Религија и развој (детството и слободната волја)

  • 2. Дали и колку зависи нашата претстава за Бог во детство?

Следејќи ги истражувањата на современата психологија, што се и емпириски потврдени, а кои уверуваат дека раното детство има големо значење при формирањето на идниот карактер на човекот, и применувајќи ги овие истражувања на развојот на религиските престави за Бога кај детето, на ова прашање можам потврдно да одговорам. Првите претстави за Бога кај малото дете се строго антропоморфни (верување дека божествата имаат облик и својства како човекот) и се градат врз основа на присутните ликови на родителите или старателите. Маж и жена кои живеат во релативно складен брак и ги сакаат своите деца, притоа се и религиозни луѓе, можат со голема веројатност да очекуваат дека нивните деца ќе бидат исто така религиозни и што е најважно, во претставата за Бога ќе го согледаат доброто, милосрдното, правдата и љубовта. Кога децата од вакви бракови ќе пораснат, нема да имаат тешкотии во верувањето и ќе бидат на добар пат за натамошно усовршување во својата вера. Во психологијата и педагогијата се смета дека ваквиот позитивен исход е резултат на чувството на прифатеност на детето од страна на родителите, кое води кон стекнување на доверба и во Бога.

Во другите семејства, за жал, не е ваков текот на развојот на детето. Несогласувањата на родителите, разводите, нивниот амбивалентен или првенствено негативен однос кон децата, понекогаш и злоставување на децата, претставуваат доволно силни причини кои ќе предизвикаат не само страв од родителите, туку и чувство на отфрленост од нив, а понатаму и од Бога. Доколку ваквите родители не биле верници, речиси е сигурно дека и нивните деца кога ќе пораснат нема да бидат, или би биле атеистички богоборци кои ќе се борат против Бога, покажувајќи го на таков начин својот бунт, пркос дури и омраза кон своите родители.

Во ситуации кога родителите не се согласуваат, или на многу други начини се лоши родители, па дури и кога се членови на Црквата, може да се случи нивните деца кога ќе пораснат, да покажуваат збунетост или рамнодушност во однос на религијата, гнев и лутина кон Бога, Бог кој заплашува и казнува, кој се заканува со пеколни маки после смртта. Претставата за пеколот во христијанската Црква, многу сликовита и разновидна, најчесто како да одговара на пеколниот живот каков што го имале овие луѓе кога биле деца, во својата несреќна фамилија, а и несреќна држава, каде нема генерација која не запаметила барем две војни.

Но, нешто друго вреди да се истакне. И покрај многуте трагични настани во христијанската историја во текот на овие 2000 години, пред сè војни, па разни епидемии и природни катастрофи, трагични настани кои неминовно се одразиле и на семејниот живот, како и односот кон децата, христијанската вера се одржала во светот благодарение не само на познатите христијански светители, туку и на мноштвото непознати непоколебливи праведници, кои секојпат одново ја разгорувале во народот ослабената и колеблива вера. Добро е познато од житијата на Светиите дека нивниот живот, особено во детскиот и адолесцентскиот период, а и подоцна, бил исполнет со несреќи, прогони, омраза и болести, но тогаш се случило чудото на преобразбата. Токму вакви чуда се случувале со христијаните низ вековите, но биле ЧУДА. Ова е важно да се нагласи, слични или истоподобни, кои и денес се случуваат со луѓето за кои со сигурност знаеме дека имале пеколно детство, а подоцна станале примерни христијани, со што се поставува сомнеж за некои теории за пресудното и трајно влијание на раното детство (до седум години) врз карактерот на секоја индивидуа.

Кога станува збор за негативното влијание во раното детство, оваа теорија не го порекнува постоењето на евентуалното негативно влијание на генетиката врз формирањето на идната личност (позитивното генетско влијание, од друга страна, може да го ублажи лошото искуство во семејството).

Вистинските христијани никогаш не ја губат надежта, ниту кога се во допир со најлошите луѓе. Сликата на покајаниот разбојник на Голгота „Покај се макар и еден ден пред смртта“ – секогаш лебди пред очите на христијанинот, независно дали почнува да очајува за своите гревови или живее со некој злобник за кого другите мислат дека нема спас. Чуда во светот се случуваат постојано; некој одамна рекол: „Сонцето никогаш не изгрева и никогаш не заоѓа, а да не се случи некое чудо“. Едно од најдраматичните и најрадосните чуда кои се случуваат е, секако, чудото на покајанието и на преобразбата.

Големиот христијански лекар Парацелзиус напишал убави зборови: „Не дозволувајте со очајниот сатана да кажете: тоа е невозможно!“

  • 3. Што влијае најмногу врз формирањето на човекот: генетиката, воспитувањето, уникатниот Божји печат во секој човек, самовоспитувањето? Што е со слободната волја?

