѓутоа, се бара и личносно преживување на тој нов живот, кој не е просто еден подобар или поразвиен живот од претходниот, туку нешто сосема ново. Затоа во периодот на Великата Четириесетница, Црквата се стреми да им помогне на Христијаните да придобијат лично, суштествено учество во Воскресението Христово. Тие големи собитија и празници го бараат од нас личното приближување и одложувањето на сите маски.
Младите се одвраќаат од формалното празнување на различните верски и национални празници, па затоа се трудат да им пристапат на каков-годе друг начин. Тие се одвраќаат од формалностите и условностите, затоа што младата возраст е отворена кон вистинските и големи нешта од животот. Црквата одговара на тој нивен копнеж преку својот период на Великата Четириесетница. Таа одговара на егзистенцијалните проблеми, коишто главно ги засегаат младите, го одбегнува формализирањето на животот и согласноста со конформизмот.
Не постои ништо полошо од тоа животот да биде формализиран и да стане некаков конзервиран производ, туѓ за човечката природа. На таков начин постот, атмосферата на покајанието, радосната тага на духовниот живот, богослуженијата преку тој крстовоскресен црковен живот – сето тоа им помага на луѓето да го преживеат лично таинството на Крстот и Воскресението Христово, да се сораспнат на крстот и да воскреснат за еден нов живот. На тој начин се задоволува тој искрен копнеж на младите за едно вистинско празнување, а не за уште една преодна празнична прослава, која дејствува повеќе како наркотик за душата, без да ни ги решава реалните проблеми.
Со посредство на нашето лично учество во тие празници, ние ја преживуваме моќта на еден вистински начин. Христос царувал на еден парадоксален начин. Он примил образ на слуга, им послужил на слугите, пострадал како слуга, воскреснал, така што на тој начин самите слуги ги направил синови и жители на Царството Небесно. Така, ние ја разбираме власта преку постот, скромноста и покајанието. Вистинската власт се постигнува со посредство на испразнувањето (кеносисот) и љубовта, а не преку анархија, војни и насилство над човечката слобода.
Вистинската власт се доживува преку смирението и љубовта, којашто, всушност, е трансценденција на светската власт, без да ја заменува. Покрај тоа, како што знаеме од многу древни текстови, а исто така и од литургиската пракса, периодот на Великиот Пост бил исползуван како време за подготовка на нови Христијани за стапување во Црквата. Во текот тој период огласените се очистувале од страстите и сатанските влијанија, се лекувале, така што во денот на Велика Сабота, или во Неделата на Пасха биле извршувани групни крштевања.
На таков начин, преку празнувањето на Крстот и Воскресението Христово, новопросветените, а со нив и сите членови на Црквата го доживувале своето воскресение, ослободувањето од ропството на тварта, соединувањето кон новиот живот што Христос го донесе во светот.
На таков начин новопокрстените, како и младите луѓе, доживувале на дело што означува новиот живот, надминување на смртта и ослободување од поробеноста на тварното. Тие разбирале дека Црквата не е од овој свет, но е „прибежиште на Божјата љубов“, место на Богојавлението, вистинско помилување на човештвото. Периодот кој му претходи на Воскресението е период на ослободување од секаква тиранија и е проникнување во пространството каде што човекот може да го предвкуси вечниот живот. Така, Црквата е духовното влечение, којашто ги сосредоточува луѓето во просторот каде што тварното преминува и се соединува со нетварното.
Периодот на Великата Четириесетница е период полн со црковен живот. Современата педагогика придава голема важност не толку на зборовите, колку на искуството. Таа препорачува на децата да им го нудиме искуството на љубовта, слободата и сакањето и тоа е токму она што овој период го достигнува. Тоа е и причината зошто во овој контекст говориме за младите луѓе.
Во православна Грција сите млади луѓе се израснати и растат со таканаречениот „црковен етос“. Некој може и да го побива овој факт, но тоа не го променува него. Богородичниот Акатист што се чита секој петок во нашите храмови, Литургиите на претходноосветените Дарови, кои нѐ пренесуваат во древната традиција и пракса на Црквата, преку кои ние го доживуваме исихастичкиот дух на православното предание, секојдневните вечерни богослужби од Страсната Седмица, последованијата на Страдањата Христови, симнувањето на Христа од Крстот, украсувањето и литијата со Плаштаницата во храмовите и плоштадите, торжеството на Воскресението – сето тоа е отпечатено во меморијата и срцето на секој православен.
Учеството на младите во тие богослужби, за време на кои им помагаат на свештениците, ги држат свеќите и шанданите, ја украсуваат плаштаницата или пеат – сето тоа ветува едно верно и вистинско црквно воспитание. Тоа не се извршува со зборови, туку преку литургиската пракса, затоа и има толку големо значење. Преку тие едноставни дејствија нашите млади луѓе навлегуваат во еден нов живот, којшто преминува од смрт во еден живот во кој нема потреба од каков било наркотик. Но дури и ако во даден момент младиот човек се повлече и оддалечи од „татковиот дом“, црковниот опит од овој период може повторно да го врати назад еден ден.
И накрај, периодот на Великата Четириесетница е период на „војна“ против секаква застојаност. А знаеме дека најлошиот ред е оној што го ограничува суштествувањето на човекот во затворот на сетилноста, на чувственото и на смртта.
Во исто време тој период е и период на „игра“. Тоа е така затоа што таа борба се одвива радосно преку дејството на Божјата благодат. Ние живееме во „игрите на Божјата благодат“, и би се осмелил да кажам, дека доживуваме една „егзистенцијална анархија“. Црквата, исто така, поседува свои „игри“ и духовни „веселија“.
Тој умилителен период во животот на нашата Црквата им припаѓа повеќе на младите токму поради таа причина, а исто така и на оние кои сакаат вечно да останат засекогаш млади во својот живот и размислување.
Извадок од книгата: Ἀρχιμ. Ἱεροθέου Σ. Βλάχου, Παρεμβάσεις στήν σύγχρονη κοινωνία, τομος Β΄, Ἰερά Μονή Γενεθλίου τῆς Θεοτόκου (Πελαγίας), 1994.
Превод: Братството на Свештента Бигорска Обител