Секуларизмот и религиозното образование во Европа

Марија Ангеловска[1]

Ми претставува чест и задоволство да бидам денес овде со вас и да го изнесам својот став во однос на тема која ми е блиска на срцето. Најважно од се’, би сакала заедно со вас да ја разгледам оваа тема од поинаков аспект или подобро кажано, би сакала да видиме подетално како се оценува и на кој начин се регулира религиозното образование во секуларните држави во Европа.

Во ова излагање, после воведот, би сакала да изнесам два аргументи: првиот, дека секуларизмот и религиозното образование не само што не се неспоиви, туку дека и најатеистичките држави во светот, како на пример Шведска, го имаат инкорпорирано религиозното образование во својот образовен систем; и вториот аргумент, дека секуларноста не значи дека Црвата е невидлива и неважна институција во општеството, или дека државата не може, или не смее на определен начин определен со закон, да ја поддржува Црквата.

Секуларизмот во груба смисла на зборот се сфаќа или дефинира како одвоеност на Црквата од државата, а сето тоа со цел да се избегнат негативностите поврзани со теократското државно уредување, во смисла на скратена слобода на изразување и ограничена слобода на вероисповед кои нужно или, евентуално ќе поттикнат нетрпеливост и ќе создадат услови за таканаречена, општествена експлозија.

Неретко се среќава уште едно погрубо и според мене, погрешно сфаќање на секуларната држава, како анти-теистичка или анти-религиозна творба, во која религијата и нејзиното практикување ќе бидат исклучиво приватна работа, која никако нема да биде изнесувана во јавниот живот, било преку јавна и слободна исповед на својата вера, а уште помалку преку религиозна едукација на младите. Овој пристап му беше близок на Сталин во Советскиот Сојуз, на Кемал Паша во Турција, на Мао Цедонг во Кина, но не успеа. Зошто? Затоа што, како што реферира Доктор М. М. Томас[2] во контекст на секуларизмот и пост-модерниот хуманизам – инаку индиски христијански теолог и активист кој го завршил својот докторат на универзитетот во Упсала, Шведска: „Механичкиот материјалистички поглед на реалноста е преограничен и ги занемарува органските и духовните димензии на човековото битие и впрочем на целата историја, и затоа е неспособен да ги возобнови човековите вредности, хуманизмот, правото на живот и почитта на достоинството на човекот во едно општество; вредности во чие име впрочем и секуларизмот започна да протестира против религиозниот авторитаризам“.[3]

Токму оваа мисла ме води кон првата точка на излагање: дека во демократските и секуларни држави во Европа, религијата не е отцепена од јавниот живот; барем не онака како повеќето во Р. Македонија милуваат да тврдат дека е, и и те како е инкорпорирана во едукацијата на младите во основните и средните училишта. Овде да нагласам, нема да зборувам за Веронаука, туку ќе зборувам за она што ние го нарекуваме Етика на религии или Запознавање со религиите.  

Во Ирска 96% од основните училишта не само што го инкорпорираат религиозното образование, туку и се основани и водени од Црквата. Таканаречениот извештај „Образование на дланка“ на Организацијата за Економска соработка и развој (ОЕЦД) од 2012 година, наведува дека просечното седум или осум годишно дете во Ирска поминува 10% од своето време во изучување на религија, додека просекот за истото во земјите на Европската Унија е 5%.[4] Ирска дури е и критикувана од Обединетите Нации затоа што прво, ирските училишта за разлика од училиштата во други земји во Европа, наместо Етика или Запознавање со религиите, на некој начин ја проповедаат католичката вера и второ, затоа што не нудат можност на учениците да отсуствуваат од религиозните часови доколку не сакаат да изучуваат религија – нешто кое е во принцип застапено во други европски демократски и секуларни држави.[5]

Во Германија учениците имаат религиозна едукација два часа неделно. Станува збор за задолжителен предмет за сите ученици во јавните училишта, со тоа што, учениците, односно родителите на учениците имаат право по своја волја и убедување, да го отпишат своето дете од тој предмет, па во тој случај како алтернатива, тие ученици изучуваат етика.[6]

Во Данска, предметот Христијанска наука е задолжителен предмет за учениците од 6-та до 16-та годишна возраст во основните училишта,[7] а потоа и во трите години средно училиште, сѐ до 19-та годишна возраст. И тука учениците имаат право да не присуствуваат на тие часови доколу не сакаат и тоа време за нив се пополнува на друг начин. Дури, иако училиштата сами не организираат религиозни активности, тие сепак соработуваат и се координираат со локалната Црква, како би се осигурале дека во моментот на извршување на светата тајна Помазание, учениците ќе бидат слободни за да би можеле да присуствуваат, секако доколку сакаат.  Приватните училишта, пак, можат да бидат основани и од чисто религиозни мотиви и државата ги финансира, под услов да не се во сопственост и да не се управувани од некоја религиозна заедница или институција. Приватните независни училишта кои нудат религиозно образование, не се задолжени да предвидат опт-аут и во својата работа дозволено им е да се консултираат и да соработуваат со религиозните заедници или заедница со која тие се идентификуваат.[8]