Тешко прашања на кое едвај може да одговорат генетичарите, психолозите, социолозите, теолозите, педагозите и философите заедно. Како и да е, наједноставниот одговор е, и тој секако не би бил неточен, дека сите чинители кои ги наведовте во прашањето се активни во формирањето на човечката личност. Улогата на гените, наследниот материјал, чија хемиска структура е речиси познат, е неоспорна. Ги наследуваме не само физичките карактеристики на нашите предци, туку и менталните (позитивни и негативни). Динамичната психологија (особено психоанализата) нуди докази дека воспитувањето во семејството и тоа во првите три години од животот, имаат пресудно влијание врз обликувањето на карактерот и личноста на човекот („Раката која ја ниша колевката е раката која владее со светот“). За секој верник, секој човек е уникатен Божји печат, бидејќи ја носи во себе, не само општата Божја линија, туку и својата посебност, единственост во неповторливоста. Самовоспитувањето, најпосле, секако е значајна алка при формирањето на личноста и тоа во смисла на задача што ни е поставена: од Бога, од природата, од општеството, од семејната традиција. Вашето прашање за слободната волја добро се вклопува како продолжение на волјата за самовоспитувањето, бидејќи што ми помага самовоспитувањето доколку немам слободна волја, доколку клучна улога имаат гените и раното воспитување врз тоа дали ќе бидам добар или лош човек, поштен или не?

Најмногу се плашам да прозборам нешто за најважното и за секој човек судбинско прашање, за слободната волја. Тешко ми е, пред сè, да си замислам вистински верник кој не верува дека човечката волја е слободна. Сепак, такви верници имало и ќе има секогаш. Доволни се Соломоновите изреки, Книга проповедник од Стариот Завет, или пророкот Јеремија, па да се замислиме на пребрзо донесениот суд за слободната човечка волја:

„Во срцето на човекот има многу мисли, но се извршува само определената од Господа… Господ направи сè со определена цел и за нечесниот – злочест ден… Господ ме имаше за почеток на Својот пат, пред сите Свои творби“ (Мудри Соломонови изреки).

„И ако за нешто се рече: ‘Види, ете, тоа е ново’; но тоа веќе било во текот на вековите, што биле пред нас… Кривото не може да се исправи и она што го нема не може да се брои… И видов, дека предимството на мудроста пред глупоста е токму такво, какво што е предимството на светлината пред темнината: на мудриот очите му се во главата негова, а глупавиот оди во темнина; но дознав дека крајот на сите им е еднаков“ (Книга Проповедник).

„Знам, Господи, дека патот на човекот не зависи од него, дека не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои“ (Книга пророк Јеремија).

Кој би се посомневал во длабоката христијанска вера на Мартин Лутер?! А овој страстен верски револуционер (можеби не бил секогаш душевно и духовно здрав), во книгата „За неслободната волја“ жестоко ја побива слободната волја на човекот.

Прашањето за слободната волја е крајно сложено, понекогаш и противречно (или само антиномно), дури и кога ги имаме предвид денешните откритија во генерациите и психологијата на пренаталната и постнаталната доба, социолошките истражувања за неопходниот душевен развој, астрономските и астролошките верувања во дејството на сонцето, месечината и ѕвездите врз однесувањето на човекот, влијанието на исхраната во насока на човечкото размислување, безброј внатрешни, невидливи дејства: биохемиски, електрични и хормонски врз секојдневното однесување на човекот и неговиот биоритам, и најпосле, ако ја имаме предвид цврстата монотеистичка вера на некогашните или денешни Евреи или мухамеданци, незанемарливиот број протестанти кои во својот живот навистина сведочат за верата во Бога, но и во Неговото строго одредување што ќе биде со човекот тука и од другата страна (учење за предестинацијата), како православен христијанин, уверен сум дека човекот поседува слободна волја.

Во оваа прилика сакам да се посветам на меланхоличниот и песимистичен филозоф Артур Шопенхауер (на неговата книга За слободата на волјата) кој, иако бил агностик или атеист, христијански размислувал за слободата на волјата: „Постои еден факт на свесноста на кој досега, да не го попречувам истражувањето, не сум обрнал внимание. Тоа е потполно јасното и сигурно чувство на одговорност за она што го правиме, пресметливост во нашата работа, која се заснова на непоколебливата сигурност дека самите ние сме вршители на своите дејства. Врз основа на таа свесност, на никого, дури ни на оној кој е целосно убеден во неопходноста која доаѓа од нашата работа, никогаш нема да му падне на памет да се извини за некој престап и кривицата од себе да ја префрли на мотивите“.

И кај некои христијански филозофи од минатите векови, тешко е да се најде ваква јасна претстава за слободната и неслободната волја, макар што Шопенхауер бил повеќе будистички отколку христијански мислител (во тоа е и неговиот парадокс). Кај него сме прочитале уште и дека: „Човекот е одговорен за своите дела во животот, за својот однос со луѓето, оттука и за секое зло кое му го прави на другиот, свесно или несвесно, намерно или ‘судбински’ (по законот на неопходноста – генетиката, воспитувањето, ѕвездите…); пред Господ, пред својата совест, пред луѓето, пред Законот или законите, овде, а за оние кои веруваат или само го чувствуваат животот после смртта, и од другата страна“.


Избор и превод на текст: Ана Масларова