Православието и човековите права – VIII дел

Последните два века

Ригас Велестинпис (1757 – 1798) – (Фото: Википедија)

Четвртиот период започнува во 19 век со создавањето на независни држави од православното население на Балканот. Православните народи пројавуваат непринудена почит кон повеќето права на човекот, покажувајќи дека долгите години на страданија не ги втурнале во спротивната насока – кон нетолерантност. Во својот „револуционерен манифест“ Ригас Велестинпис (1757 – 1798), еден од пионерите на грчката револуција, непрестајно се повикува на „природните права“ на луѓето кои „никој на земјата нема право да им ги одземе“ (чл. 1) и коишто припаѓаат не само на Грците, туку и на сите човечки суштества без исклучок. Неговото основно сфаќање е дека „сите луѓе имаат право да бидат слободни, а не робови на друг“ (чл. 2). Ригас става особен акцент врз религиозната слобода. Во своето дело „Прогласување на револуцијата“, тој пишува: „Јас зборувам за сите Христијани и Турци, без разлика на религијата (зашто тие сите се Божји созданија и деца на Адам)“. Во книгата „Правата на човекот“, тој истакнува дека „сите луѓе, и Христијани и Турци, се еднакви по природа“ (чл. 3) и ја прогласува „слободата на сите религии – Христијанство, Ислам, Јудеизам и сè останато (чл. 7)“. Другите членови содржат детални разгледувања на слободата на мислење, слободата на медиумите и слободата на здружувањето. И покрај своите конфликти со црковните кругови од она време, Ригас остана во границите на православната традиција.

Сите грчки Устави, усвоени после Грчката војна за независност во 1821 година, содржат клаузули кои ставаат акцент на правата на човекот и ја декларираат верата во принципите на еднаквоста и слободата; уште повеќе, тие сите се ратификувани од еден претежно православен народ. Историјата на овие Устави сведочи за фактот дека либералните чувства на Православните не се оштетени од тешкиот опит на гонење и притисок од страна на Отоманската власт.

Другите слободни држави, засновани од Балканските народи во 19 век, веднаш ги усвојуваат човековите права и дефинициите на Меѓународните декларации за правата на човекот.

По победата на комунистичките режими во поголемиот дел на Балканскиот полуостров, освен во Грција, Православната Црква се соочува со тешкотии кои ден денес ни се добро познати. И покрај тоа што „религиозната слобода“ често се спомнува во теориите, во пракса таа беше непрестајно оспорувана.

Како целина, во последните шест десетлетија од Балканската историја, православната Црква ја запази жива верата во правото на еднаквост, човечко достоинство и слобода во срцата на поробените народи. Освен тоа, во критичните моменти од животот на овие народи, нивните религиозни водачи, застанаа во првите редови на борбата за човекови права.

„Ригас Велестинпис и Адамантиос Кораис и помагаат на Грција да застане на нозе.“ – дело на Теофил Хацимихаил, 19 век. Македонски музеј на современа уметност. (Фото – Википедија)

Обраќајќи се кон нашата сопствена епоха, Православната Црква учествува активно во работата на Светскиот Совет на Црквите од самото негово основање и целосно ги поткрепува Декларациите и дефинициите на оваа меѓурелигиска организација, поврзани со различните права а човекот, особено во однос на религиозната слобода. Православните претставници на Конгресот на ССЦ во Амстердам, во 1948 година, се приклучија кон Декларацијата дека „правото на религиозна слобода е последица на фактот дека човечкиот род е создаден слободен од Бога; поради тоа гарантирањето на религиозната слобода не може да зависи од никаква власт“. Во следната година во Чичестар, Велика Британија, православните членови на Централниот комитет на ССЦ потпишаа заедничка Декларација за религиозната слобода, која покрај другото истакнува дека: „Религиозната слобода е претпоставка и заштитник на сите други слободи“. Со истата еднодушност Православната Црква поткрепи и други слични изјави и Декларации на ССЦ во однос на прашања поврзани со правата на човекот.

Постоечките социјални и политички промени и напори за заштита на човековите права, им предлагаат на Православните нови основи за продлабочено разгледување на Библиските извори и за преоценување на нивното „сведоштво“. Црквата е повикана да игра улога на критичар во современиот свет и затоа потполно е правилно тој процес секогаш да започнува со критичка самоанализа на Црквата.

Во својата поддршка на човековите права, Православната Црква се заснова не само на своето вероучение, туку и на својот длабок опит на верата и својот литургиски живот. Сето тоа ѝ дава на Црквата можност да ги вдахновува своите членови, помагајќи им да се стремат кон внатрешна самоанализа и покајание, така што во својот живот да станат носители на справедливост, мир и љубов. Верата може да има огромно влијание врз сознанието на луѓето и врз нивната желба да се придружат кон основните принципи на слободата, еднаквоста, личното достоинство, братството и сите останати човекови права кои произлегуваат од овие идеали.


(Продолжува…)