Во Финска исто така, религиозното образование е задолжително за учениците од 7-ма до 16-та годишна возраст во основните училишта, а потоа и во трите години средно училиште до 18-та или 19-та година. За оние кои продолжуваат во т.н. Виша школа, тие изучуваат три задолжителни предмети, имено: Вовед во религија, Аспекти на религијата и Библијата; потоа Историја на христијанската вера и на крај, Христијанска етика. Религиозното образование дури може да се каже дека е од чисто лутерански карактер, бидејќи 80% од луѓето припаѓаат на Лутеранската црква. Затоа оние кои сакаат друг тип на религиозно образование, треба прво, да формираат група од најмалку 3 ученици и второ, образованието мора да се однесува на религиозна заедница која е правно признаена и на која учениците и нивните семејства припаѓаат. За православните условот е олеснат и доволно е да постои група на три деца кои сакаат за изучуваат православна веронаука.[9]   

Во Норвешка предметот Религија, Философија на животот и Етика е задолжителен предмет во основните училишта, и на тие часови се дискутираат не само една, туку мноштво религии. Родителите и овде, во писмена форма, можат да приговорат на предметот и во секој момент да ги отпишат своите деца, доколку сметаат дека содржината на тој предмет се коси со нивното лично уверување или религија, или доколку тие, поради религиозни причини сметаат дека содржината на предметот е дискутабилна или навредлива за нив и нивните деца.[10]

Истиот пристап е усвоен во Италија, каде што религиозното образование е факултативен предмет.[11] Во Франција, религиозни елементи се провлекуваат во низа секуларни предмети, по иницијатива на Министерот за образование, а со цел да се подобри сфаќањето на француското културно наследство и генерално, на денешниот свет.[12] Во Англија религиозното образование e задолжително во училиштата финансирани од државата.[13]

Филипе Перчок од Истражувачкиот центар на Европскиот парламент, во својата исцрпна анализа од декември 2017 година, а во однос на религијата и надворешната политика на ЕУ, ја споменува Русија како еден пример на воспоставен баланс помеѓу религиозното образование и секуларизмот. Имено, се вели, дека иако Основа на православната култура се вовел како задолжителен предмет за учениците во четврто одделение, сепак тој предмет е еден од неколкуте опции кои им се достапни на учениците, како што се тоа на пример, предметите Секуларна етика и Светските религии.[14]

Европскиот пример на кој сакам повеќе да се посветам бидејќи го чувствувам близок, а е и прилично интересен е шведскиот пример. Шведска е парламентарна демократија која почива на принципите на еднаквост (родова, етничка, национална, полова итн.) и принципите на инклузивност и недискриминација. Шведска истовремено ужива репутација на држава во која институциите функционираат многу добро и во нејзини рамки индивидуата и нејзината благосостојба се приоритетни. На сето тоа, Шведска се смета за една од најсекуларните држави во светот, каде што, според едно истражување на Европската комисија, само 23% од народот се декларира како верен народ, додека останатите се декларираат како неверници.[15] Од прво до деветто одделение, во јавните училишта во Шведска се изучува предметот Религиозна наука, и го опфаќа не само Христијанството, туку и останатите светски религии. Овој предмет е задолжителен. Неговата цел е да ја истакне улогата на религиите во промоција на социјална сплотеност и кохезија, понатаму, улогата на религијата во спречување на сегрегација и влијанието на Христијанските традиции врз вредностите на шведското општество.[16] Програмата за овој предмет е регулирана од Шведската агенција за национално образование и опфаќа теми како разликување на добро од зло, изучување на љубовта и добриот однос спрема ближниот, како на пример соучениците, потоа, етика, одговорност во и спрема општеството, искрен однос, чесност итн.[17] Многу интересен е начинот на кој Шведската агенција за национално образование ја опишува потребата и корисноста на овој предмет: „Луѓето отсекогаш и во сите општества се обидувале да ги разберат и да ги објаснат условите за живот и општествениот контекст во кој тие израснале. Затоа, религиозните и другите животни ставови се клучни елементи на човечката култура. Во денешното општество, кое се карактеризира со разновидност, познавањето на религиите и другите ставови на животот е важно за создавање на меѓусебно разбирање меѓу луѓето“.[18] Кога го предаваат предметот, учителите мора да внимаваат да не се посветат на проповедање на исклучиво една вера.[19]

Почнувајќи од 1990 година, независни приватни и правни лица во Шведска добија дозвола да основаат т.н. независни училишта. Ова го вклучува и правото на верските заедници да основаат и раководат со независни училишта кои ќе бидат верски ориентирани, во смисла на тоа дека во тие училишта ќе може да се предава веронаука.[20] Основањето на овие училишта е регулирано со т.н. Закон за училишта кој предвидува повеќе услови, од кои би сакала да потенцирам неколку:

  • Образованието во тие училишта мора да може да им пружи на учениците знаење и способности, кои се суштински еднакви со знаењето и способностите што ги пружаат јавните училишта.
  • Образованието во тие училишта да соодветствува со општите цели и вредностите во јавните училишта.
  • Овие училишта мора да бидат отворени за сите ученици, без разлика на нивната вероисповед.
  • Учителите мора да ги поседуваат генералните квалификации пропишани со закон.
  • Училиштата кои проповедаат конкретна религија, не смеат да фаворизираат учители од својата вера по секоја цена, а за сметка на професионално квалификувани учители кои припаѓаат на друга вера.[21]

