Христијаните во светот – II дел

Која е основната причина за оддалечувањето од духовниот живот?

Со сигурност можеме да кажеме дека основната причина за немањето духовен живот е незнаењето, како што вели св. Кирил Римски во второто свое послание до Коринтјаните. Тој вели: „Грешиме без да знаеме“, без да го знаеме тоа, „каде сме призвани, од Кого и на кое место, и што претрпел за нас Исус Христос“. Се смета за голем грев да не ја познаваме суштината на нашата вера. Кој е Оној Кој ме призива? Каде ме повикува да бидам? Како пострадал Господ Исус Христос за мене? Ако не ги знам овие нешта, тогаш грешам, бидејќи токму тоа незнаење ќе ме фрли во разновиден грев. Св. Јован Златоуст го вели истото, повикувајќи се на Светото Писмо, тврди дека непознавањето на Писмото, ја вовело и ереста и расипаниот живот и сè се свртело наопаку.
Затоа треба постојано да ја познаваме Божјата волја, постојано да го изучуваме Светото Писмо и делата на Отците на нашата Црква.

Каква е положбата на Христијанинот во светот?

Ќе ви прочитам еден прекрасен ранохристијански текст. Тоа е Посланието до Диогнет, кое и покрај тоа што е кратко се смета за дијамант на ранохристијанската литература! Се разбира, текстот се наоѓа во Патрологијата. Можете многу лесно да го најдете и да го прочитате. Тука ќе ви пренесам само неколку пасуси од него. Како е напишано? Авторот не е познат, се смета дека е Св. Јустин Маченик, но најверојатно не е. Целта на авторот на Посланието е да му даде одговор на Диогнет во врска со прашањата што му ги поставил -какви се Христијаните, во што веруваат и како живеат во светот. Свештениот автор му одговара на Диогнет со еден чудесен текст кој повеќе наликува на краток трактат, отколку на писмо. Ќе обрнеме внимание само на неколку места кои поконкретно ја разгледуваат положбата на Христијаните во светот. Имено тој вели дека Христијаните надворешно не се разликуваат од другите луѓе: Затоа што христијаните не се разликуваат од другите луѓе, ниту според земјата, ниту според јазикот, ниту според обичаите кои ги пазат. Бидејќи тие ниту се населуваат во свои градови, ниту зборуваат на посебен начин, ниту водат живот кои што се одликува со некаква особеност. Значи, Христијаните не се разликуваат од другите луѓе, ниту според местото каде живеат, ниту според јазикот што го зборуваат, ниту според надворешните свои навики, и доследно ги следат локалните обичаи, како во врска со облеката и храната, така и во однос на останатиот свој живот; и покрај тоа нивниот живот изгледа чудесен и според општото признание – парадоксален.


Авторот наведува неколку свои кратки зборови, за подоцна подетално да ги разгледа на еден прекрасен уметнички начин, во одделни точки. Во секој случај, од горните стихови се гледа дека Христијаните не се надвор од општеството, не се изолирани од заедницата на луѓето, туку живеат, можат да живеат и треба да живеат во местото каде што се родени, во своето време, во секоја епоха. Остварувањето на христијанскиот живот бара силна волја. Христијанскиот живот не е утопија, како што мислат мнозина. Христијанскиот живот не е неостварлив, ниту, пак, евангелскиот живот е невозможен. Тој не е утопија, како за епохата во која е напишано Евангелието, така и за овој XXI век. И ако хипотетички отидеме во XXV или XXX век и тогаш и секогаш Христијанството ќе биде актуелно и достижно, доволно е само човек да сака доследно да го живее христијанскиот живот. Ако често велиме: „Да, сакам но не можам“, тоа всушност значи дека не сакам. Ќе речете: „Сакам“ и  „не, не сакам“. А не да велите „Не можам“. Зад „не можам“ се крие „не сакам“, иако усните велат „сакам“. Ова го вели и блажен Августин. Имено кога тој се обратил кон Христа од претходниот световен начин на живот и од насладите, како што пишува во својата книга Исповеди, тој Го молел Бога да дојде спасението. Тој со огнена жар Го молел за спасението, но во своето срце посакувал малку да задоцни спасението, бидејќи сè уште ги сакал своите наслади. Ете тоа сме и ние. Сакаме да се спасиме, но ги љубиме насладите и велиме дека не можеме, а всушност, вистината е дека не сакаме. Сакањето е волшебен збор, тоа е клучот кон остварувањето на христијанскиот живот во секоја епоха, притоа сакањето е поврзано и со Божјата благодат и тоа го прави чудото наречено христијански живот.

(Продолжува…)