Созревајќи, стануваме помлади

„Созревајќи, стануваме помлади“ – овие зборови искажани од еден од најголемите писатели на XX век кој покрена вистинска револуција помеѓу младите луѓе во Европа и Америка, Херман Хесе, на прв поглед можат да ни изгледаат многу чудни. Некои од неговите романи – Демијан, Степскиот волк, Нарцис и Златоуст или Играта со стаклени мониста, ми се чини дека имаат неминлива вредност, или бар сè додека младиот човек поминува низ неизбежната адолесцентска криза, а потоа и кога си ги поставува самиот на себе и на другите прашањата за смислата на животот.

Иако сум склон кон тоа да ги делам луѓето на атеисти, агностици и теисти, во основа сметам дека секој човек е сè ова во исто време. Во еден период од животот човекот е убеден атеист, во некој друг негов дел почнува најпрвин површно, а потоа сè подлабоко да се сомнева, а во некоја трета фаза, пак, од својот личен живот, доколку секако, не остане траен скептик, тој станува теист. Ова раздвојување на три периоди од човековиот живот (младост, средно доба и старост), колку и да се чини логично и природно, не мора да биде така. Од психолошка перспектива, човекот може само во текот на еден ден да ги промени трите вакви животни определби и на крај со ниту една да не биде задоволен. Зарем е можно некој кој стекнал навика да размислува и со разумот и со умот, да се задоволи и да остане мирен во текот на целиот свој живот – како атеист, агностик или теист?


Човекот што е склон кон контемплација, мисловно набљудување или кон молитва – а секој човек потенцијално во себе носи суштинска потреба за сите овие три вида на сознание – е доживотен пример за колебливост помеѓу богоборството и богобарањето. Практично, сиот свој краток или долг животен век, човекот го минува во свесна, потсвесна или несвесна борба помеѓу откриената смисла на животот (но, само доколку е „на пат на зрелоста“), и Непознатиот Кој ја исполнува неговата неоткриена смисла. Но, ниту откриената, ниту неоткриената смисла на животот, не се доволни да му обезбедат траен мир, па дури и трајна смиреност и смерност на мислителот (и не само нему). Зарем теистот, кој активно го живее својот теизам, не си ги поставува прашањата за потеклото на болката, страдањето, смртта и секако за потеклото на злото во светот и во човекот?! Зар таканаречениот теист не е постојан бунтовник и борец за поправеден живот и помирно очекување на смртта?! Зар Волтер, Жан-Жак Русо, или Албер Ками беа атеисти? Или големите руски писатели, Достоевски и Толстој, беа секогаш теисти?! Намерно тука не ги споменувам христијанските светители од сите векови, кои, исто така, беа (речиси совршени примери) за богоборци и богобаратели во исто време. Колку многу години требаше да поминат за еден Августин да стане „блажен“! А блажени и свети нели можеа да станат и Боетиј, Декарт, Спиноза, но и Кант, Кјеркегор, па дури и несреќниот Ниче?!

Да се вратиме на Херман Хесе, кој е сигурно еден од најсилните маченици на мислата и емоциите, искрен и длабок борец за смислата, кој постојано се колебал помеѓу богоборството и богобарањето, помеѓу Христијанството и таоизмот, помеѓу Нарцис и Златоуст.

Што, всушност, значат зборовите на Хесе: „Созревајќи стануваме помлади“? Проблемот на созревањето на личноста, нејзината интеграција, индивидуација/обожение е траен процес што никогаш не завршува, па колку долго и да живее човекот. Со еден збор, потполно созревање или интеграција на личноста не постои и никој не ја достигнал, па макар и да се викал Њутн, Ајнштајн, Кант, Хајдегер, Достоевски, Толстој.

Човекот созрева (ако созрева), физички, емотивно (емотивна интелигенција), интелектуално (со разумот и умот), духовно, низ борбата помеѓу богоборството и богобарањето. А совршенството кое Христос го бара од човекот – богопознанието, разбирањето и разјаснувањето на животните загатки – останува тајна за сите. Но, што е она што сепак, во нас созрева? Тоа е откровение од Светиот Дух.

Што е она што ја прави верата значајна? Откриениот или оживеаниот Дух во човекот. Единствено Духот во човекот е секогаш млад, бидејќи е вечен и бесмртен. Телото венее, емоциите со тек на време слабеат, интелектот попушта – со еден збор, душата во човекот се изморила. Помеѓу телото, душата, Духот, само Д(д)ухот во човекот е бесмртен и млад.

„Созревајќи стануваме помлади“, не значи ништо друго, освен тоа што откривајќи го (обновувајќи, дополнувајќи и обединувајќи го) Духот во себеси, го откриваме не само патот кон зрелоста, туку ја наоѓаме и смислата на живеењето која е во трајната младост на Духот; само Духот може да ни ја открие вечноста на животот и минливоста на смртта, обелоденувајќи ни ја бескрајната Убавина, Добрина и Вистина за Универзумот, Земјата и човекот. Да појдеме кон бескрајното пространство на Божјата нива – обработувајќи ја.


Извадок од книгата: Владета Јеротић, Човек на путу зрелости, Београд 2018.