Овие училишта добиваат еднаков третман како и јавните училишта, што значи се бесплатни (учениците не претрпуваат никакви трошоци), а се целосно финасирани од државата, преку даночниот систем. Финансиската поддршка ја добиваат во форма на паричен надоместок за секое дете, од општината во која детето живее или престојува. Доколку овие училишта вредносно се спротивставуваат на шведскиот систем, државата има право да го стопира државното финансирање и во најлош можен случај, и да ги затвори овие училишта.[22] На пример, забрането е да се учат децата на дискриминација или нееднаков третман, како на пример дека припадниците на друга раса, вера, националност или потекло се чудни или треба да бидат мразени, исто како што за нив е неприфатливо учителите да ги учат децата, дека жената треба да биде инфериорна во однос на мажот, во смисла на тоа дека нејзината вредност е помала или уште полошо, дека нејзината вредност ја одредува мажот. Во Шведска половата еднаквост е ставена на пиедестал. Според статистика од 2005 година, во Шведска имало 100 вакви независни религиозни училишта, од кои 10 муслимански, а останатите 90 христијански.[23]

Во контекст на религиозното образование, би сакала да реферирам на два случаи од праксата на Европскиот суд за човекови права, споменати во Упатствата за толкување на член 9 од Европската конвенција за човекови права, односно Слободата на мислење, совест и вероисповед. Имено, се вели дека споменатиот член 9 ги штити децата од религиозна индоктринација. Во 1986 година, девојката по име Ангелени ја тужи Шведската национална агенција за образование по основ на дискриминација. Таа како атеист, смета дека задолжителното религиозно образование ја приморува да го прифати христијанството и да развие христијански поглед на светот. Во тоа време, законот во Шведска дозволувал учениците да бидат исклучени од религиозните часови, само доколку учениците припаѓаат и се едуцираат во друга вера, но не и ако се атеисти. Судот затоа пресудува дека 1) девојката веќе во огромен дел и била ослободена од практичниот дел на предметот во кој учениците изучувале псалми, пееле христијански песни и извршувале слични практични делови својствени на христијанството и 2) дека предметот иако во поголем дел бил сконцентриран на христијанството, сепак опфаќал изучување и на неколку други религии. Од тие причини, Судот пресудува дека девојката не била предмет на индоктринација или присилена да завзема учевство во религиозни активности кои неа лично не ѝ се допаѓаат.[24]   

Во друг случај од 1993 година, родителите се повикуваат на дискриминација на нивното дете поради тоа што тие сакале, но според законот во Луксембург не можеле да го исклучат детето од религиозното образование по основ на философски убедувања. Имено, луксембуршкото законодавство ги ослободувало децата од религиозно образование само по основ на религиозни убедувања. Судот сметал, дека во отсутво на индоктринација, децата мора да ги исполнуваат своите училишни обврски, вклучувајќи ја и посетата на овие часови по религија и морал. Обврската да се присуствува на тие часови, вели Судот, не ја загрозува или нарушува слободата на детето на мисла или совест. На крај, Судот вели дека целта да се намали отсуството од училиште, а со цел да се зајакне моралното образование на децата е легитимна цел. Судот додава и дека предметот делумно ги покривал и човековите права и бил организиран на начин да овозможува различност во размислувањето. Оттука произлегува и дека слободата на детето слободно да размислува и расудува не била нарушена.[25]

Оттука, можеме да увидиме неколку елементи кои се важни и можат да овозможат кохезија помеѓу религиозното образование и секуларизмот:

  • Сестраност и објективност, односно разноликост на предметот: така што тој ќе опфаќа изучување на повеќе религии, исто како и да опфаќа аспекти поврзани со човековите права и генерално европските вредности на недискриминација и полова еднаквост.
  • Отсуство на дискриминација: отвореност на училиштата за деца од сите вероисповести.
  • Слобода на избор и отсутво на присила (која, како што видовме погоре, има свои граници и во различни случаи различно се толкува) и слобода да не се присуствува на тие часови доколку детето или неговите родители не го сакаат тоа.
  • Отсуство на индоктринација или проповедање на исклучиво една вера, кое исто така не треба да се сфаќа буквално и се толкува различно во зависност од конкретниот случај.

Ваквиот пристап е поткрепен во член 18 од Универзалната декларација за човекови права и членот 18 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права кои ја штитат слободата на религија и убедување. Во Упатствата на Европската унија за промоција и заштита на слободата на религија и убедување од јуни 2013 година, се вели дека слободата на религија и убедување се состои од 2 компоненти, имено, слобода да се усвои или да не се усвои одредена религија или убедување, и слобода да се манифестира одбраната религија или убедување, индивидуално или колективно, во јавност или приватно, преку богослужење, обреди, пракса и обучување, или настава.[26] Понатаму се вели, дека манифестирањето на религијата и убедувањето може да завземе различни форми, но во секој случај ги вклучува 1) правото на децата да ја научат религијата на своите родители и 2) правото на родителите да ги воспитаат своите деца во духот на верата на која тие ѝ припаѓаат.[27] Ова се надоврзува на членот 26 од Универзалната декларација за човековите права од 1948 година, каде што се вели дека родителите го уживаат примарното право да го одбираат или подобро кажано, да одлучуваат за образованието на своите деца.[28] Оттука произлегува и правото на родителите да ги исклучат своите деца од религиозното образование, кое како што веќе споменав, е загарантирано во неколку европски држави. Накрај, важно е да се напомене и слободата на мисла, совест и религија заштитена во членот 10 од Повелбата за фундаменталните права на Европската унија, која го вклучува и правото на промена на религијата или убедувањето, што суштински може да кажеме дека се поврзува со сеопфатноста на религиозното образование, наместо стриктен фокус на само една религија.[29]

