Посета во с. Модрич

На љубезна покана од благочестивите модричани: Здравко Јованоски (син на последниот свештеник од Модрич, блаженоупокоениот отец Милан), Ставре Нелоски, Митре Добрески, Славко Добрески и Томе Јованоски, во текот на вчерашниот ден, нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, во придружба на архимандритот Кирил и на јеромонахот Григориј, беше во посета на тоа живописно мијачко село.

Сместено во прегратките на Дебарски Дримкол, распоредено врз неколку возвишенија под азурниот покрив на небото и обградено со питоми планини, ова магично село, тихо и скромно, сè уште ги шепоти славните сказанија и преданија на минатите дни. Облечено во густо зеленило, наместа со прелесни килими од аметистови перуники, со храмови Божји на сите ридови, селото навистина заприлегува на едно парче небо спуштено на земјата. Или, како што поетски и точно се изразил легендарниот Бошко Смаќоски, и самиот родум оттаму:

Модрич беше на небеси, модричани — на земјата.

Та, самото село е еден жив поетски израз на врховниот Поет. Неговата убавина останува врз мемоарските папируси на вечноста, сочувана во срцата на оние што тука обитавале и му се радувале на неговиот мистичен танц на животот. Оти, не само природните красоти се обележје на ова место, туку заедно со нив и сочуваните зраци на верата и видливите и невидливи оставини на христоподобното живеење.

Нашите добри и благородни домаќини, полни со духовно богатство и знаење наследено од нивните предци, како и со жива вера и ентузијазам, беа желни да ни покажат и прераскажат што повеќе нешта од нивната роднокрајна историја и од православните преданија. Така, водени од нив низ макадамските патчиња, се поклонивме и се помоливме во сечесните храмови на Пресвета Богородица (посветен на нејзиното Успение, воедно и главен храм на селото), на Свети Атанасиј Велики, на Свети Николај Чудотворец; ги видовме остатоците од модричките тврдини, историските месности и епските предели; ги чувме вдахновувачките сказанија за легендарните битки и собитија, за херојските подвизи на Георгиј Кастриот и за неговите славни победи, но и за нашиот секогаш споменуван возобновител, бигорскиот старец и игумен Иларион, во светото крштение наречен Јован, кој бил родум токму од Модрич, од месноста наречена Главиница.

Светогорски монаси по потекло од с. Модрич

Селото едноставно дише со љубов кон Христовата вера. Дури и во времето на атеистичкиот социјализам, модричани не си дозволиле да ја напуштат својата преубава и спасоносна вера, туку да ја сочуваат и пренесат на идните поколенија. И денес, иако, за жал, во селото нема веќе постојани жители, сè уште се пренесуваат преданијата за некогашните цркви и манастири, за монасите-маченици погубени од Османлиите, за благоговејните свештеници кои со вера и молитви твореле исцеленија, како и за мудрите старци – духовните првенци на селото. Впечатливо е тоа што кај модричани до наши дни се задржал терминот старец, не за човек стар по години, туку за мудар, побожен и просветлен човек – имено, во онаа смисла според која игумените и водачите на едно монашко братство се нарекуваат старци. Модричките старци биле богопредани водачи на селото, кои заедно со свештениците и монасите одлучувале за најважните работи, но се грижеле и за правилното воспитување на децата и помладите. За овие Старци прекрасен и вдахновен расказ ни оставил покојниот Бошко Самоќоски, во своето прозно-поетско дело Модричка тетратка од 1982 година:

„Секој неделен ден или празник, лете, се собираа старците од Модрич, по завршената служба, во дворот на црквата, под широката црешна. Чисто облечени и спокојни – седнуваа околу-наоколу, секој секого в лице го гледа и сите да го гледаат. Сонцето ѕиркаше низ гранките и им ги осветлуваше лицата; лицата им личеа на стари слики.

Ние, децата, многу ги сакавме тие собири на старците, тие прекрасни денови во кои сè видено и чуено ни се врежуваше за цел живот. Понекогаш им седнуваше в скут, им ги крадевме бројаниците, а ги милувавме: и со око и со срце.

А тие, старците, разговараа, разговараа. Колку беа умни нашите добри старци, колку беа внимателни. Се почитуваа меѓу себе, го почитуваа светот околу нив и никогаш подоцна во животот не слушав понежни зборови од нивните. Тие дури и за волкот и за змијата знаеја да кажат и по некој убав збор.

Старците од Модрич беа уморни луѓе. Леб не каснуваа без да го целиваат и вода не се напиваа без да оттурат малку, за да ја навлажнат земјата, да и кажат колку ѝ се благодарни за добрините. О, тие прекрасни старци, толку различни, а сепак исти: кротки и наживеани, остарени и недонаживеани! И сите беа мајстори, ѕидари, поубаво го знаеја светот дури и од своите куќи. Тие, тука, како да беа собрани за последното одење на печалба, на небото. Чудно, му беа благодарни и на животот и за маките и за болките што им ги товарел, и за радостите и за убавините со кои ги наградил.

Предобрите, та тие веќе не живееја, тие низ раскажувањата го продолжуваа својот изминат живот, го спасуваа од заборавање. Предвреме знаеја кој што ќе каже, но тоа не им пречеше внимателно да се слушаат, како првпат да слушаат, таква почит му оддаваа на крајот на раскажувачот. Всушност, нивните разговори беа она најмудрото и најчесното што треба да остане кажано за нивниот живот, затоа нивните кажувања, собрани заедно, може да се рече, претставуваа една вистинска читанка на животот…

Светеа лицата на старците. Грееја. И, затоа, сè ми се чини, дека на црешната најпрвин и узреваа плодовите на долните гранки, а не оние по вршките, иако нив ги грееше Сонцето“.

Нашите духовно оплеменети домаќини, благодарни и пресреќни што на посета им дојде бигорскиот Старец, достојниот наследник на нивниот предок, нашиот игумен и владика г. Партениј, ни приредија заради него Авраамово гостољубие и ни покажаа огромна чест, за што од сè срце им благодариме и со душа ги благословуваме.

Накрај, ќе завршиме со благословите, излеани повторно од поетската душа на Смаќоски:

Благословен да си, Модрич, 

што им укажа топлина на гугутките, 
што им ја припитоми душата на темјанушките, 
што му даде леб и сол на поетот…

Да ти биде запишано името, Модрич,

меѓу местата што ги посетил Господ,
зашто беше праведен и во најнесигурните зими,
 зашто му беше сват на летото, 
зашто му беше кум на првото сонце, 
зашто му позајми срце на поетот…

Нека ти е голема честа, Модрич, 

оти не ѕирна во гнездата на дивите гулаби, 
оти не накалеми неродно на родно, 
оти не ги зароби пчелите, 
оти не му ја изора душата на поетот…

Биди благословен, Модрич, 

што не ги вознемири водите на побожните извори, 
што не разгради нива, што не проколна камен…