Оттука, секуларизмот не значи исклучување на религијата за сметка на доминација на атеизмот во јавната сфера, не значи ограничување на слободата на изразување и слободата на вероисповед за сметка на култивација на истите права и слободи на луѓето кои се декларираат како неверници и сигурно не подразбира дискирминација на луѓето по религиозен основ. Секуларизмот исто така не подразбира нужно отсуство на религиозно образование, бидејќи тоа би било спротивно на основните човекови права и слободи заштитени со споменатите меѓународни инструменти. Секуларизмот подразбира еднаквост на верниците со неверниците пред законот и во пракса, религиска слобода исто како и слободата да не се припаѓа на ниту една религија, слобода да се манифестира религијата или убедувањето, освен во случаи предвидени со закон, а заради зачувување на јавната безбедност, јавниот поредок, здравје, морал или правата и слободите на други луѓе (член 18 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права), понатаму демократија, еднаквост (полова, расна, религиска, национална, политичка, етничка) и еднаков пристап до јавните услуги за сите, без разлика на верата или нејзиното отсуство, исто како и слобода на мисла и изразување, без разлика на верската определба или неопределба.

Сега би сакала да го отворам прашањето на поврзаноста на Црквата со државата; поврзаност која е предмет на дискусија во секуларните држави. Ќе се задржам на два аспекти, прво, дали и на кои начини државата може да ја поткрепува Црквата, и второ, дали Црквата треба или може јавно да го споделува својот став за прашања од јавен интерес, па дури и за политички прашања. Само да напомнам, дека тука нема да се задржам на личното човеково право на свештенскиот клир, владиците или монасите како индивидуи да го изразуваат своето лично мислење во однос на јавни прашања, бидејќи од правен аспект, секоја индивидуа го ужива целокупниот спектар на човекови права, без разлика дали дома, во црква или во манастир, а секако во рамки на одредени ограничувања предвидени со закон.

Доктор М. М. Томас на кого реферирав на почетокот од моето излагање, вели дека подобро е за самите Цркви да се држат понастрана од државата и било какво ползување на моќ со цел да го задржат својот (свет) карактер. Дури и во политиката вели тој, хипотетички подобро е за нив да се инволвираат преку мултиетнички и мултирелигиозни политички партии, отколку преку партии исклучиво посветени на исповедувањето на една вера, бидејќи самите ќе се стават во опасност да бидат проголтани од своите лични интереси за сметка на останатите религиозни заедници.[30] За разлика од овој пристап, поврзаноста на Црквата со прашања од јавен интерес, било преку активности на своја иницијатива, а уште помалку преку политичките партии или јавните институции, е често и критикувана.

Јас лично би рекла дека одговорот на ова прашање не е кристално јасен или едноставен. Но, можам да кажам дека во разгледувањето на ова прашање, акцент може да се стави на улогата која ја имала Црквата во изградбата на државата и генерално во изградбата и поткрепата на општеството. Германскиот философ и социолог Јурген Хабермас вели дека либералната држава не смее да ги обесхрабри религиозните заедници да се изразуваат политички. Оттука, вели тој, Црквата не може да биде исклучена од јавната дебата во однос на прашања од јавен интерес.[31] Гилес Фрасер, британски свештеник и новинар, истакнува дека на Црквата не ѝ потребна посебна експертиза за да се може да се изразува политички. Тој додава дека идејата дека Црквата нема да понуди никакво искуство во однос на социјалните реформи, е навистина бизарна и дека Црквата никогаш не се откажала од својата обврска и посветеност да им служи на луѓето.[32] Во овој контекст, се поставува прашањето зошто Црквата не би можела или не би смеела да ги искористи медиумите како канал за комуникација, преку кој ќе ја прошири својата вистина и ќе допре до пошироките народни маси.

Жак Делор, француски политичар, кој во периодот 1985-1995 година служеше како претседател на Европската комисија, упати историски апел до сите Цркви во 1990 година пред Европската комисија, повикувајќи ги да го дадат својот допринос на Европската унија, односно „да допринесат во давањето срце и душа на ЕУ…“[33] Во 2015 година, Советот на европските цркви кој се состои од 115 православни, протестантски и евангелски цркви, упати отворено писмо до сите Цркви за нивната улога во одговорноста и справувањето со кризи во ЕУ. Истиот Совет една година подоцна, објави наслов на тема „Барање на правда и просперитет за нашата заедничка иднина во ЕУ“, кој се фокусираше на придонесот кој теологијата, економијата и политиката можат да го дадат во решавањето на кризите во ЕУ – организација која тие велат е доминирана од идеологијата на капитализмот за сметка на принципите на солидарност и правда.[34] Ова се надоврзува на апелот на Жак Делор, во смисла на тоа дека можеби токму тајната на човечкото постоење ќе го воспостави балансот во ЕУ, преку креирање на поредок кој ќе послужи на човековото постоење и ќе одговори посоодветно на човековите потреби. Интересен во овој контекст на пример, е фактот дека Англиската црква пред референдумот во Велика Британија за истапување од ЕУ, издаде т.н. молитва за референдумот со јавен апел до граѓаните да се молат како би донеле правилна одлука. Во целиот процес, Црквата официјално ја зачува својата неутралност.[35]

Неколку случаи од праксата на Европскиот суд за човекови права се однесуваат на односот помеѓу црквата и државата во секуларните општества. Овие случаи покажуваат дека државите чиишто уставен модел тоа го дозволува, можат да склучуваат договори за соработка со одредена Црква или Цркви; можат да предвидат посебен данок за Црквата доколку постои објективно и разумно оправдување за таквиот поволен третман; дека правниот режим на државата за регистрација и организација на религиозните заедници може да биде посебен, како на пример ослободување од данок, и државата, исто така, може да делегира одредени јавни задачи и функции на една или повеќе верски организации, при што делегирањето на такви задачи и функции и начинот на нивното финансирање се дискрециони прашања на државата.[36]

Врховниот суд на Америка во јуни 2017 година донесе одлука против државата, а во полза или одбрана на Црквата во Мисури. Имено, државата Мисури формирала државна програма, во рамките на која нудела грантови со секуларна намена. Црквата аплицирала за грант со цел да го реновираат игралиштето со кое таа располагала. Државата ја одбила апликацијата со образложение дека грантовите се наменети за организации кои не се од религиозен карактер. Врховниот суд пресуди дека, исклучувањето на Црквата од јавен бенефит, за кој инаку е квалификувана да го добие, е недозволиво и спротивно на уставните одредби. Ваквото поставување, вели Судот, е акт на директна дискриминација по основ на религиозен идентитет, а Општите принципи овде не дозволуваат дискриминација против исползување на религијата – било на игралиште или на друго место.[37] Ова се поклопува на некој начин со анти-дискриминаторскиот пристап на Европската Унија во одбирањето на партнерства за имплементација на политиките за развој. Имено, во периодот 2007-2016 година, 263 грантови биле дадени на верски организации, во вредност од 150 000 000 евра, односно околу 9% од целосниот буџет за Тематска програма за организациите на граѓанското општество (ГО) и локалните власти во рамките на Инструментот за развојна соработка.[38]

На крај, дозволете ми да споменам неколку интересни работи во однос на релацијата помеѓу шведската држава и националната Лутеранска црква. Сѐ до 1860-тите години, шведските граѓани имале законско право да ја напуштат националната лутеранска црква, само доколку одлучат да се придружат на друга верска организација, признаена и одобрена од државата. Дури во 1951 година, со таканаречениот Закон за религиска слобода, за првпат било предвидено правото на граѓаните да ја напуштат националната лутеранска црква, без притоа да мораат да се приклучат на друга верска организација или институција. Поделбата на црквата од државата се случила подоцна, во јануари 2000 година. Во тој момент, сите верски заедници добиле еднаков третман пред лицето на законот, а државата постанала неутрална во однос на верата. Граѓаните претходно станувале членови на црквата со самото раѓање, доколку едниот родител бил припадник на Лутеранската црква, а сега тоа правило е избришано, не постои. Одредени секуларни функции кои дотогаш ги извршувала Црквата ѝ биле одземени, како на пример, правото да собира и чува национални приватни податоци за граѓаните со кои сега управува Националната управа за даноци.[39]

Но, Црквата зачувала дел од своите историски привилегии и иако одвоена, добила специјален статус кој не е еднаков со статусот на ниедна друга црква во Шведска, а тоа е мешовитиот карактер на државно регулирана институција, но и на религиска организација. Па така, и до ден денес, црквата во Шведска е предмет на посебно законодавство, ја води целосната администрација на гробиштата и погребите и има целосна контрола врз грижата и заштитата на културното историско наследство на Шведска, односно на сите стари црковни објекти и имот кој ѝ припаѓа на Црквата. Државата финансиски ја потпомага не само Црквата, туку и сите верски заедници, под услов да бидат легално регистрирани, да овозможат делумна контрола од страна на државата и да ги признаат и поддржуваат фундаменталните вредности на кои се базира шведското општество, како на пример, половата еднаквост и недискриминација. Понатаму, верските заедници играат важна улога во справувањето со кризи и управување со итни случаи, улога која е признаена и финанскиски поддржувана од државата. Државната комисија за владина поддршка на верските заедници ги координира овие заедници во итни, кризни ситуации.[40]

Иако главниот принцип е дека ниедна верска заедница нема да одигрува значајна улога во водењето на државата,  и ова е уставен принцип, сепак со т.н. уредба за отцепување која е дел од Уставот, се предвидува дека претседателот на државата, односно кралот или кралицата, бидејќи Шведска е монархија, мора да бидат од чиста евангелска вера. Доколку, се вели, претседателот се приклучи на друга религија, мора да го напушти тронот. Принцезите и принцовите мораат да бидат израснати и воспитани во духот на евангелската вера.[41]

Со Уредба на Владата се предвидува дека државата може да делегира функции од јавен карактер на религиските заедници. Врз основа на клаузула во уредбата, браковите што ги склучува Црквата произведуваат правни последици, односно бракот склучен во Црква се смета истовремено и за граѓански брак.[42] Понатаму, во 2000 година шведската Влада основаше специјален Совет за комуникација меѓу религиските заедници, со кој претседава човек кој извршува јавна функција, односно тоа е Министерот на Владата одговорен за прашања кои ги засегаат верските заедници. Советот се среќава од три до четири пати годишно и дебатира прашања од заеднички интерес.[43]

Државата одлучува која заедница може да се регистрира како Црква и ги асистира овие заедници со собирањето на членарина и плаќањето данок на приход. Најинтересно е што државата нуди субвенции на Црквата и други верски заедници, но морам да напомнам, под услов да одбиваат секаква форма на расизам и дискриминација, исто како и насилство и бруталност. Од нив исто се очекува да дадат свој допринос во борбата за еднаквост меѓу мажите и жените. Вработените пак и членовите на Црквата треба да бидат водени од етички принципи, кои кореспондираат со фундменталните демократски вредности на општеството. Но, сепак, овие услови и барања не значат дека верата која конкретната Црква ја проповеда, мора по својата суштина да биде демократска и не значи дека вработените нужно мора да бидат одбрани во демократска процедура. Пример за споменатово: во Шведска, обрезувањето на жените, исто како и кошер и халал, измачувањето на животни, се смета за кривично дело, иако можеби овие две нешта кои имаат религиозен карактер се сметаат прифатливи во муслиманската вера. Државата не ги поддржува бидејќи тоа се коси со вредностите кои Шведска ги промовира и штити.[44] На крај, вреди да се спомене, дека кога Владата иницира реформи во секуларното законодавство, а кои можеби се и во интерес на Црквата, мнозинските верски заедници се секогаш слушнати. Пред да се поднесе било каков нацрт официјално до парламентот, Владата нужно ги дискутира овие реформи со верските заедници и го разгледува нивниот инпут. На пример, пред донесувањето на законот за еднополови бракови во Шведска во 2009 година, специјални сослушувања беа одржани со лидерите на најголемите и најзастапените верски заедници, со цел да се увиди и дискутира нивниот став во однос на ова чувствително прашање. Верските заедници дури формирале и група која ќе приготвува законодавни амандмани и таа група има право да присуствува на сите состаноци со правната институција, која директно е засегната од законот за чиишто амандамани се дискутира.[45]  

Оттука произлегува дека односот на црквата и државата во секуларното општество не значи дека Црквата како институција ќе постои и функционира во изолација од сите прашања од јавен интерес, и дека и во секуларни рамки на Црквата може да ѝ се понуди третман, што ќе соодветствува со улогата која таа ја одиграла во изградбата и сочувувањето на државата.

Со ова би сакала да го завршам моето излагање. Се надевам дека барем до одреден степен ја предизвикав вашата љубопитност, како би размислувале малку пошироко во однос на оваа тема. Религиозното образование не треба да биде табу тема во држава која промовира еднаквост, недискриминација и ги штити правата и слободите на човекот и граѓанинот, а Црквата не би требало да биде приморана да опстојува како невидлива и општествено бескорисна институција. Ви благодарам за вниманието!


[1] Марија Ангеловска, експерт во областа на меѓународното право, меѓународни односи и арбитража, фокус: човекови права, родова еднаквост и етничка разновидност. Предавање на научната средба, Европа, Секуларизмот и религиозното образование одржана во манастирот Свети Наум, Охрид, 02 јуни 2018 л. Г.

[2] Doctor Madathilparampil Mammen Thomas, Индиски христијански теолог, социјален мислител, активист и поранешен гувернер на Индиската држава Нагаланд.

[3] М. М. Томас, Мисијата на Црквата и пост-модерниот хуманизам (The Church’s Mission and Post-Modern Humanism), глава 3 ‘’Што значи да се биде секуларна држава: Критичка евалуација’’ (‘’Meanings of Being a Secular State: A Critical Evaluation’’), Christava Sahhya Samhhi (OSS), Tiruvalla, Kerela, and The Indian Society for Promoting Christian Knowledge (ISPOK), 1 Март 1996 година, достапна на https://www.religion-online.org/book/the-churchs-mission-and-post-modern-humanism/

[4] Едукација на Дланка 2017 ОЕЦД Индикатори (EDUCATION AT A GLANCE 2017 OECD INDICATORS), Статистика, Оддел за Едукација и Вештини, Државен профил за Ирска (Statistics Section, Department of Education and Skills, A Country Profile for Ireland), Табела Д1.3а: Време на настава по предмет во основното образование како процент од целокупното задолжително време на настава (Table D1.3a: Instruction time per subject in primary education 2016/2017 аs a percentage of total compulsory instruction time), стр. 17, достапно на https://www.education.ie/en/Publications/Statistics/International-Statistical-Reports/education-at-a-glance-oecd-indicators-2017-briefing-note.pdf

[5]  Религија во училишниот клас: Како земјите во Европа се справуваат со неа (Religion in the classroom: How other countries in the EU deal with it), 3 август 2016 година, достапно на http://www.thejournal.ie/religion-classroom-eu-examples-primary-divestment-2887905-Aug2016/ 

[6] Види фуснота 4

[7] Vicente Llorent-Bedmar & Verónica Cobano-Delgado, Настава по верско образование во јавните училишта во Скандинавските земји во Европа (The Teaching of Religious Education in Public Schools in the Nordic Countries of Europe), Канадски Центар за наука и образовен преглед на европските студии (Canadian Center of Science and Education Review of European Studies), Vol. 6, No. 4, 2014 година, стр. 53, точка 3.1. достапно на http://www.ccsenet.org/journal/index.php/res/article/viewFile/40381/23087

[8] Види фуснота 4 и 6

[9] Vicente Llorent-Bedmar & Verónica Cobano-Delgado, Настава по верско образование во јавните училишта во Скандинавските земји во Европа (The Teaching of Religious Education in Public Schools in the Nordic Countries of Europe), Канадски Центар за наука и образовен преглед на европските студии (Canadian Center of Science and Education Review of European Studies), Vol. 6, No. 4, 2014 година, стр. 53, точка 3.2. достапно на http://www.ccsenet.org/journal/index.php/res/article/viewFile/40381/23087

[10] Види фуснота 4. Исто, види Vicente Llorent-Bedmar & Verónica Cobano-Delgado, Настава по верско образование во јавните училишта во Скандинавските земји во Европа (The Teaching of Religious Education in Public Schools in the Nordic Countries of Europe), Канадски Центар за наука и образовен преглед на европските студии (Canadian Center of Science and Education Review of European Studies), Vol. 6, бр. 4, 2014 година, стр. 54, точка 3.3. достапно на http://www.ccsenet.org/journal/index.php/res/article/viewFile/40381/23087: ‘’ This recent subject is designed to initiate pupils into a detailed knowledge of Christianity and teach about other Christian denominations as well as other world religions and philosophies of life, and ethics. The principal objectives are also to promote and respect and understanding of Christian and human values as well as dialogue and understanding between people of different religious ideologies and philosophies of life. The country’s main interest resides in promoting a curriculum which would promote union, by means of religious beliefs, of the various ethnic groups that reside in Norway. This subject, which is aimed at all those pupils attending the country’s public schools without any pretensions to converting them, seeks to uphold the parents’ right to educate their children to according to their religious convictions and make decisions for their children in this share. It was precisely for this reason that a limited right to religious education was created (for example the right to remove a pupil during a period in which the course contents deal with particular topics).’’

[11] Stella Coglievina, Религиозно образование во Италијанските јавни училишта: простор за Исламот? (Religious education in Italian public schools: what room for Islam?), Stato, Chiese e pluralismo confessionale, Rivista telematica, бр. 29, 2017 година, стр. 3 достапно на https://www.statoechiese.it/images/uploads/articoli_pdf/Coglievina.M_Religious.pdf : Article 9 of the new agreement provides that teaching of Catholicism is now voluntary instead of compulsory. Furthermore, it should not discriminate, i.e. treat students who do not attend these lessons unfavorably (this principle, consecrated by the Concordat, was stated also by the Constitutional Court5 and reaffirmed in the legislative decree n. 297 of 1994). Therefore, it is organized by all State schools, but the pupils (or their families, in the first schools cycles) can choose not to attend it.’’

[12] https://www.thelocal.fr/20171020/the-fine-line-of-teaching-religion-in-frances-secular-schools: ’’…elements of religious studies have been included in geography, history, literature, arts and philosophy classes to “enhance understanding of our cultural heritage and the contemporary world.”

[13] Robert Long, Религиозно образование во училиштата (Англија) (Religious education in schools (England), House of Commons Library, бр. 07167, 7 јули 2016 година, достапно на file:///C:/Users/mariange/Downloads/CBP-7167.pdf

[14] Philippe Perchoc, Религија и Надворешните Политики на ЕУ: Зголемен ангажман (Religion and the EU External Policies – Increasing Engagement), стр. 26, декември 2017 година, достапно на http://www.europarl.europa.eu/pdf/divers/EPRS-IDA-614612-Religion-EU-external-policies-FINAL.PDF

[15] Европска Комисија, Специјален Евробарометер 225/63.1 (Special Eurobarometer 225 / Wave 63.1, European Commission), јануари- февруари 2005 година, стр. 9. Овие резултати се прилично слични со оние на Светкото Истражување на Вредности спроведено во 90-тите и 2006 година, разјаснето од страна на T. Pettersson во I. Svanberg & D. Westerlund, Религија во Шведска, стр. 34-38 од 2008 година.

[16] Vicente Llorent-Bedmar & Verónica Cobano-Delgado, Настава по верско образование во јавните училишта во Скандинавските земји во Европа (The Teaching of Religious Education in Public Schools in the Nordic Countries of Europe), Канадски Центар за наука и образовен преглед на европските студии (Canadian Center of Science and Education Review of European Studies), Vol. 6, бр. 4, 2014 година, стр. 55, точка 3.4. достапно на http://www.ccsenet.org/journal/index.php/res/article/viewFile/40381/23087

[17] https://www.skolverket.se/undervisning/grundskolan/laroplan-och-kursplaner-for-grundskolan/laroplan-lgr11-for-grundskolan-samt-for-forskoleklassen-och-fritidshemmet?url=1530314731%2Fcompulsorycw%2Fjsp%2Fsubject.htm%3FsubjectCode%3DGRGRREL01%26tos%3Dgr%26p%3Dp&sv.url=12.5dfee44715d35a5cdfa219f#anchor1  

[18] https://www.skolverket.se/undervisning/grundskolan/laroplan-och-kursplaner-for-grundskolan/laroplan-lgr11-for-grundskolan-samt-for-forskoleklassen-och-fritidshemmet?url=1530314731%2Fcompulsorycw%2Fjsp%2Fsubject.htm%3FsubjectCode%3DGRGRREL01%26tos%3Dgr%26p%3Dp&sv.url=12.5dfee44715d35a5cdfa219f

[19] Види фуснота 15 и Luce Pépin, Изучување на Религиите во Европските Училишни Системи, Политички Прашања и Трендови (Teaching about Religions in European School Systems Policy issues and Тrends), Network of European Foundations, Initiative on Religion and Democracy in Europe, 2009 година, стр. 84

[20] Проф. Д-р. Maarit Jänterä-Jareborg од Универзитетот во Упсала, Шведска, Религијата и Секуларната Држава: Национален Извештај за Шведска, изложен на 18-тиот Меѓународен Конгрес на Компаративно Право во Вашингтон, јули-август 2010 година, стр. 25, точка 10 (1)

[21] Види фуснота 19

[22] Проф. Д-р. Maarit Jänterä-Jareborg од Универзитетот во Упсала, Шведска, Религијата и Секуларната Држава: Национален Извештај за Шведска, изложен на 18-тиот Меѓународен Конгрес на Компаративно Право во Вашингтон, јули-август 2010 година, стр. 25-26, точка 10 (2)

[23] Види фуснота 21

[24] Совет на Европа/Европски Суд за Човекови Права, Водич за Толкување на Член 9, Слобода на мислење, совест и вероисповед, 2015 година, стр 31, точка 88

[25] Види фуснота 23

[26] Совет на Европската Унија, Упатства на Европската Унија за промоција и заштита на слободата на религија и убедување (EU Guidelines on the promotion and protection of freedom of religion or belief), Состанок на Советот за Надворешни Работи, Луксембург, 24 јуни 2013 година, стр. 2, точка C (9)

[27] Совет на Европската Унија, Упатства на Европската Унија за промоција и заштита на слободата на религија и убедување (EU Guidelines on the promotion and protection of freedom of religion or belief), Состанок на Советот за надворешни работи, Луксембург, 24 јуни 2013 година, стр. 9, точка 6 (40)

[28] Генерално Собрание на Обединетите Нации, Универзална декларација за човековите права од 10 декември 1948 година, член 26 (3) достапна на https://www.ohchr.org/EN/UDHR/Documents/UDHR_Translations/eng.pdf

[29] Повелба за фундаменталните права на Европската Унија востановена на 7. Декември 2000 година од страна на Европскиот парламентСоветот на министри и Европската комисија, член 10, достапна на https://eur-lex.europa.eu/legal-content/EN/TXT/HTML/?uri=CELEX:12012P/TXT&from=EN

[30] М. М. Томас, Мисијата на Црквата и пост-модерниот хуманизам (The Church’s Mission and Post-Modern Humanism), глава 3 ‘’Што значи да се биде секуларна држава: Критичка евалуација’’ (‘’Meanings of Being a Secular State: A Critical Evaluation’’), Christava Sahhya Samhhi (OSS), Tiruvalla, Kerela, and The Indian Society for Promoting Christian Knowledge (ISPOK), 1 Март 1996 година, достапна на https://www.religion-online.org/book/the-churchs-mission-and-post-modern-humanism/

[31] Види http://opinion.inquirer.net/101480/church-politics-modern-day-democracy

[32] Гилес Фрасер, Far from confining itself to matters spiritual, the church has a duty to get involved in politics, 2013 година достапно на https://www.theguardian.com/commentisfree/belief/2013/aug/02/confining-matters-spiritual-church-involved-politics

[33] Види https://www.irishtimes.com/opinion/churches-must-be-more-vocal-in-speaking-about-eu-successes-1.3149590

[34] Види фуснота 32

[35] Види https://www.theguardian.com/world/2016/apr/26/church-of-england-issues-eu-referendum-prayer-european-union

[36] Совет на Европа/Европски Суд за Човекови Права, Водич за Толкување на Член 9, Слобода на мислење, совест и вероисповед, 2015 година, стр. 41, точка 119-120

[37] Види https://www.washingtonpost.com/politics/courts_law/supreme-court-sides-with-religious-institutions-in-a-major-church-state-decision/2017/06/26/f6187a2a-5a13-11e7-9fc6-c7ef4bc58d13_story.html?noredirect=on&utm_term=.a41b5c414636

[38] Philippe Perchoc, Религија и Надворешните Политики на ЕУ: Зголемен ангажман (Religion and the EU External Policies – Increasing Engagement), декември 2017 година, стр. 11 достапно на http://www.europarl.europa.eu/pdf/divers/EPRS-IDA-614612-Religion-EU-external-policies-FINAL.PDF

[39] Проф. Д-р. Maarit Jänterä-Jareborg од Универзитетот во Упсала, Шведска, Религијата и Секуларната Држава: Национален Извештај за Шведска, изложен на 18-тиот Меѓународен Конгрес на Компаративно Право во Вашингтон, јули-август 2010 година, стр. 5-8

[40] Проф. Д-р. Maarit Jänterä-Jareborg од Универзитетот во Упсала, Шведска, Религијата и Секуларната Држава: Национален Извештај за Шведска, изложен на 18-тиот Меѓународен Конгрес на Компаративно Право во Вашингтон, јули-август 2010 година, стр. 7-10

[41] Проф. Д-р. Maarit Jänterä-Jareborg од Универзитетот во Упсала, Шведска, Религијата и Секуларната Држава: Национален Извештај за Шведска, изложен на 18-тиот Меѓународен Конгрес на Компаративно Право во Вашингтон, јули-август 2010 година, стр. 12-13

[42] Исто, стр. 13-14

[43] Исто, стр. 14

[44] Исто, стр. 16-17

[45] Исто, стр. 18